Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Германија: бизнис со фалсификувани Ковид пасоши

Asvolas/Depositphotos.com

Германија: бизнис со фалсификувани Ковид пасоши

Германските власти од почетокот на оваа недела започнаа со постепено олеснување на инаку строгите заштитни мерки во борбата со пандемијата, пред се, на лицата кои ги имаат примено двете дози вакцина, или пак ја прележале болеста Ковид-19 во изминатите шест месеци.

Според најновите законски измени, што ги усвоија двата дома на германскиот Парламент, вакцинираните и оние кои ја прележале болеста, имаат ист третман како и оние кои се негативни на корона – тестовите.

Тоа се означува како предуслов за посета на фризер/бербер, за посета на зоолошките градини, сами или во придружба на децата, на пример, или за слободно одење во шопинг во трговските центри и стоковните куќи.

Овие Германци се ослободуваат од ограничувањето за собирање во поголем број, а не ќе мора да одат во карантин и при враќањето од странство, освен од државите за кои се знае дека се соочени со ново раширените, мутирани верзии на коронавирусот.

„Враќање во нормален живот“

Како и да е, владата во Берлин и натаму инсистира на тоа СИТЕ, а тоа значи и вакцинираните и прележаните пациенти, да продолжат да носат маски на лицето и да се придржуваат на одржување дистанца од два метри.

Притоа, властите објаснуваат дека со ваквите одлуки не им се дава привилегиран статус на вакцинираните, туку се „отстрануваат ограничувањата на основните права, за кои повеќе нема оправдување“.

Јавноста, меѓутоа, како и дел од медиумите тврдат дека според тоа какви се основите на законот, излегува дека „враќањето во нормален живот“ (засега) им е овозможено само на најстарите. Тоа, пак, се посочува како една од главните причини и објаснување – зошто во земјата наеднаш цвета пазарот на фалсификувани потврди (пасоши) за вакцинирање.

Други сметаат дека „вратените слободи“ дури и за оние кои веќе не мора да се плашат дека ќе се заразат, се премали и се премалку за да може да се зборува за „слобода“. Според нив, кината, театрите и рестораните и натаму остануваат затворени – за сите граѓани.

Повеќето медиуми, сепак, застанаа во одбрана на владиното внимателно попуштање на ограничувањата, уверувајќи ја јавноста дека полека бројните забрани ќе се укинуваат.

Привилегии за вакцинираните

Одбраната на владата се објаснува со логичната констатација дека никој нема да брза да се вакцинира, доколку и натаму – и за вакцинираните – останат досегашните ограничувања.

Според весникот „Зидојче Цајтунг“ од Минхен, сосема е исправно вакцинираните да бидат на некој начин и привилегирани, бидејќи здравствените експерти потврдуваат дека тие луѓе не се изложени на заканата од заразување.

Сепак, сите се согласни дека со стапувањето во сила на законот може да настане еден своевиден „судир на генерациите“. Односно кога стотици илјади млади луѓе и понатаму ќе мора да останат навечер во своите соби, додека многу постарите од нив ќе може да прават што ќе посакаат. Дури и да одат на бродски крстарење, како во „старите добри времиња“.

Овој минхенски весник забележува дека пандемијата, во секој случај, изминатата година и некој месец, создаде низа неправди и прекршување на правилата во животот, но „Зидојче Цајтунг“ предвидува дека неправдите дури сега ќе дојдат до израз – делејќи го германското општество.

За „жолтата книшка“ – 200 евра

Проценка е дека владата во Берлин задоцнила со издавањето на „пасошите“ – жолтите сертификати – книшки за вакцинираните, а дека тоа го има предизвикано масовното фалсификување на овој документ. Се смета дека како ќе тече времето – до лето и до сезоната на годишните одмори фалсификувањето на ваквите документи ќе биде уште помасовно.

Станува збор за „папир“ што многу брзо ќе отвора бројни врати и ќе овозможува „слобода“, па затоа, речиси преку ноќ – стана најважниот документ во Германија, но наеднаш стана и голем бизнис за германското криминално подземје.

Велат дека „вистински цвета “ црниот пазар со потврди за вакцинација, потоа на печатите од центрите за вакцинирање, како на специјалните маркички кои се лепат на „жолтата книшка“.

Во една рација, во стан во Берлин, на пример, полицијата неодамна открила на десетици вакви книшки – сите вешто фалсификувани.

„Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ откива дека на улиците на Франкфурт, под рака, се нудат вакви книшки и за 200 евра. Продажбата не оди само преку интернет, туку се продаваат и на “црниот пазар“ на улиците низ германските градови.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе