Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Самит Бајден-Путин во Европа?

palinchak/Depositphotos.com

Самит Бајден-Путин во Европа?

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во Вашингтон дека сака да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, во текот на ова лето – на неутрален терен – некаде во Европа.

На почетокот од оваа недела, Бајден телефонски разговараше со рускиот претседател, главно за актуелната ситуација во и околу Украина и за заканата од ескалација на состојбата во оваа источноевропска земја, на чија граница Русија продолжува да трупа војска и секакво вооружување, но и за, како што беше речено, низа други актуелни прашања.

Во соопштението од Белата куќа по разговорот беше речено дека руската страна не се изјаснила за американскиот предлог за состанок на двајцата претседатели.

„Искрен разговор“

„Кога разговарав со претседателот Путин, го истакнав верувањето дека директната комуникација меѓу нас, двајцата, е од суштинска важност за напредокот кон поефикасен однос и тој се согласи со тоа“ – има речено Бајден, коментирајќи ја американската политика кон Русија.

Американскиот претседател притоа му има предложено на Путин да се сретнат и лично, во меѓусебен разговор, да ги разгледаат сите прашања со кои се соочуваат двете земји.

Според Бајден, телефонскиот разговор со рускиот претседател бил „искрен и со целосно почитување“.

Изјавата на претседателот на САД доаѓа по пишувањето на „Њујорк Тајмс“ за тоа дека американската администрација воведува низа остри мерки, санкции но и протерување на руски дипломати, поради хакерските напади врз американските државни инвестиции и врз приватната мрежа, во текот на изборната кампања во 2020 година, за руското мешање во изборите во САД, но и за тоа дека Русија им плаќала на борците во Авганистан да убиваат американски војници.

Нови санкции

Под санкциите се најдоа шест руски технолошки компании, а се протеруваат десет руски дипломати.

Мерките на актуелната администрација во Вашингтон се слични на потезите што пред пет години ги има преземено и администрацијата на тогашниот претседател Барак Обама, во која Бајден беше потпретседател.

„Њујорк Тајмс“ пишува дека целта на санкциите е со подлабоки и со поостри мерки, да се сосече во корен мешањето на Русија во американскиот изборен процес.

„Тоа не се само голи санкции, туку станува збор за мешана акција од која нешто ќе биде видливо, но другото ќе остане невидливо за пошироката јавност“ – има речено Џек Саливен, советник на американскиот претседател за национална безбедност.

Како главна мета на санкциите се посочува државниот долг на Русија, по што земјата потешко ќе доаѓа до обврзници засновани врз долари. Вакви, слични санкции, САД имаат применувано и кон Иран.

Средба на врвот е потребна

Американците претходно имаат воведено санкции и поради обвинувањето за обидот да се убие Алексеј Навални, најостриот критичар на Путин на домашната политичка сцена, со помош на нервниот агенс „новичок„извршен во текот на август 2020 година.

Советникот Саливен, во разговор за Си-Ен-Ен, меѓутоа, смета дека и покрај санкционирањето, лидерите на САД и на Русија треба да се сретнат за да ги разгледаат проблемите кои постојат во нивните билатерални односи. Според неговото мислење, двете земји може да соработуваат во области како што е контролата во вооружувањето.

Русија нема реагирано на предлогот за Самит ова лето во Европа, освен дека во Кремљ се проучува американската понуда, но остро реагираа на санкциите, најавувајќи дека ќе уследат и контра – мерки.

Според портпаролот на Кремљ, Дмитри Песков, Москва не сака односите на Русија со САД да се одвиваат во стилот – чекор напред, а потоа два чекора назад.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе