Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Јанша за „балканизација на ЕУ“ и за решение за Косово

paulgrecaud/Depositphotos.com

Јанша за „балканизација на ЕУ“ и за решение за Косово

Словенечкиот премиер Јанез Јанша два дена престојуваше во Брисел, во рамките на промоцијата на претстојното претседавање на Република Словенија со ЕУ, што започнува на 1 јули.

На средбите во Европскиот Парламент, со претседателот Давид Сосоли и со лидерите на сите парламентарни групи, Јанша ги има соопштено главните насоки на словенечкото претседателство, при што враќањето на процесот на проширувањето на ЕУ и вклучувањето на сите од Западен Балкан во Унијата – се најавени како приоритети на владата во Љубљана. Заедно со санацијата на европската економија од последиците од пандемијата.

Неговите силни заложби за обнова на замрениот процес за прием на нови членки, всушност, се совпаѓаат со позицијата на Германија и на нејзиното претседателство со ЕУ што заврши на 31 декември. Затоа во Љубљана велат дека Словенија сака да продолжи таму каде застана Германија.

Софија против европската стратегија

Безмалку пред една година, канцеларот Ангела Меркел во обраќањето пред европарламентарците порача дека е постигната општа согласност за ревитализација на тој процес, со вклучувањето на земјите од Западен Балкан на европскиот пат. При тоа, таа тогаш го најави и почетокот на преговарачкиот процес со Република Северна Македонија, за што постоеше „зелено светло“ од Европскиот совет (што го сочинуваат лидерите на сите земји – членки), оставајќи резерви околу можноста – заедно со Скопје, на тој пат да се најде и Тирана.

Како сега стојат работите, Португалците кои ја наследија Германија на ротирачката претседателска функција, се борат со Бугарија за да обезбедат одблокирање на ветото на Софија воведено, токму по излагањето на Меркел за да не се случи – Тирана да тргне на патот кон ЕУ, но сама, без Македонија.

Бугарската страна неочекувано им зададе удар со нож во грбот на македонските, европски амбиции, измислувајќи ги „историските прашања“ и уште и „ревизијата“ на македонската национална посебност (различна од бугарската), како некаков услов што треба да се исполни пред почетокот на преговарачкиот процес.

Одблокирање на блокадата?

Станува збор за постапка што досега се нема случено во историјата на ЕЕЗ/ЕУ и на процесот на проширувањето, затоа што тоа не е, а ниту може да биде услов за да почне преговарачки процес за влез во Унијата на некоја земја – кандидат. Особено ако таа, како Македонија, ги има претходно исполнето сите услови што Брисел и ги има поставено.

Во таа и таква атмосфера – кога една балканска земја членка, примена во 2007 година (со задршка и резерва) – свесно ја блокира европската стратегија за вклучување на регионот во ЕУ, се појавува Љубљана со планот да го покрене она што на Берлин не му успеа, откако Бојко Борисов и софиската влада, лани во јули, ги понижија Меркел и германското претседателство.

Премиерот Јанша од сега најавува за октомври, неформален Самит на лидерите на ЕУ со лидерите од Западен Балкан на кој би се разгледале состојбите во регионот, со преземање чекори за забрзување на процесот на проширување на Унијата.

Неформален Самит во октомври

На ваквиот Самит не би се разговарало за промена на постоечките граници, како што тоа во последно време се зборува во бројните анонимни нон – пејпери кои „шетаат “ низ регионот, туку само за европската перспектива на Западен Балкан.

Според Јанша – „стратешки е мошне важно да бидат вклучени сите партнери од Западен Балкан во ЕУ, затоа што само на тој начин Европа ќе разреши низа проблеми – од имиграцијата, до злоќудното мешање на геополитичките противници (Русија, Кина и Турција).

Во Брисел, словенечкиот премиер рекол дека после низа години од последниот прием на нови членки (Хрватска во јули 2013 година) процесот на проширување на Унијата е застанат – не само поради состојбите во регионот, туку и поради состојбите во самата ЕУ. која прво се соочување со финансиската криза, па со имигрантската по напливот на бегалци и мигранти од Блискиот и Средниот Исток и од Африка, а последниве 15 месеци и со глобалната пандемија.

Сите од регионот во ЕУ

Јанша, меѓутоа, смета дека затоа сега е време проширувањето да се врати во фокусот на Унијата, иако признава дека тоа не е работа од денеска, за утре, затоа што треба да се постигне консензус во самата ЕУ, а тоа не секогаш оди лесно и брзо.

Како и да е, Словенија силно се залага токму на потребата од обезбедувањето консензус од сите земји – членки – за прием и влез во Унијата на сите од регионот на Западен Балкан, како и со почеток на разрешување на косовското прашање, така што на него ќе се работи за да се стигне до решение.

Неговите силни заложби за интеграција на регионот во Европа, што ги има изразено како во разговорите со евро – парламентарците, како и во неколкуте дадени интервјуа, предизвикаа некои од западноевропските медиуми да забележат дека словенечкиот премиер заговара “балканизација на ЕУ“, како и „распетлување на косовскиот чвор“.

Одговор на предизвиците

Но, Јанша сепак смета дека Европа мора да се зафати со Балканот, со неговите состојби и над се, со неговите европски перспективи.

Тој забележува дека последниве години Унијата се има проширено на земји кои – задолжително – не ги делат сите вредности на ЕУ.

Затоа, Јанша смета дека проширувањето на Унијата мора да биде нејзиниот “стратешки одговор на бројните предизвици со кои таа се соочува“ – а, пред се, на странското влијание врз соседите на Истокот од континентот.

„Доколку проширувањето беше високо на европската агенда, ЕУ ќе беше во подобра позиција од онаа што ја има сега. Затоа мораме (како ЕУ) да се фокусираме на Западен Балкан, затоа што токму ЕУ е решението за проблемите на државите во регионот. Како што беше и за Словенија, кога влегуваше во членство на Унијата“ – има речено Јанез Јанша за бриселскиот влијателен портал „Политико“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе