Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Нема стол за Урсула фон дер Лајен во Анкара

Ale_Mi/Depositphotos.com

Нема стол за Урсула фон дер Лајен во Анкара

Претседателката на Европската комисија (ЕК) Урсула фон дер Лајен остана без стол во претседателската палата во Анкара, на кој ќе требаше да седи во текот на разговорите на високата делегација на ЕУ, со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Официјалната фотографија од средбата и од разговорите открива дека Фон дер Лајен има добиено понизок протоколарен третман, од оној што го заслужува според функцијата што ја има, па во салата каде шефот на турската држава прима странски гости, се гледа дека се поставени само два стола – за домаќинот и уште еден – за еден од гостите – претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој исто така допатува Турција.

На тој начин, турскиот протокол ги постави турскиот претседател и Мишел, еден покрај друг, додека претседателката на ЕК, беше седната од страна – на еден тросед, наспроти троседот на кој седи турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Тоа протоколарно е сосема погрешно, затоа што значи давање пониско место во разговорите на (инаку) главниот човек на европската делегација .

Деградирање на претседателката на ЕК

Троседот на кој ја седнале Фон дер Лајен е наменет за пониски членови од странски делегации, кои обично и не се вклучуваат во разговорите, или за преведувачите во официјалните разговори.

Првичниот впечаток е дека станува збор за пропуст на турскиот протокол. Фон дер Лајен е (практично) претседател на владата на ЕУ, во хиерархијата во Брисел таа е пред претседателот на Европскиот совет, што во основа, сепак, повеќе е техничка позиција, затоа што тој (кој и да е) не е претседател на ЕУ.

Дипломати во Брисел, меѓутоа, сметаат дека во случајов не станува збор за грешка.

Турција и турскиот протокол многу добро знаат кој е кој во Брисел и кој, вистински, ја предводи и ја раководи Унијата.

Се смета дека станува збор за намерен потег на домаќините, веројатно со знаење на турскиот претседател кој сигурно знаел како е уредена салата за разговорите со европските политичари, посебно за тоа колку столови има и кој каде ќе седи.

Намерен гест

Некои од дипломатите во Брисел веќе го имаат критикувано Мишел, кому му замираат што воопшто не реагирал на третманот кој и бил даден на претседателката на ЕК, на тој начин што би барал од домаќините таа да седи до Ердоган.

Конечно, Ердоган е 20 години лидер на Турција и се има среќавано со европската политичка „двојка“ – како во Брисел, така и во Анкара – и секогаш имало по три стола – за него, како и за претседателот на Европската комисија и за претседателот на Европскиот совет.

На последната таква средба во турскиот главен град, од која исто така има фотографија, се гледа како Ердоган седи меѓу Жан Клод Јункер и Доналд Туск (цитираните дипломати инсистираат – и обајцата мажи) кои тогаш ги имаа овие две носечки функции во ЕУ.

Гестот, затоа, се објаснува со тоа што Ердоган е исламист и тоа се повеќе го истакнува како одминуваат годините на неговото владеење со Турција, а според тоа негово уверување, жената не е рамноправна со мажите.

Потребни разговори

Што се однесува, пак, до политиката и до разговорите, средбата се оценува за потребна и за двете страни. Прво, затоа што односите на релацијата Брисел/Анкара се крајно студени и се наоѓаат во длабока криза, а второ, затоа што доаѓа после повеќе од една година.

Освен тоа, Ердоган настојува да ја задржи својата моќ дома, во Турција, а тоа нема никаква врска со било која од европските вредности кои, инаку, се бараат од новите членки, од оние кои се кандидати за влез во ЕУ, а од скоро и од оние кои се во Унијата, но како да сакаат да се одметнат од вредностите за кои се влезени и кои се обврзале да ги почитуваат како земји – членки.

Турскиот претседател е како и секој друг автократ, па така се однесува во својата земја, но и на меѓународната сцена – кога му е тоа потребно влегува во спор со ЕУ. Во друга прилика со САД, за да потоа кокетира со Русија, или со Кина, па отвори криза во односите со Грција и Кипар, или со НАТО, каде Турција е член уште од 1952 година.

ЕУ не се споменува

Во една таква атмосфера која се одржува подолго време, откако Ердоган управува со земјата – распостелена на два континенти – во Брисел е оценето дека и Турција и нејзиниот претседател се во период на затишје.

Запреа расправиите со ЕУ, како и со Грција и Кипар околу експлоатацијата на гас и нафта во Источен Медитеран.

Брисел, од своја страна, не воведе санкции против Анкара (како што се закануваше), а во меѓувреме и има понудено на Турција преговори за реформирање на царинската унија (што постои меѓу двете страни веќе 25 години).

Европа, во секој случај, мора да се согласи со Вашингтон дека Турција останува и натаму стратешки мошне важна како штит (во регионот) против Русија и Иран, но и за НАТО како целина, па затоа веќе никој не зборува, а ниту го споменува турското членство во ЕУ.

Само економско партнерство

Тоа не го покренуваат ниту Европејците, иако Австрија и Себастијан Курц од поодамна сугерираат да престанат 16 годишните преговори со Анкара, а за тоа молчи и Турција на која, тоа е очигледно, ЕУ повеќе не и е потребна – за да биде членка во Унијата.

Заедно со една Малта, Луксембург, или Словенија, на пример, кои како и сите другите имаат право на вето.

Анкара во последните 20 години, со Ердоган како премиер, а потоа и како претседател, се гледа себе си како регионална сила и таа веќе со години така и се однесува.

Она што Турција сака, тоа да биде партнер на ЕУ, главен во трговијата, како што тоа го има уредено и со САД.

На Брисел и на ЕУ, пак, Турција им е потребна за да го ограничува влезот на бегалци и посебно на економските мигранти од Блискиот и од Средниот Исток.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе