Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Ослободен мафијашот кој го уби судијата Фалконе

Ослободен мафијашот кој го уби судијата Фалконе

 

Сицилијанскиот мафијашки кум Џовани Бруска, за кого се вели дека е еден од најкрволочните криминалци, меѓу другото и затоа што има наредено мртвото тело на 11 годишно дете да се уништи со силна киселина, е ослободен од затворот во Италија, откако во затворската ќелија помина 25 години.

Самиот има признаено дека бил замешан во над 100 убиства на Сицилија и низ Италија. Најголемото меѓу нив и најпознато, затоа што ја шокира Италија и Европа, е убиството во атентатот врз главниот италијански обвинител за борба со мафијата, Џузепе Фалконе.

Излегувањето од затвор на Бруска кој сега има 65 години, предизвика остра реакција на италијанската јавност и гнев кај блиските на неговите жртви, посебно на сите кои беа убиени во атентатот на Фалконе, кога покрај него беа убиени и неговата сопруга и тројцата телохранители.

Главниот на Коза Ностра

Кога Бруска беше конечно уапсен, стана поткажувач на обвинителите и прифати да соработува во откривањето и фаќањето на другите мафијашки босови. Помогна да се расветлат многу дотогаш неразјаснети убиства извршени од мафијата, па така, наместо, очекуваната доживотна казна, доби затворска казна која истече деновиве.

Сепак, не е целосно на слобода – неговото пуштање е условно и така ќе трае во следните четири години.

Пред околу 30 години, пред да биде откриен и уапсен, Бруска важеше за клучниот човек на најмоќната мафијашка организација Коза Ностра, за која се тврдеше дека (практично) владее со Сицилија.

Во 1992 година, по негова наредба членови на неговата мафијашка организација поставија моќна бомба на автопатот пред влезот во Палермо, по кој патуваше со автомобил судијата Фалконе. За неговото убиство беа употребени дури 500 кг. експлозив.

Суровоста на Џовани Бруска

Само два месеци подоцна, брутално беше убиени и соработник на Фалконе, судијата Паоло Борселино, што предизвика гнев и силно бранување низ Италија, која се соочуваше со заканата да биде управувана од разните мафијашки организациии и групи, често поврзани со делови од власта.

Убиствата на двајца угледни судии, директно вклучени во борбата со мафијата, во само 60 денови, резултираше со конечното донесување на мошне строги анти-мафијашки закони.

Бруска беше уапсен во 1996 година. Покрај убиството на брачната двојка Фалконе и на судијата Борселино, овој мафијашки кум ќе остане запаметен по суровоста изразена во случајот со 11 годишниот Џузепе ди Матео.

Станува збор за син на еден од мафијашите на Бруска за кој организацијата разбрала дека ги има предадено кумот.

Како одмазда за стореното предавство, Бруска прво го има грабнато детето, а потоа затворено и изложено на тортура. На крајот несреќното момче било задавено, а неговото мртво тело полиено со силна киселина, за да биде уништено. Само за да неговите родители не можат да го погребаат.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе