Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Расизмот предизвика нееднаква нега и лекување“

"Anthony S. Fauci, M.D., NIAID Director" (CC BY 2.0) by NIAID

„Расизмот предизвика нееднаква нега и лекување“

Советникот на Белата куќа во врска со пандемијата, Ентони Фаучи, водечки американски епидемиолог изјави дека „расизмот во САД има предизвикано несразмерна здравствена заштита“ во текот на епидемијата со коронавирусот.

„Не може никако да се порекне дека расизмот што постои доведе до една неприфатлива ситуација за постоењето на нееднаква нега, лекување и здравствен третман, меѓу Американците, во текот на пандемијата“ – има речено Фаучи зборувајќи пред дипломци на еден американски Универзитет.

Според него, од ваквата нееднаквост посебно биле погодени Афроамериканците, Хиспано-американците, како и домородните Индијанци.

Недостатоци и проблеми

„Ковидот ги покажа сите недостатоци и проблеми што постојат во американското општество“ – рекол овој епидемиолог

Многу припадници на етничките малцинства и на расните заедници во САД, работат во сектори кои се силно изложени на заразувањето со коронавирусот. Тие се уште повеќе загрозени доколку страдаат од хипертензија, од хронични заболувања на белите дробови, потоа доколку страдаат од шеќерна болест, или пак имаат проблеми со гојазноста и се дебели.

Фаучи смета дека социјалните услови во кои живеат овие категории Американци, ризикот да бидат заразени и да заболат од Ковид-19 силно влијаат за развој на епидемијата но и за тоа овие луѓе да се најдат на удар.

Затоа што тие уште од своето раѓање живеат во услови на неможност да дојдат до соодветна исхрана, до пристап до соодветна здравствена заштита, а сето тоа во услови на присутен расизам, што овој американски здравствен експерт инсистира дека Американците не би смееле да го порекнуваат.

Различен третман

Тој порачува дека кога американското општество ќе се врати во она што сега се нарекува – нормално живеење – луѓето не би требало да заборават дека припадниците на малцинските заедници, во екот на пандемијата во САД, беа нееднакво и несразмерно третирани, кога станува збор за хоспитализирањето, па тие така и умираа.

„Општествената поделеност е контрапродуктивна на пандемијата, па околу тоа не би смеело да има судири и недоразбирања.

Во крајна смисла – вирусот е она што може да се оквалификува како непријателот, а не разните етнички, расни и верски заедници – за да се насочуваат едни, против други и во ова време на епидемија“ – рекол Ентони Фаучи.

Поделена Америка

Неговата изјава, практично, претставува потврда на приговорите што во текот на минатата година, се слушаа, но само повремено во американската јавност дека заразувањето и смртноста од короната е далеку повисока меѓу припадниците на Афроамериканците и на Хиспано-американците, отколку во т.н. „бела Америка“.

Сето ова би можело да се стави на товар на претходната администрација во Вашингтон.

Доналд Трамп како претседател не само што упорно ја негираше заканата од коронавирусот, се спротивставуваше на воведување остри мерки на епидемиолошка заштита, дури и на носењето маска за лице, туку со својата нескриена десничарска политика успеа да испровоцира и општествени судирања во САД – по расна и етничка основа – предизвикувајќи меѓусебна поделеност и нетрпеливост како ретко кога во современа Америка.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе