Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Белорусија „грабна“ авион на „Рајан Ер“ за да уапси дисидент!

Boarding2Now/Depositphotos.com

Белорусија „грабна“ авион на „Рајан Ер“ за да уапси дисидент!

Режимот на белорускиот диктатор Александар Лукашенко се послужи со воздушен тероризам и го „грабна“ патничкиот авион на ниско – буџетската компанија „Рајан Ер“ за да уапси еден политички дисидент и противник на режимот кој бил меѓу патниците.

Авионот се наоѓал на својата редовна линија од Атина, за Вилнус, во Литванија, кога додека летал над територијата на Белорусија, му било наредено принудно да слета на аеродромот во Минск. Пилотот бил известен од земската контрола на летање дека имаат сознанија дека во леталото има поставен експлозив.

Авионот слетал и се испоставило дека во него не е најдено ништо сомнително, а немало ниту експлозив. Но, затоа, кога сите патници биле натерани да излезат, белоруските безбедносни сили веднаш го уапсиле Роман Проташевич, познат и угледен блогер на опозицијата во оваа земја и еден од водечките антирежимски активисти.

Лажна дојава за експлозив

Тој се наоѓа на списокот на осомничените лица на режимот, обвинуван дека е еден од водачите на масовните протести во Минск и другите белоруски градови, што се случуваа неколку месеци, од крајот на август минатата година, после фалсификуваните претседателски избори на кои одново, по шести пат, победи Лукашенко.

Рајанеровиот „Боинг“ се наоѓал на работ да го напушти белорускиот воздушен простор, кога му наредиле да се врати назад и да се приземји на аеродромот во Минск. Тамошните медиуми уште откриваат дека Лукашенко му наредил на военото воздухопловство, два нивни авиони „Миг – 29“ да полетаат, за да го пресретнат патничкиот авион и да го натераат да се врати назад.

Станува збор за „гангстерство“ и за „државен тероризам“ – се вели во првите реакции на европската јавност, шокирана од постапката на еден режим кој единствена поддршка има и добива само од Москва.

Остар протест има од Атина, додека претседателот на Литванија Гитанас Науседа во своето службено соопштение остро го осудува грабнувањето на авионот, но бара и ослободување на грабнатиот Проташевич, од како што се вели во соопштението – присилно приземнетиот авион.

Вилнус бара реакција од НАТО и ЕУ

„Ги повикувам сојузниците од НАТО и од ЕУ веднаш да реагираат на заканата што за меѓународните цивилни летови претставува белорускиот режим. Меѓународната заедница мора веднаш да преземе чекори, зада вакво нешто повеќе не може да се повтори“ – се вели во соопштението на претседателот Науседа.

Во Вилнус се истакнува дека во понеделник, овој случај Литванија ќе побара да се истакне и на Самитот на ЕУ.

Унијата веќе ја осуди постапката на властите во Минск и грабнувањето на опозицискиот активист, користејќи измама и лажно тврдење за закана од бомба. Шефот на европската дипломатија Јосеп Борел изјави во Брисел дека Европа внимателно ја следи целата новонастаната ситуација, оценувајќи го гестот на Лукашенко како “целосно неприфатлив“.

Според Борел, ЕУ ја смета белоруската влада за одговорна за безбедноста на сите патници во авионот, за кои се бара да им се дозволи да го продолжат своето патување. Со осуда се огласија и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, како и претседателот на Европскиот совет Жан Мишел.

Операција со знаење на Москва?

Владата во Берлин, пак, ја осудува постапката на властите во Минск како недопустливо однесување да се преусмери еден лет меѓу две земји на ЕУ, за да се уапси еден новинар.

Лукашенко кој важи за последниот диктатор во Европа, владее со Белорусија уште од 1994 година. Во текот на 2020 година тој насилно ги задуши масовните протести, применувајќи брутална сила против мирните протести. Демонстрантите бараа поништување на фалсификуваните и недемократски избори, како и оставка на диктаторот.

Од август минатата година се уапсени над 35 илјади лица. На десетици се осудени на затворски казни. Белоруските власти имаат објавено дека досега се покренати над илјада кривични постапки. Проташевич е еден од создавачите на проопозицискиот канал за вести Некста што во текот на протестите стана еден од главните извори за информации за случувањата со и околу демонстрациите.

Европски безбедносни експерти проценуваат дека целата оваа илегална операција што се квалификува како државен тероризам била изведена со знаење и поддршка на руските тајни служби. Се верува дека токму нивните разузнавачи го имаат откриено Роман Проташевич и дојавено дека се наоѓа на летот од Грција за Литванија, Во оваа балтичка земја е пребегнато водството на белоруската опозиција.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе