Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Четири децении од атентатот врз полскиот папа

AnnaNepaBO/Depositphotos.com

Четири децении од атентатот врз полскиот папа

Во Ватикан со специјална миса на папата Франциско, Светиот стол ја одбележи 40 годишната од атентатот врз поранешниот папа Иван Павле Втори, во кого на 13 мај 1981 година беше пукано од непосредна близина, додека од отворено возило ги поздравуваше големиот број верници собрани на плоштадот Свети Петар во Рим.

Атентатот го изврши Турчинот Мехмед Али Агџа кој со неколку истрели од пиштол го погоди папата во стомакот и во едната рака.

Агџа беше фатен при обидот за бегство и уапсен. Не беше фатен неговиот соработник и потенцијално втор атентатор кој успеа да побегне од плоштадот, во хаотичната атмосфера што настана по пукотниците и во паниката на верниците.

Простување од Карол Војтила

Папата Иван Павле, поранешен полски кардинал Карол Војтила, беше пренесен во болница и по интензивното лекување успеа да се опорави, преживувајќи го атентатот. Али Агџа, пак, беше суден и осуден на доживотен затвор. Подоцна Иван Павле Втори му прости на турскиот атентатор, откако претходно го посети во затворот и разговараше со него во затворската ќелија.

Полскиот папа, како што популарно го нарекуваа, почина во 2005 година, во 85 година од животот, останувајќи забележан во историјата на Ватикан како папа со трет најдолг понтификат во историјата на католичката црква. Во 2014 година, Ватикан го прогласи Иван Павле Втори за светец на црквата.

Али Агџа многу години по атентатот, од италијанскиот затвор беше префрлен во Турција. Тамошните власти веднаш по пристигнувањето одново го уапсија, врз основата на едно претходно обвинување, за дамнешно убиство извршено во неговата земја – за да ја отслужи казната која на времето ја има одбегнато – бегајќи од Турција.

Дејствувањето на „Солидарност“

Обидот да се убие еден папа, среде Ватикан, предизвика вчудоневиденост во тогашната европска и светска јавност и згрозување меѓу католиците во светот. Тоа, пак, придонесе атентатот веднаш да се најде во центарот на тогаш силно распалената „студена војна“ во поделена Европа, за нови обвинувања меѓу демократскиот Запад и комунистичкиот Исток.

Посебно затоа што беше нападнат еден папа од Истокот, од Полска, силно католички определена земја, во екот на тамошните политички случувања, предизвикани со појавата и делувањето на антикомунистичкото и антисоветско синдикално движење. „Солидарност“.

Неговиот тогаш млад лидер Лех Валенса бараше подобрување на положбата на работниците во бродоградилиштето во Гдањск, но и низа политички и индивидуални човекови права и слободи. Токму Валаенса беше еден од првите кои полскиот папа Војтила ги прими во аудиенција во Ватикан, по изборот за католички поглавар, подржувајќи го од почетокот движењето „Солидарност“.

Обвинување за КГБ и СССР

Тоа е времето кога Германија е се уште поделена и кога ѕидот во Берлин, подигнат од Русите и од Источните Германци во 1961 година, ја симболизираше тогашната европска реалност и големата недоверба меѓу Истокот и Западот. Атентатот врз папата само ги распали страстите и ја дозапали недовербата.

Италија и целиот тогашен Запад веднаш ги обвинија СССР и неговата тајна служба КГБ дека – пукањето на ватиканскиот плоштад во Иван Павле – е нивно дело, означувајќи го тоа како одмазада за неговото „мешање во полските работи“.

Војтила беше обвинуван за „охрабрување на движењето „Солидарност“ кое се обвинуваше за анти-полско дејствување и за обид за соборување на системот (комунизмот) во оваа земја.

Тогашното советско раководство се плашеше од т.н. домино ефект што би настанал во целиот тогашен советски, комунистички Исток, од Полска на северот, до Бугарија на југот од тогашниот Варшавски пакт, доколку „Солидарност“ и Валенса победат. А, таквиот страв Москва не го сокриваше, како што не го сокриваше ни непријателството кон синдикалното движење. Затоа и сомнежите на Западот – дека атентатот е „советско масло“ – беа сосема логични.

Агџа и „Сивите волци“

Од Истокот, на сето тоа реагираа со контра обвинувања. Од таму го обвинуваа Западот дека целата работа е една голема сцена, само за да се продолжи со нападите врз комунистичкиот блок, врз СССР, како и за да му се даде енергија на „Солидарност“ – што повеќе Полјаци да го подржуваат, ширејќи го преку синдикатот антисоветското, односно антируското расположение.

Сето тоа објаснувајќи го со идентитет на атентаторот – турски државјанин, десничар и припадник на ултра – десничарската организација “Сиви волци“, забранета и во самата Турција.

Истрагата на италијанските власти, меѓутоа, набргу открија постоење на „бугарска врска“ во операцијата на Агџа и замешаност на бугарската тајна служба.

„Бугарска врска“

Бугарските разузнавачи, соработувајќи со КГБ, му помагале на турскиот атентатор – прво, да дојде во Рим, при што ќе се сокрива неговото движење, потоа при обезбедувањето на оружјето и на крајот обезбедувајќи му отстапница за неговото бегство од италијанскиот главен град.

Како база за помагање на атентатот, бугарските оперативци ги користеле зградата на амбасадата на Бугарија во Рим, како и претставништвото на авионската компанија „Балкан“. За Италијанците, претставништвото беше само параван – канцеларија на бугарската тајна служба, со оглед на малиот опсег од меѓународни летови на оваа авионска компанија и на крајно скромното патување на Бугарите на Запад.

Затоа, набргу беше уапсен шефот на претставништвото Сергеј Антонов. Беа обвинети и военото аташе на Бугарија во Рим, како и неговиот помошник, но пред да бидат и тие уапсени, обајцата побегнаа во Софија.

Официјална Софија, во тоа време на комунистичкиот диктатор Тодор Живков, ги отфрлаше сите обвинувања, нарекувајќи ги “антибугарска и антикомунистичка пропаганда“, чија цел, наводно, беше да му се наштети на угледот на комунистичка Бугарија.

Атентаторот „гоштеван“ во Софија

Италијанците, меѓутоа, имаа докази дека пред да отпатува за Италија, Али Агџа престојувал во Бугарија. Во Софија бил сместен во еден од елитните софиски хотели од тоа време – цели десет денови.

Но, не можеа да утврдат што правел Турчинот во бугарскиот главен град и кој му го плаќал престојот. Во меѓувреме, во Рим, за Антонов беше организирано и судење, но ниту за него не се најдоа цврсти докази.

По некоја година беше ослободен и веднаш протеран од Италија. Агџа остана единствениот виновен за обидот да се убие полскиот папа, а политичката криза во Полска не се смири и покрај воведената воена управа.

Девет години по атентатот, беше урнат Берлинскиот ѕид. Десет години по настаните на плоштадот Свети Петар, се распадна СССР и падна комунизмот во Европа.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе