Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Папата лут на медиумите во Ватикан

MattiaATH/Depositphotos.com

Папата лут на медиумите во Ватикан

Папата Франциско налутено им порача на вработените во медиумите на Ватикан – да работат многу подобро од досега и да ја заслужат платата што ја добиваат, предизвикувајќи на тој начин големо изненадување, не само меѓу луѓето во Светиот стол, туку и во меѓународната јавност.

Особено што во текот н посетата на Канцеларијата за медиуми и за односи со јавноста на Ватикан, папата ги прекорил и медиумите и новинарите за она што го прават – прашувајќи ги отворено – кој воопшто ги чита нивните вести!

Финансиски проблеми

Колку што се знае ова е прв пат досега еден поглавар на католичката црква – јавно и крајно отворено – да го покрене прашањето за тоа како работат и што им нудат на читателите и на радио слушателите ватиканските медиуми и луѓето во нив. Потсетувајќи притоа дека Канцеларијата што ја има посетено – го чини буџетот на Ватикан повеќе пари од оние што се издвојуваат за одржувањето на сите амбасади на Светиот стол, низ светот – заедно.

Франциско беше во посета на оваа важна Канцеларија за Ватикан, по повод 90 годишнината од работењето на ватиканското радио и 160 годишнината од излегувањето на првиот број на весникот „Осерваторе Романо“.

Но, наместо посетата да биде свечарска, папата се определил да ја искористи оваа прилика за да го покаже своето незадоволство од тоа како работат медиумите чиј сопственик е Ватикан, барајќи од нив да бидат поодговорни во сегашниот медиумски пејасаж, како во католичкиот, така и во светот воопшто. Посебно сега, кога не се сокрива дека Светиот стол се соочува со финансиски проблеми.

„Колкумина го читаат Осерваторе Романо“

Во ситуација кога е забележан кусок во пензискиот фонд и дефицит на буџетот за оваа година, од над 50 милиони евра, папата има наредено да се намалат платите на сите вработени во Ватикан – црковните и световните лица – од три до 10 отсто и на две години ја запрел исплатата на бонусите за стаж.

Речено е дека, сепак, никој нема да биде отпуштен од работа, за да се покрие загубата и за да се санира финансиската криза, што е предизвикана од пандемијата со коронавирусот, поради драстичниот пад на приходите од продажбата на влезниците за ватиканските музеи, што е еден од виталните извори за полнење на буџетот.

Како и да е, на средбата со луѓето од медиумите тој на сите во Канцеларијата за комуникација им порачал дека мора да се променат – да работат подобро.

„Има многу причини за загриженост за радио станицата и за весникот, но една работа ми го притиска срцето – за тоа колку луѓе го слушаат радио Ватикан. Колку луѓе, воопшто, го читаат весникот „Осерваторе Романо“ – рекол папата Франциско.

Петина од буџетот за медиумите

Притоа, тој забележал дека луѓето се трудат, дека условите за работа им се сосема добри, но останува дилемата што го мачи – дали нивната работа, односно она што тие го прават е она вистинското и дали тоа стигнува таму каде е потребно.

Познавачи на ватиканските состојби во Рим уверуваат дека не е прв пат, на дневен ред да се поставува прашањето на расходите и на ползата од медиумските операции на Ватикан, затоа што Канцеларијата за комуникации троши повеќе од буџетот на Светиот стол од било кој друг департмент.

За оваа година, Канцеларијата има буџет од 43 милиони евра, што е 20 отсто од вкупниот ватикански буџет.

Нивните расходи се повисоки од вкупните расходи на десет други департамани на Ватикан, што се смета за разбирливо кога се има во предвид дека главната мисија е пренесување на католичката вера низ светот.

Ваквата необична реакција на папата доаѓа по незадоволството на вработените во Ватикан, откако Франциско ги намали платите и го укина бонусот, што го имаат изразено минатата недела, во своето отворено писмо до јавноста.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе