Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Џонсон најде сојузник во ЕУ – Орбан

Ale_Mi/Depositphotos.com

Џонсон најде сојузник во ЕУ – Орбан

Унгарскиот премиер Виктор Орбан беше и си замина од Лондон, каде престојуваше во еднодневна службена посета на Велика Британија, предизвикувајќи бројни контроверзии во британската политичка јавност, протести пред Даунинг стрит и гнев и незадоволство во Будимпешта – од унгарската опозиција и тамошната демократска јавност.

Беше тоа една од ретките посети на Орбан во некоја странска земја, ако не се сметаат средбите што повремено ги има со лидерите на средноевропската Вишеградска четворка (и со Словенецот Јанез Јанша).

Лондонските разговори со британскиот премиер Борис Џонсон, беа ретка можност на десничарскиот, националистички и популистички определен политичар да дојде и да разговара со некого на Западот од Европа, кога веќе не може со своите „природни“ партнери – лидерите на некоја од земјите во ЕУ.

Излез од изолација

Уште кога беше најавена посетата, Џонсон и владата се најдоа на остра критика на домашната демократска, либерална јавност и на целата британска опозиција.

Основната забелешка беше дека на Британија, сега кога е надвор од ЕУ и изолирана – политички и епидемиолошки – од другите на континентот, не и треба – нејзиниот премиер да се среќава со политичката “црна овца“ во Унијата. Со еден политички лидер кој заедно со неговата Фидес партија се исклучени и од блокот на европските десно – центристичките партии (ЕПП), каде едно време припаѓаше и конзервативната партија на Борис Џонсон.

Особено не пред претстојниот Самит на лидерите на групата Г – 7 што ќе се одржи на британска почва и кој се оценува како шанса на Лондон да не остане на островот, изолиран од Европа и во услови на постојани нервозни несогласувања со ЕУ, или со некого од Унијата.

Токму овој Самит е можност Џонсон да се сретне со лидерите на европските лидери од ЕУ кои се дел од групата и да поправи нешто во односите со нив.

Одбраната на Лондон

Затоа и се смета дека во една ваква позиција на Британија – која ја засилува, но и ја затскрива ситуацијата со глобалната пандемија – последната работа што му треба на еден Џонсон е сојузник, пријател, или политички партнер да бара и да наоѓа во Виктор Орбан.

Даунинг стрит 10 се обидува да се оправда од критиките со објаснувањата во стилот дека Унгарецот неколку месеци притискал да допатува во британскиот главен град и да има средба со премиерот на Обединетото кралство.

Се тврди дека треба да се има некоја многу голема причина за да се одбие посета на лидер на земја од ЕУ (со која Британија има пост – Брегзит договор), а посетата се оправдува и со тоа што гостинот од Будимпешта е актуелен претседавач на Вишеградската четворка, со која одамна, пред таа да стане дел од ЕУ, во времето на Тони Блер, Британија имаше мошне блиски врски.

Конечно, британската страна се брани дека официјален Лондон има примано во посета и други политички лидери со кои не била политички истомисленик и со кои не ги делела истите политички и демократски вредности.

Исламофобија и расизам

Тоа треба да биде и објаснувањето дека Џонсон во разговорите со Орбан изразил “сериозна загриженост“ за некои од неговите позиции кои тој ги има истакнато и непосредно пред да допатува во Британија – против миграцијата и мигрантите, како и својата нескриена исламофобија и расистичка омраза кон муслиманите и кон сите нехристијани – нарекувајќи ги грубо “освојувачи“ на Европа.

Сепак, Орбан беше во посета на Лондон и го исполни својот план. Тоа го направи и Џонсон во своето настојување да ја увери домашната јавност дека и надвор од Брегзит – работите се онакви какви што беа, а Британија и натаму е партнер и политичка локација која треба да се респектира во меѓународните односи.

Таа слика за Лондон – дека надвор од ЕУ Британија ќе биде и посилна и пореспектабилна – од порано, брегзитерите и англиските националисти ја градат уште од времето на кампањата за референдумот за ЕУ и посебно во текот на долгите, тврди и мачни преговори со Брисел, за правење на пост – брегзит договорот со ЕУ.

Надвор од ЕУ – надвор од Европа

Така, меѓутоа, не мислат оние кои потрезвено и без популизмот на Џонсон гледаат на работите.

За нив, Британија во минатата, а и во првата половина од оваа година е во (политичка) изолација, што е последица на Брегзит, која уште повеќе е засилена со заминувањето на Доналд Трамп од Белата куќа. Британија, секако, ќе остане и натаму да биде она што беше, но таа – се поочигледно е – не е и не може да биде политички фактор во Европа. Тоа може да биде само доколку влезе во сојузништво со ЕУ, а засега, Џонсон тоа не го прави, затоа што не го сака, додворувајќи им се и натаму на англиските антиевропејци.

Затоа, Орбан дојде и беше примен како (безмалку) идеален другар за британскиот премиер.

И Унгарецот е во длабока изолација – многу поголема од британската. Важи за евроскептик, го подржуваше британскиот Брегзит, но не му паѓа на памет да замине од ЕУ, националист е и популист – како и Џонсон – „удира контри“ на Брисел, како што тоа го правеа и Британците, кога постојано нешто приговараа додека беа членка на Унијата.

Проблем би требало да биде што Орбан е контра и некои од основите што ја чинат денешна Британија. Како неговиот расизам, па анти – муслиманството во земја каде градоначалник на Лондон и министерка за внатрешни работи, на пример, се муслимани.

Русија и Кина

На ова конто се става и неговото тврдо спротивставување на ЛГБТ заедницата, исклучително моќна во Британија, како и орбановата блискост и сојузништво со путинова Русија и со Кина.

Орбан е исклучително близок со Москва со која (велат) има политичко – економски зделки, меѓу кои се и одбраната на руските позиции во Западен Балкан, извршувајќи за руската страна низа валкани работи, што ги има почувствувано и Македонија. Некои европски аналитичари го опишуваат како “тројанскиот коњ“ на Русија во ЕУ.

Тој е силно врзан и за Кина. со која има зделки – заедно со Србија и сам, од милијарди евра. Главно во инфраструктурата и транспортот.

Она што во Лондон им пречи на критичарите на орбановата посета е токму сојузништвото со Москва, што е директно спротивставено на британските тврди позиции кон Русија и Кремљ по сите основи, како и одбраната на кинеските позиции во Азија и во Хонг Конг.

А, тоа би требало максимално да го налутат Лондон кој и натаму има свои политички и секакви други интереси во тој реон на светот. Токму Орбан, на два пати, има ставено вето на резолуциите на ЕУ со кои се осудува кинеското задушување на автономијата на Хонг Конг.

Постигнати цели

Не се знае дали Џонсон, во разговорите со Орбан во Даунинг стрит 10 го прекорил Унгарецот за дел од овие негови лупинзи, а посебно за одбраната на „братот Си“ поради одземањето на досегашниот статус на Хонг Конг уреден во 1997 година, при повлекувањето на Британците од оваа нивна прекуморска територија на кинеска почва.

Малкумина веруваат дека „загриженоста“ на Британецот отишла толку далеку.

Впечаток е дека главното е постигнато. И на едниот и на другиот им беше потребно да им покажат на своите гласачи – а, тие се исти по својот политички габарит и во двете земји – дека животот тече и натаму – дека нема збор за некаква изолација и дека се е исто како и порано. А, ЕУ е добра тогаш кога ќе им затреба и на двајцата.

Борис Џонсон, притоа, не се возбудува премногу за обвинувањето на домашната лабуристичка опозиција дека посетата на Орбан е „неморален политички гест“. Како што Унгарецот не се возбудува од лутината на неговата опозиција што официјален Лондон, практично, му помага за да се прикажува дома како некаков респектабилен европски политичар.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе