Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Антиваксерите купуваат лажни ковид пасоши

chris77ho/Depositphotos.com

Антиваксерите купуваат лажни ковид пасоши

„Црниот пазар” на кој се продава и се купува сертификат за примени две вакцини против коронавирусот (ковид пасош) е силно развиен во Европа и забрзано се шири. Особено што на него, покрај овој документ што, речиси, е сигурно дека ќе биде неопходен за патувањето во странство, се нудат и може да се набават и тестови за тоа дали едно лице е заразено, или не од вирусот.

Проблемот е уште поголем затоа што станува збор за ЛАЖНИ ковид пасоши и за исто такви тестови, како и тоа што (засега) главните купувачи се антиваксерите кои одбиваат да се вакцинираат, а инсистираат да патуваат, или да одат на одмор, како и оние кои се веќе имунизирани.

Раширеност на лажните документи

Ваквата појава е раширена низ поголемите европски држави, каде е силно развиена фреквенцијата на луѓето кои патуваат низ Европа и надвор од континентот, но лондонски „Гардијан“ посебно се осврнува на состојбата во Британија.

Истражувањето што го има направено овој весник покажува дека досега се откриени над 1200 вакви случаи.

Британските власти стравуваат дека по најавата за враќање на патувањата преку Атлантикот, како и низ земјите од југот на Европа – за оние кои ќе покажат сертификат дека се вакцинирани, или дека имаат негативен тест на коронавирусот, антиваксерите, пред се, како и патници од земји каде процесот на вакцинирање не е почнат, или е на самиот почеток – засилено купуваат фалсификувани документи поврзани со пандемијата.

Станува збор за стравот на владата во Лондон – овие луѓе да дојдат во Британија и на тој начин да внесат некој од мутираните вируси.

Но, има и еден друг страв, тоа е стравот од обновата на европската миграција по Брегзит, сега кога британските антиевропејци се задоволни што ги набркаа, или се „ослободија“ од Европејците од земјите на ЕУ и надвор од неа.

Скапи сертификати

Во текот на април, е утврдено дека над 100 лица, секој ден, се обидувале да влезат во Британија, користејќи лажни Ковид пасоши, или исто такви тестови – уверувајќи дека не се инфицирани и дека се вакцинирани.

Има и такви кои се обидуваат да ги одбегнат се уште актуелните барања за влез во Британија, со што се опфатени и тестови – како пред, така и по патувањето. Сето тоа чини пари, а весникот вели дека станува збор за неколку стотици, до илјада фунти.

Израелските власти кои се борат да спречат ваков начин на влегување на патници и туристи во самиот Израел, имаат откриено докази за фалсификуваните сертификати кои се достапни за продавање на тајна мрежа, но преку лесно достапните платформи на интернет, вклучувајќи ги оние за размена на пораки – како што се Телеграм, Вакап или Џабер.

Израелците уште до крајот на минатата година имаат откриени 20 тајни доставувачи на лажни документи на „дарк – нет“. Сега велат дека таквата илегална мрежа е 60 пати поголема.

„Дарк – нет“ на тајниот пазар

Дарк – нет е мрежа на интернет на која може да се влезе само преку посебен софтвер. Мрежата Телеграм, исто така, располага со многу канали на кои веќе се знае дека има над една илјада претплатници.

Весникот „Гардијан“ пишува дека британските погранични власти, секој ден, откриваат поголем број патници кои имаат кај себе лажни сертификати за вакцинација.

Поголемиот број од нив се патници кои доаѓаат од посиромашните земји во светот, но има и многу кои се декларираат како противници на било какво вакцинирање, вклучувајќи го и сегашното против коронавирусот, без разлика што милиони луѓе веќе се починати од короната.

Експерти за интернет и службите кои ги надгледуваат состојбите на разните мрежи имаат изјавено дека од почетокот на пандемијата почнале да регистрираат како „дарк – нет“ постојано произведува нови канали на кои може да се најде и купи лажен сертификат и лажен тест за коронавирусот.

Оние кои ги имале во рака лажните сертификати, тврдат дека тие се мошне добро фалсификувани.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе