Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Куба без браќата Кастро

ericlaudonien93/Depositphotos.com

Куба без браќата Кастро

Во Хавана се одржува четиридневниот конгрес на Комунистичката партија на Куба, што оваа година има и своевидно историско значење, затоа што овој собир на кубанските комунисти го означува „новото време“ за овој карипски остров – времето без браќата Фидел и Раул Кастро.

Кастроизмот како систем на управување со државата, веројатно, ќе остане и понатаму, но за прв пат по 62 години, ниту еден од семејството Кастро нема да раководи со Куба, откако помладиот брат, без малку 90 годишниот Раул, пред почетокот на конгресот објави, а тоа го повтори и во излагањето на почетокот од неговата работа дека се повлекува од политиката и дека оди во пензија.

На власт 62 години

На власт во Куба, неговиот постар брат Фидел и тој како неговата десна рака и вечниот министер за одбрана, се од 1 јануари 1959 година.

Тие двајцата, со другите кубански револуционери, во новогодишната ноќ, таа година, се спуштија од планината Сиера Маестра и навлегоа во Хавана, разбивајќи ја корумпираната и неспособна власт на диктаторот Фулгенсио Батиста, за да многу брзо создадат нова, комунистичка диктатура, што успеа да се одржи до денешно време.

Раул Кастро сега вели дека може да се повлече  затоа што  „ја има исполнето својата мисија“, изразувајќи притоа силна верба и надеж во иднината на земјата.

Моќта, власта и сите овластувања што ги има преземено од братот, по неговата смрт, сега остарен им ги остава на помладите од него, на новите лица на кубанската политичка сцена, израснати од новата генерација комунистички политичари.

Мигел-Дијас наследник?

Нема соопштено кому му ја предава власта и кој е неговиот наследник на првата функција во државата – генерален секретар на КП на Куба, единствената партија во земјата која шест децении ги има под своја контрола сите полуги на власта. Се очекува тоа да биде Мигел Дијас-Камал, кого претходно веќе го има поставено на функцијата кубански претседател – во 2018 година, кога Раул Кастро се повлече од таа позиција.

За латиноамериканските аналитичари, меѓутоа,  тоа не е толку важно, колку што е сознанието дека на челната позиција, како и на било која важна функција во земјата, за прв пат, нема да има никого од семејството Кастро.

Конечното заминување на кастровци доаѓа во тешко време за Куба, велат тешко како никогаш досега од времето на распадот на СССР и прекинувањето на советската економска помош, кога најголемиот остров на Карибите се наоѓаше на работ од целосен економски крах.

Најтешка економска криза

Сега ситуацијата е одново исклучително тешка.

Не само поради отсуството на било каква реформа во домашната економија, која би можело да го придвижи напред островот, како што тоа се случува во исто така комунистичкиот Виетнам, туку и поради пандемијата со коронавирусот. Епидемијата го има уништено домашниот туризам, а оваа гранка,  последниве петнаесетина години најмногу  ја има покренато домашната економија.

Силен удар имаат предизвикано и обновените санкции на администрацијата на Доналд Трамп, па минатата година и онака сиромашната Куба има забележано економски пад од 11 отсто.

Конгресот почна на денот кога пред 60 години (1961 година) Фидел Кастро ја прогласи Куба за комунистичка држава, прва во западната хемисфера и  во латино – американскиот свет.

Во секој случај, факт е дека се до својата смрт, во 2016 година, Фидел и неговиот брат Раул ги имаат испишано сите страници на поновата кубанска историја, па затоа за многумина Кубанци, посебно за оние од постарите генерации, изгледа како нешто крајно необично и дури и неверојатно – државата да ја води некој кој не го носи презимето Кастро.

Раул наместо Фидел

Раул изби во прв план кога стана јасно дека Фидел е сериозно болен и не може повеќе да управува со земјата. Во 2006 година, кога се шпекулираше околу тоа дали Фидел е воопшто жив, неговиот помлад брат прво беше именуван за  привремен лидер, а од 2008 година  целосно ја презеде власта, со сите функции што братот ги имаше пред него.

Фидел како „Ел команданте“ и лидер која имаше целосната контрола врз државата, има изградено силни врски со тогашниот Советски Сојуз. Москва ја искористи шансата што и се пружи да навлезе во западната хемисфера и се најде на само 150 км. од САД, од брегот на сојузната држава Флорида.

Куба стана целосно зависна од СССР, по воведената економска блокада од САД, увезувајќи ги сите свои потреби, од енергија до храна од Русите и од другите сателитски, европски комунистички држави.

Руската страна, пак, почна забрзано воено да се инсталира на овој остров, што во 1962 година, ја предизвика ракетната криза. Двете тогашни велесили се најдоа на работ од војна, кога Американците открија  дека Советскиот Сојуз има инсталирано ракети на Куба, насочени кон цели на американската територија.

Ембарго на САД од 1960 година

Кризата, всушност,  започна две години пред тоа, кога во 1960 година Москва ја призна новата власт во Хавана, а Американците го прекинаа извозот на нафта за Куба и воведоа целосно ембарго на увоз на кубански производи, вклучувајќи го и шеќерот – главниот извозен производ на Куба.

Поводот за ембаргото, меѓутоа, не беше руското признавање на државата на карипскиот остров, туку одлуката на Фидел Кастро да ја национализира домашната индустрија и да го конфискува американскиот имот – земјоделските плантажи, банките, фабриките за алкохол и храна, како и рафинеријата за нафта. Куба одби да плати отштета и тоа до денес не го има сторено.

Остана и американското економско и политичко ембарго.

Се појавија надежи дека ваквата состојба ќе биде надмината дури во време на администрацијата на Барак Обама. Особено откако тој во 2015 година, во Панама, се сретна со кубанскиот лидер Раул Кастро.

Обама и Трамп

Веднаш по тоа беа обновени дипломатските односи, а САД укинаа, или олеснија некои од ограничувањата опфатени со санкциите и блокадата. Обама во 2016 година отиде во Хавана, во првата посета на еден американски претседател на Куба после цели 88 години.

Работите целосно застана кога Доналд Трамп стана претседател на САД. Не само што тој ги укина сите олеснувања од блокадата, туку некои мерки уште повеќе ги заостри. Сегашната демократска администрација во Вашингтон, засега, не најавува некои посебен интерес за Куба и за враќање на патот што почна да го трасира претседателот Обама.

Иако во Белата куќа се наоѓа Џо Бајден кој тогаш беше потпретседател, во оваа година, како САД така и светот се судираат со други, посложени ситуации и во Америка , а и на меѓународната сцена, за да кубанското прашање се најде повисоко на американската агенда.

Конечно, заминувањето и на Раул Кастро од политиката, одново, натера некои аналитичари да го покренат прашањето за американското ембарго. Тие тврдат дека какво и да објаснувањето и оправдувањето за ембаргото – тоа е ( веројатно) стратешка грешка на САД.

Се смета дека токму  ситуацијата со блокадата во која се најде Куба, само ја има зацврстено позицијата на браќата Кастро и ги има одржано на власт повеќе од 60 години.

(Х.К.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе