Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Војводата и крајот на една епоха

"Prince Philip" (CC BY 2.0) by garryknight

Војводата и крајот на една епоха

Во замокот Виндзор, во околината на Лондон, беше погребан војводата од Единбург, принц Филип, сопруг на британската кралица Елизабета Втора – во изминатите 73 години. Почина на 9 април, на само два месеци пред да наполни 100 години.

Британците ќе го паметат по неговата единствена работа сите изминати години, за која сите велат дека ја има одработено беспрекорно – да и служи на кралицата, секогаш останувајќи на протоколарните два чекори зад британскиот суверен.

Коронавирусот и мерките за борба со епидемијата предизвикаа војводата да биде погребан, во услови на изолација, во цркавата Сент Џорџ, што се наоѓа во кругот на замокот. На погребот, затоа,  присуство само 30 лица – сите нему најблиски – тројцата синови и ќерката, принцезата Ана, со нивните брачни партнери, како и внуците и децата од сестрата на кралицата и од двете сестри на починатиот војвода.

Јавноста беше исклучена, освен преку телевизискиот пренос, немаше никакви странски гости, а не беше дури ни британскиот премиер. Се беше изведено зад големите ѕидини на замокот во Виндзор, кој до изградбата на Бакингамската палата во центарот на Лондон, бил службена резиденција на британскиот монарх.

Какво место за „одбегнатиот“ принц

Медиумите, посебно лондонските таблоиди, сепак, ја искористија и оваа прилика за да продолжат да се занимаваат со состојбите во кралското семејство, прикажувајќи дека тие и натаму се вжештени. Притоа, и натаму со критики и обвинувања кон принцот Хари на неговата сопруга Меган Маркл, затоа што го „напуштија“ семејството и (посебно) затоа што во интервјуто за американската телевизија отворено зборуваа за сите тие состојби.

Во случајот со погребот на војводата од Единбург – дедото на Хари – се тргна уште од тоа дали младиот принц воопшто ќе допатува од САД и дали со него ќе биде и Меган. Кога Хари дојде сам, затоа што американските лекари не дозволиле таа да патува поради бременоста, се отвори темата – каде и како ќе го „рангираат“ во кратката погребна поворка, па така се разбра дека Хари нема да оди покрај својот брат Вилијам.

Уште поголема расправа, велат, се отворила околу тоа како ќе бидат облечени најблиските на починатиот. Оние од „фирмата“ на Бакингамската палата, кои ги определуваат ваквите протоколарно – церемонијални работи, инсистирале сите да носат воени униформи – освен Хари, затоа што тој се повлекол од своите кралски обврски.

Прв пат Хари, Вилијам и Кејт

Излезе дека принцот кој на два пати беше на фронтот во Авганистан, во најопасната провинција Хелманд, управувајќи хеликоптер „Апачи“, не смее да носи воена униформа, додека тоа ќе може да го направи неговата тетка, принцезата Ана, братот Вилијам кој е исто пилот, но работеше во единица за спасување, во цивилни операции, како и чичкото, војводата од Јорк, принцот Ендрју, кој е длабоко инволвиран во срамната афера Епстај во САД, обвинуван за одржување врски со неполнолетни девојки.

Во една таква ситуација, медиумите открија дека интервенирала кралицата која побарала сите расправии и несогласувања во семејството да се тргнат настрана, барем за еден ден, а потоа – сите мажи во поворката да бидат облечени во цивилни костуми – без униформи.

На тој начин, беше избегната можноста, Хари да биде уште повеќе изолиран од семејството, а веројатно само тоа предизвика Хари и Вилијам, сепак, да бидат еден покрај друг. Камерите дури уловија и момент како браќата, заедно со Кејт Мидлтон, меѓу нив и разговараат, одејќи во погребната поворка.

Недоразбирањата остануваат?

Многумина тоа го прикажаа како знак за можноста од постепено нивно приближување , но како сега стојат работите – изгледа дека сето тоа е направено само за да и се угоди на кралицата и за траурната прилика во која сите се најдоа.

Велат дека браќата, кои едно време беа исклучително блиски, остануваат и натаму скарани, иако јавноста прецизно и не знае што е причина за нивниот судир. Тие веќе над една година не разговараат и дека ова беше прв случај – Вилијам и Хари да бидат заедно, уште и Кејт со нив, како што тоа беше пред повеќе години, кога Мидлтон влезе во кралското семејство.

Сепак, поголемиот дел од британската јавност,  смртта на војводата од Единбург и тоа што кралицата  останува на тронот, како вдовица, во пресрет на својот 95 роденден и на јубилејот – 70 години како суверен  на Обединетото кралство, во следната година,  ги гледаат од еден поинаков агол- сосема различен од оној на таблоидите.

За повеќето „обични луѓе“ станува збор за крај на една епоха, започната во 1947 година, кога Елизабета и принцот Филип се имаат венчани, а  продолжена во 1952 година, кога 26 годишната принцеза стана кралица, по смртта на нејзиниот татко, кралот Џорџ Шести.

Последниот близок од семејството

Смртта на војводата, затоа за повеќето Британци е како заминување на последниот член  од кралското семејство што ги имаат доживувано како некој близок, како некој за кого јавноста се интересира и кого повеќето луѓе го имаат прифатено како  некој што им значи.

Сега и за прв пат луѓето зборуваат за тоа што ќе биде кога ќе ја нема и кралицата Елизабета. Впечаток е дека, притоа, мнозинството  не го доживуваат престолонаследникот Чарлс онака како што ги имаат прифатено неговите родители- кралицата и сега починатиот војвода. Дури и неговиот син Вилијам, го чувствуваат за поблизок и за поприфатлив.

Во една анкета што ја има направено „Гардијан“ повеќето од испитаните рекле дека ја сожалуваат кралицата што прв пат останува сама. При тоа се потсетува на зборовите што, велат, принцот Филип , пред смрта му ги има речено на својот најстар син и престолонаследник – да се грижи за мајката – кралица – во ова време кога е без него на престолот, но и за целото семејство.

Што ќе биде понатаму

За прв пат во јавноста во Британија како да се чувствува замисленоста – што ќе биде понатаму со круната – без разлика што се знае редот на наследството кој во една монархија го има определено природата, по тоа кој кога е роден.

Останува впечатокот дека кога станува збор за најновите случувања во семејството, забелешките на Хари (и на Меган) за постоењето на прикриен расизам во семејството, имаат оставено силна трага во домашната јавност. Никој од оние во анкетата на весникот„Гардијан“ имаат речено дека  не останале рамнодушни на тие забелешки на младиот принц и на неговата сопруга – Американка и дете од расно мешовит брак. Без разлика кој ги има речено.

Во денешна, сосема поинаква Британија, општеството и одгласите во него се сосема различни од времето кога Елизабета го има наследено таткото.

Станува збор за една друга, по шаренолика Британија. Етнички, религиозно и расно – сосема поинаква, што изгледа дека (понекогаш) како кралицата да го разбира тоа подобро, отколку оние кои ќе треба да ја наследат.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе