Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Почина сопругот на британската кралица

360ber/Depositphotos.com

Почина сопругот на британската кралица

Принцот Филип, сопругот на британската кралица Елизабета Втора, почина во петокот утрината, во замокот Виндзор, во околината на Лондон – соопшти кралската Бакингамска палата.

Почина на 99 годишна возраст, на само два месеци пред да наполни 100 години.

Не е соопштено што е причината за смртта, освен дека беше во длабоката старост. Но тој од средината на февруари, на два пати беше примен во две лондонски кралски болници.

Во првата поради, како што беше речено – предострожност, а во втората, за да му се изврши помала интервенција на срцето. Од болницата излезе пред еден месец, од каде замина на домашно опоравување во Виндзор.

Роден како грчки принц

Омилен во британската јавност, иако натурализиран Британец, тој останува запаметен како најдолг сопруг-партнер на еден британски суверен во историјата на земјата. Цели 73 години тој беше во брак со Елизабета.

Во брак беа од ноември 1947 година, а тој остана покрај Елизабета, како британска кралица, секогаш во нејзина служба и постојано – како што е редот – одејќи на два чекори зад неа, во сите 69 години колку што е таа на престолот на Обединетото кралство.

Во бракот имаат четири деца – принцот Чарлс, кој е престолонаследник, принцезата Ана, единствената нивна ќерка, како и војводата од Јорк, Ендрју и принцот Едвард. Кралицата и нејзиниот сопруг имаат и осум внуци и десет правнуци.

Филип е роден во јуни 1921 година на грчкиот остров Крф. Негов татко е Ендрју, принц на Грција и Данска, титула која подоцна ќе ја има и Филип, а мајка Алис, ќерка на принцот Луис од Батенберг, инаку правнука на (британската) кралица Викторија.

Израснат без родителска топлина

Но, уште на едногодишна возраст тој морал да оди во егзил, надвор од Грција, после пучот по кој татко му бил протеран од земјата, за да не биде убиен, доколку има намера да претендира на грчкиот престол.

Со британски воен брод, малиот Филип и целото негово семејство, се префрлиле во Италија, од каде почнуваат неговите бројни животни хаварии – останувајќи, практично, сам без родителите и приморан да расте кај своите роднини.

На осум годишна возраст останал без мајката, која по доживеан тежок нервен слом, до крајот од животот останала во психијатриска болница. Татко му тогаш, наместо да остане покрај синот, го оставил кај роднините, додека тој самиот се префрлил на југот од Франција, постојано во друштво на некоја од неговите љубовници.

Сестрите, пак – сите постари од него – настојувале да се вдомат, секоја мажејќи се за некој богат човек.

Самиот подоцна си го менува презимето во Маунтбатен и се префрла на школување во Британија.

Откажување од минатото

Таму во една прилика како 18 годишен, за прв пат ја има сретнато, во тоа време 13 годишната Елизабета со која подоцна почнува да се допишува. Учествува во текот на Втората светска војна како британски поморски офицер и велат сакал да гради воена кариера, но врската, прво преку писма со сега полнолетната Елизабета, ги менува работите.

Пред свадбата со тогашната престолонаследничка на британскиот престол, Филип кој во тоа време имал 26 години, морал да се откаже од целиот свој дотогашен живот.

Се откажал од грчкото државјанство, од титулата принц на Грција и Данска, од своето презиме, од православието за да стане протестант-англиканец.

Потоа, примил британско државјанство, по што ја има добиено новата титула – војвода од Единбург. Токму по неа тој целиот свој живот ќе остане запаметен и познат, како во Британија, така и во светот.

Сопруг на кралицата ќе стане во февруари 1952 година, кога кралот Џорџ Шести ќе почине од рак на белите дробови, кога имал 56 години.

Лојален и во сенка

Филип тогаш дефинитивно се откажува од сите свои амбиции за да се посвети само на поддршката на својата сопруга, која на 26 години ќе биде британска кралица, сопруга и мајка на две деца. На таа своја позиција и во таа функција тој ќе остане до крајот на животот.

За смртта на својот татко, Елизабета разбрала за време на африканската тура по земјите на Комонвелтот, од каде веднаш се враќа со својот сопруг за да стане британски монарх. Филип (војводата од Единбург) никогаш и во ниту еден момент не бил претендент на престолот.

Ништо друго освен сопруг на кралицата Елизабета Втора. Лојален и секогаш во нејзината сенка.

Сеќавање на мачниот егзодус

Велат дека само еднаш се има разбунтувано – во педесеттите години на 20 век – кога побарал децата да го носат неговото презиме.

„Јас сум единствениот во Британија кому не му е дозволено, на своите деца да им го даде своето презиме“ – рекол тогаш принцот Филип, според хроничарите на кралското семејство.

Меѓутоа, не успеал да го постигне она што го барал – кралицата (неговата сопруга) веќе одредила сите да го носат презимето Виндзор.

Неговите биографи велат дека никогаш го нема заборавено својот мачен егзодус на кој бил изложен од најмалата возраст, бегајќи со родитетели и семејството, на брзина од Грција.

Од тогаш постојано има зборувано дека „монархиите мора да се прилагодуваат, за да може да преживеат“.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе