Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Отворање на Пандорината кутија

grejak/Depositphotos.com

Отворање на Пандорината кутија

На Брдо кај Крањ (во Словенија) се одржа Самит на лидерите на Западен Балкан, на кој во својство на домаќини  на иницијативата „Брдо/Бриони“  –  беа словенечкиот претседател Борут Пахор и претседателот на Хрватска Зоран Милановиќ.

На Самитот немаше никого од Брисел, затоа што неделава претстои средба на западнобалканските лидери и ЕУ, во седиштето на Унијата, а и затоа што станува збор за среќавање со кое се одбележа десеттата годишнина од оваа иницијатива.

Но, тоа, сепак, не треба да ја намали тежината на среќавањето, особено што доаѓа во едно мрачно време.

Од првото лидерско среќавање, па до сега – од амбициозните планови на „Брдо/Бриони“ за забрзано приближување и приклучување на Западен Балкан во големото и богато европско семејство, се офајди само Хрватска, која во јули 2013 година  успеа да се приклучи кон ЕУ, додека сите другите останаа на “ридчестиот Балкан“.

Заглавени и заробени

Србија и Црна Гора, навистина го имаат започнато процесот на отворања поглавја, но (практично) без никаков напредок. Белград заглавен во „косовското прашање“, Приштина оставена на крајот од редот – со признание на независно Косово од стотина странски држави, но без членство во ОН.

Подгорица, пак, ги помина овие години постојано заробена со сопствените проблеми – пред се, врзани  за односите со Србија и со „војната“ со СПЦ, која српската страна ја користи како орудие во тој судир, но и со домашната корупција и со „вечната“ власт на „вечниот“ Мило Ѓукановиќ.

Албанија  остана да се бори со организираниот криминал на својата територија, со градењето вистински правна држава и со разбивање на недовербата што кон неа ја има европскиот Запад, меѓу кои предничат Франција и Холандија.

БиХ дури, како да е во полоша ситуација, отколку во 2011 година. Остана  заробена во нефункционалноста на државата и во етничките – националистички атари кои ја поткопуваат босанската целовитост.

Македонскиот случај

Конечно, Македонија. Таа  беше пред сите на почетокот на европскиот пат, уште во времето пред Црна Гора да биде независна држава, а и пред Хрватска, затоа што Скопје пред Загреб имаше договор за асоцијација и стабилизација, но се уште чека да почне да преговара со Брисел и да ги отвора поглавјата за влез во ЕУ.

Дури и откако стана членка на НАТО и доби „зелено светло“ за првата рунда преговори со Унијата.

Стагнацијата на тој пат е резултат на бројните состојби и проблеми што изминатата деценија ги имаше ЕУ кај себе, па тоа се одрази и на вкупниот однос на Брисел кон целиот Западен Балкан.

Потоа, на постоењео на споровите – со Грција, уште од 1991 година, од моментот на нашето излегување од екс Ју федерацијата, а последниве години и со Бугарија.

Овој вториов, на некој начин е резултат на ситуација што, инаку. самите ја имаме направено. Откако една поранешна вмровска влада во Скопје му вети на Иван Костов, тогашен бугарски премиер, дека Македонија ќе и помогне на Софија на нејзиниот пат кон ЕУ – правејќи билатерален договор за пријателство и соработка.

Нож во грбот

Актуелната влада на Република Северна Македонија успеа да постигне договор со Грција (Преспа) и да го заклучи договорот со Бугарија – кој беше и верификуван од парламентите на двете земји.

Софиската влада дури гласаше и за приемот во НАТО, а потоа гласаше и за давање „зелено светло“ на Македонија за старт на преговарачкиот процес, но кога преговорите требаше да почнат, бугарската страна и забоде нож во грбот на својата сосетка.

Самата, или правејќи го тоа за нечии туѓи интереси, го блокираше преговарачкиот процес, барајќи, практично преправка на договорот, така што етничките Македонци ќе треба да признаат дека СИТЕ наводно, имаат „бугарски корени“, а дека македонскиот јазик е некаков “бугарски дијалект“.

Во основа, владата во Софија, за која се мислеше дека е проевропска и дека се залага за влегување на целиот Западен Балкан во Европа, само го покажа своето (вистинско) старо, балканско лице – блокирајќи ја Македонија.

Но, таа во исто време ја блокира и ЕУ, ставајќи рампа за обновената европска стратегија – за привлекување на регионот во Унијата – што треба да почне со старт на преговорите со Скопје и со Тирана.

Заробена од режимот

Не е фер, меѓутоа,  ако не се споменат и домашните блокади на европскиот пат . Тоа се единаесетте режимски години на целосен застој – со продавањето национализам и лажен патриотизам.

Со отсуство на било каква европска реформа, со носење на анти – европски закони, со корупција диктирана од самиот врв на претходната власт, со партизација на судството и со уништување на слободата на медиумите, со затворање без судење и со апсење пред тв камери.

Со претворање на една земја – кандидат за ЕУ,  во заробена држава.

Како и да е, Самитот на Брдо  усвои на крајот заедничка декларација , во која сите лидери на земјите од Западен Балкан побараа од ЕУ “итно да се отвори процесот на преговори на Брисел со Скопје и со Тирана“.

На некој начин, тие симболично ја повикаа Унијата преку македонскиот случај – да ги надмине своите сопствени проблеми со некои од членките кои и натаму ја продаваат тезата дека ЕУ била изморена од проширувањето, а во исто време праќаат пораки  до земјите во регионот да се чуваат од забрзаното навлегување на Русија и Кина.

Сенката на „Јанша нон – пејперот“

Целата конференција, меѓутоа, беше и остана до крај во сенката на бројните нон – пејпери што се појавуваат речиси постојано. А, во нив, главно, се заговара прекројување на Западен Балкан, со менување на границите, со цртање нови карти и со правење некакви нови, мали – големи држави. Сето тоа уредено врз етничка основа.

Почна со ваквиот документ што му се припишува на словенечкиот премиер Јанез Јанша.

Во него е набележано растурање на БиХ, како држава, со создавање три етнички мини – држави, со правото – едната да влезе во состав на Хрватска, а другата да стана територија Србија. Исто така, се дели Косово, а остатокот се приклучува кон Албанија, кон која се ставаат и делови од Црна Гора и од западна Македонија.

Јанша го демантираше „папирот“ – прво, дека постои, а и дека е негов. Потоа, зборуваше дека му се подметнува од словенечката левица, а на крајот излезе дека станувало збор за „комунистичко масло“ во кое бил вмешан и актуелниот македонски премиер!?

Тоа во Скопје го откри Јаншиниот крајно – десничарски сојузник и истомисленик од скопското ВМРО, кој засега раководи со оваа партија. На крајот не стана јасно дали има нон – пејпер од Љубљана за нови граници, како што скопскиот вмровец тврдеше дека му рекол Јанша, или тој  излажа. Или, пак, и нас овде, а и сите во регионот, не излажа Јанша.

Деструктивна политика

Пред Самитот на Брдо, словенечкиот претседател Пахор во неколку изјави настојуваше да го одбрани својот премиер од него самиот, тврдејќи дека нема никаков нон – пејпер и дека Словенија нема никаква врска со сето тоа. Уверувјќи ги сите во она што и самите  го знаат – дека нема менување граници на мирен начин, односно дека нови гранични линии значи војна.

При тоа, нудејќи ја како решение  ЕУ, создадена за МИР ВО ЕВРОПА и за ПОМИРУВАЊЕ меѓу народите.

Токму прашањата за границите во регионот, за исцртувањето нови гранични линии, уредени на етничка основа, што значи создавање етнички чисти држави, е она што треба да заплашува, зато што тоа е  како отворањето на Пандорината кутија.

Станува збор за една оркестрирана политика на деструктивните и застарени, националистички и недемократски сили во Западен Балкан, но и во рамките на ЕУ, што во секој случај е закана за регионот, но и за Европа.

Регионот со години на ред се соочува со поткопувањето на довербата на јавноста кон ЕУ. Еднаш, затоа што се добива впечаток дека Брисел како да нема стратегија за Западен Балкан, а друг пат, поради неслогата на земјите членки (од Западот) околу проширувањето, што предизвикува неисполнување на она што е ветено. Како во случајот со Македонија.

„Ракопис“ на крајната десница

Меѓутоа, иако нон-пејперите се  неформални и необврзувачки „папири“ – сите по правило анонимни – тие не се случајни и не се јавуваат туку, така.

Изминатите два месеци европската јавност се сочува со “поплава“ од вакви  писанија, кои се јавуваат како „пробни балони“ за нешто што треба да се разрешува – во случајот на „јаншиниот документ“,  тоа се средување на состојбите во БиХ и затворање на косовското прашање.

Европски аналитичари се на мислење дека „описот на преобликуваниот Западен Балкан“ е препознатлив „ракопис“ на националистичката, крајна десница која е против ЕУ ваква каква е и со она што го нуди. Во регионот, тоа им пречи на малите деспоти и автократи кои настојуваат да го копираат путиновиот стил на владеење.

За таквите, како во Унгарија, делумно во Полска, во Словенија, ЕУ и нејзината либерална демократија и отворените општества се „закана” за нивните верзии за етнички чисти држави.

На Брдо кај Крањ, сепак, се разговарало и за границите.

Сите против, а Србија – за

Велат тоа прашање се отворило само за да Словенија се „испере“ од нон – пејперот врзан за Јанша. Според сознанијата од конференцијата – притоа, сите лидери биле против промената на границите – освен Србија.

Нејзиниот претседател инсистирал дека тој прифаќа неменливост на границите, доколку тоа важи и за Србија, мислејќи на Косово.

Останал осамен за ова прашање, затоа што сите другите се согласуваат дека промената на српската граница (со косовската независност) е веќе завршена работа, па оваа нова држава сите ја земаат како една од земјите во регионот, на патот кон ЕУ.

Во Белград се согласуваат  дека мала утеха за српската позиција на Самитот е тоа што не поминал ниту косовскиот екстремизам, односно барањата на новиот премиер во Приштина за тужба против Србија и за обвинување за геноцид. Тоа не го прифаќаат ниту во Брисел, а ниту во Вашингтон.

И, додека се дебатираше на Брдо кај Крањ, се појави нов нон – пејпер.

Еден десничарски весник во Германија објави вакво писание за Косово. Предлогот во него е Косово да има специјален статус – на 99 години.

Неговото појавување во Белград е пречекано со сомнеж дека овој нон – пејпер може да биде само од “српско производство“ – како контра на косовските власти и за контра на Европа, но дека, сепак,  е задоцнет. Барем 20 години.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе