Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Ковид е приказна за плашење деца“!

Wirestock/Depositphotos.com

„Ковид е приказна за плашење деца“!

Поранешниот главен советник во Даунинг стрит 10 – Доминик Камингс, едно време и политички истомисленик и сојузник на Борис Џонсон, остро го нападна британскиот премиер дека е „неспособен да управува со Британија“ во услови на криза.

Некогашниот најблизок соработник на премиерот, директно го обвини Џонсон дека е виновен за „илјадници непотребно загубени животи“ на почетокот од пандемијата со коронавирусот, затоа што во тоа време целосно го има потценето вирусот, зборувајќи им на соработниците  дека „Ковид е приказна за плашење деца“.

Неприфаќање на советите од експертите

Во текот на седумчасовното сведочење пред парламентарната комисија за здравство и за социјални прашања, Камингс тврди дека во тоа време, премиерот Џонсон – пред и самиот да се зарази и едвај да се спаси од Ковид – 19 – инсистирал дека не треба да се крева паника.

Според Џонсон, немало ништо страшно со короната, па упорно ги одбивал предлозите на експертите и на епидемиолозите за потребата од итно воведување карантин во земјата и на заштитни мерки за одбрана на луѓето од пандемијата која забрзано се ширеше низ Британија.

Камингс сега тврди дека премиерот ги одбивал експертските сугестии да се воспостави строга, гранична санитарна контрола, како што тоа тогаш веќе го имаа направено другите европски држави. Па, затоа,  го споредува Џонсон со ликот на градоначалникот од малиот остров во САД, од филмот „Ајкула“ кој жртвува луѓе – туристи, пред нападите на убиствената ајкула, само за да ја спаси туристиичката сезона и да ја зачува својата функција.

„Поради еден ваков премиер, умреа без потреба на илјади луѓе, а не требаше да починат„ – рекол пред комисијата Камингс.

Џонсон како Трамп

Пред крајот на 2020 година овој советник на Џонсон беше присилен да поднесе оставка, откако се најде во центарот на скандалот врзан за меѓусебните пресметки во кабинетот на премиерот, во борбата за доминација, при што овој се определи да го жртвува Камингс за да има “мир во куќата“.

Со едно вакво сознание, сегашниот жесток напад,  делува  како реванш и  одмазда кон поранешниот шеф, без разлика што мнозинството Британци ќе се согласат дека  Џонсон сноси вина за своите постапки на почетокот од епидемијата- затоа што тогаш се однесуваше  како поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Ја негираше тежината на пандемијата и заговараше некаков колективен имунитет во ситуација кога бројот на заразените и починатите добиваше загрижувачки размери, па здравствените експерти предупредуваа дека во такви  услови не може да се  постигне колективен имунитет.

Според тоа, одговорност на Џонсон постои, но околу тоа лондонските весници кои на сведочењето на Камингс во Парламентот му даваат голем публицитет, се поделени. Оние кои  се блиски и  се приврзани на актуелниот ториевски премиер, секојдневно величајќи ја неговата улога во текот на вакцинацијата – се согласуваат дека екс советникот – се одмаздува.

„Лавови“ и „магариња“

Но, во оваа прилика тој, пак,  прави се да се издвои себе си од грешките на Даунинг стрит 10. Па, во текот на сослушувањето, дури и им се извини на блиските на сите жртви (од тоа време), жалејќи што бил дел од тимот на еден таков премиер, оддавајќи им притоа  признание на лекарите и на медицинскиот персонал за борбата со пандемијата.

„Додека, сите тие луѓе , во деновите на почетокот од епидемијата беа – „како вистински лавови“ – жалосно е што беа водени од – едни „обични магариња“ – има речено Камингс.

Освен за лошото справување со пандемијата (прв пат Британија има воведено локдаун, дури на крајот од март), поранешниот прв советник на премиерот, прв пат досега го има нападнато Џонсон и за – како што рекол – хаосот што го има создадено во својот кабинет.

Инсистирајќи притоа дека хаотичната ситуација – премиерот и ја посакувал, за да може преку неа да управува со своите луѓе – при што, секој морал да гледа во него – „за да се види и да се знае кој е главен во Даунинг стрит 10“.

Одмазда на екс советникот

За  Доминик Камингс тоа е  главната лоша особина на актуелниот британски премиер.

Станува збор за самобендисаноста и ароганцијата, поради што, некогашниот советник смета дека Џонсон- таков каков што е-  не може да ја води Британија.

Едноставно, тој не прифаќа дека некој може да знае повеќе и дека во некои ситуации е потребно да се слушаат и други мислења.

„Наместо така да се однесува, актуелниот премиер верува дека е исправно само она што тој го има замислено“ – има речено неговиот поранешен советник, во текот на сослушувањето пред членовите на комисијата за здравство на Парламентот во Лондон.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе