Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Грција: Забрана за патување за Велигден

fokkebok/Depositphotos.com

Грција: Забрана за патување за Велигден

Грчката влада одлучи за Велигден да бидат отворени црквите, сепак, во борбата со пандемијата со коронавирусот ги задржа полицискиот час и забраната за патување од еден регион во друг.

Оваа мерка минатата пролет, на почетокот од епидемијата, беше означена како многу значајна за релативно нискиот број заразени и починати лица, во споредба со другите земји во ЕУ, особено со Италија, Шпанија и Франција, иако тогаш немаше вакцини. Годинава, меѓутоа, состојбата е сосема поинаква и Грција бележи високо ниво на заразеност со короната, па владата се определи да ја задржи забраната и во текот на празникот.

Заразата не попушта, па досега од коронавирусот се починати над десет илјади лица. Повеќето од вообичаените ограничувања се во сила, а уште од ноември се затворени грчките училишта, како и повеќето продавници.

Контролни пунктови на патиштата

Според атинските медиуми, полицијата поставува контролни пунктови на сите автопатишта кои водат од главниот град кон внатрешноста на земјата, за да спречи патување во другите региони. Мерката се смета дека е неопходна, затоа што Грците и посебно атињаните, по традиција, патуваат за Велигден за да ги посетат своите блиски во време на празникот. Тоа оваа година ќе биде попречено – од епидемиолошки причини.

Дополнителните ограничувања во патувањата ќе бидат во сила до 10 мај, а патувањето од еден регион во друг ќе биде дозволено само поради итни медицински потреби, погреби на блиски роднини, како и посета на разведени родители – за деца помлади од 18 години.

Претставник на атинската сообраќајна полиција има изјавено дека сите возачи и патниците во автомобилите, кои ќе немаат важечка документација за оправданоста за патување, ќе бидат вратени во Атина. Најавена е секојдневна контрола, во текот на 24 часови.

Црковната служба три часа порано

Годинава, за овој Велигден, грчките цркви ќе бидат отворени, но со низа ограничувања. Прво за бројот на верниците кои ќе може да влезат во црквите, а потоа и со задолжителното тестирање на свештениците и на црковниот персонал за тоа дали се инфицирани, или не.

Поради полицискиот час кој нема да се укине, што почнува во 21 часот, главната црковна служба во сабота вечер ќе почне секаде – три часови порано. Властите, сепак, ги советуваат верниците дека најдобро е да не влегуваат во црквите и во текот на службите да останат на отворено.

Грчката влада, сепак, останува на позицијата – на 15 мај да ја отвори годинешнава туристичка сезона, најавувајќи дека малку пред тоа ќе бидат олеснети многу од сегашните ограничувања.

Како своевиден тест, за овој викенд се најавува отворање на трговските центри. Од 3 мај се очекува одново да бидат отворени угостителските објекти, но само на отворено – во градините доколку ги имаат.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе