Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Ердоган го урива Ататурк на Таксим

vadim.rodnev/Depositphotos.com

Ердоган го урива Ататурк на Таксим

Плоштадот Таксим во Истанбул, едно време главниот трговски центар на овој град, но и своевиден симбол на турската република и на современа Турција, покрената од Кемал Ататурк, целосно се редизајнира, по налог на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Во основа, во тоа нема ништо лошо, но зад архитектурата има многу идеологија и многу политика, затоа што градежните машини уриваат и знаменитости кои се директно поврзани за времето на ататурковата република, за да се подигне, а сега веќе и да се отвори уште една нова џамија.

За турските секуларисти тоа е само уште еден знак дека Ердоган го потиснува, но практично и го урива делото на Ататурк, што за оваа земја е многу повеќе од едно урбанистичко решение за најголемиот турски град.

Уривање на републиканска Турција

По четири години забрзана изградба, сегашниот турски претседател, неодамна, ја отвори Таксим џамијата. Нејзината изградба е едно од ветувањето што претседателот им го има дадено на исламистите и на своите гласачи уште пред изборите од пред десет години. Но, со тоа ветување не е опфатена само џамијата, туку и уривањето на низа стари згради кои за архитектите и историчарите имаат историска вредност што, според нив, земјата и градот треба да ги сочуваат.

Познатиот културен центар Ататурк е урнат пред три години, за да се подигне нова зграда за операта.

Требаше да се растури и знаменитиот парк Гези, за да на тоа место се обнови воена касарна од времето на Османлиската Империја. За домашната јавност ова беше контроверзен проект, кој во 2013 година предизвика силни протести, што со  насилна полициска интервенција беа сузбиени. Касарната – сепак, се уште не е изградена.

Во една таква атмосфера за и околу плоштадот Таксим, турските аналитичари во сето ова гледаат добро смислена политичка манифестација , затоа што, велат,  новата џамија, па уште и на тоа место, е сосема непотребна. Особено што според нив,  таа треба само да му служи на режимот, како симбол за неговата моќ.

Потиснување на секуларизмот

„Станува збор за манифестирање на националистичките и конзервативните позиции врз кои се потпира власта на Ердоган“ – објаснуваат овие аналитичари, инсистирајќи дека тој продолжува со политиката за “потиснување на симболите на секуларна Турција“ и за користењето на градежните проекти како некаков идеолошко – религиозен симбол во кои доминираат османлиските и селџучките мотиви.

Последниве години,  својата моќ и бескомпромисност на внатрешната политичка сцена, Ердоган ја манифестира низ ваквите проекти – па за кусо време – во 2019 и сега, две години потоа, се отворени две, новоизградени џамии, а во меѓувреме, во минатата 2020 година и покрај бројните апели на меѓународната јавност, тој ја „освои“ и Аја Софија.

Најголемата средновековна катедрална христијанска црква од византискиот период, која во османлискиот период беше џамија, а Ататурк нареди таа да се претвори во музеј – Ердоган одново ја претвори во исламски верски објект – демонстративно присуствувајќи на првата петочна молитва.

Битка на две идеологии

Се смета дека  ваквите  потези се предвидени за да бидат симбол на ердогановата моќ и за да извршат влијание врз јавноста – а, тоа значи врз турските гласачи. Затоа што анкетите за расположението на луѓето откриваат дека се намалува поддршката на таквата апсолутна власт. Владата ја нема поранешната поддршка, па наместо тоа на политичката сцена се појавуваат низа проблеми кои досега беа потиснувани.

Битката на двете идеологии – секуларната, каква што ја има покренато Ататурк и исламската која од почетокот на својата власт, ја наметнува Ердоган, сега се прекршуваат на Таксим, со планот на шефот на државата тој да се видоизмени онака како што самиот има замислено.

За архитектите и за културните творци на овој град тоа е недопустливо, затоа што плоштадот е историско место.

Во време на Османлиите таму бил центарот од каде се дистрибуирала водата низ целиот град. Таксим е прогласен од порано за заштитена зона поради низа објекти кои го симболизираат републиканскиот карактер на Турција. Меѓу другите, таму е и „Споменикот на Републиката“ со кој се одбележува создавањето на современата турска држава, во 1923 година.

„Трн во очите на националистите“

На другата страна е Ердоган, кој со своето инсистирање за истакнување на османлиското минато, ја  потиснува во втор план  веќе создадената долга традиција на новото време- на турската република.

Домашните секуларисти подолго време остро се противат и на вкупната исламизација во земјата, па затоа велат дека  сето ова околу плоштадот не е изненадување, затоа што Таксим, со својата симболика, како локација што се врзува за Ататурк  и за модерна Турција, од секогаш бил „ трн во очите“ на националистите, на исламистите и на конзервативните сили.

Излегува така дека овој истанбулски плоштад е претворен во некакво „бојно поле“ – уште повеќе што таму е лоцирана и една црква – црквата на Светиот Дух.

Ердоган, некогашен градоначалник на Истанбул, сето ова го има ставено во своите мегаломански и грандомански проекти. Каков што се смета и третиот мост преку Босфор, изграден и покрај бројните протести на еколозите и на турската опозиција.

Турскиот претседател, меѓутоа, не само што не попушти на притисокот, туку на мостот му го даде името на контроверзниот калиф и султан Селим Први, познат по тоа што има извршено масакар врз алевитите во 16 век. Муслиманска секта блиска на шиитите која Ердоган ја има забрането во денешна Турција.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе