Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Путин станува „доживотен“ претседател

Free2014/Depositphotos.com

Путин станува „доживотен“ претседател

Претседателот на Русија Владимир Путин (68) го потпиша новиот закон со кој му се овозможува да остане на власт и во следните 15 години, со што, практично, може да стане доживотен претседател.

Законот, претходно, беше усвоен во руската Дума (долниот дом на Парламентот), откако неговиот текст беше изработен врз основа на измените на Уставот на Русија кои беа донесени на (набрзина) спроведениот референдум во текот на летото во 2020 година.

Со овој контроверзен закон, Думата во основа, ги „брише досегашните мандати“ на Путин и времето што досега го има поминато во Кремљ како шеф на државата, овозможувајќи му тој и натаму „законски“ да владее со Русија се до 2036 година.

Уставна реформа

Според досегашните уставни и законски одредби, Путин требаше да се повлече од претседателската функција во 2024 година, после поминатите два, едно по друго мандати.

Уставните измени, врз основа на кои е донесен еден ваков закон, во Москва се оценуваат како „најважната уставна реформа во руската историја“ и тоа не само по можноста актуелниот претседател (во основа) да остане доживотно на таа позиција, туку затоа што со измените на Уставот уште повеќе се засилува позицијата на Путин.

Тој, на пример, сега ќе ги именува и членовите на Уставниот суд на Русија.

Во времето на кампањата за уставните промени, како и краткотрајната кампања за референдумот, измените на Уставот беа рекламирани со тоа дека сега се овозможувало „годишно ускладување на пензиите и на минималните плати“ што (инаку) секаде низ Европа не е работа што се внесува во уставниот текст на некоја земја.

Замена со Медведев

Како и да е, сега откако новиот закон е во сила, Владимнир Путин ќе може (наместо да оди во пензија) одново да се кандидира за претседател, на изборите во 2024 година, како и на следните, во 2030 година. Доколку го служи здравјето – а се верува дека тоа така ќе биде – кога ќе го заврши и тој мандат, во 2036 година, Путин ќе има 83 години.

Тој на претседателската функција е од почетокот на 2000 година, кога го наследи Борис Елцин. Претходно, еден кус период тој беше и премиер.

Во еден мандат тој и Дмитри Медведев ги заменија функциите – па Путин беше руски премиер, додека Медведев во тој период, еден мандат беше во Кремљ, како шеф на државата.

Повеќе од Брежнев и Сталин

Во Москва велат сето тоа беше изведено за да му се чува местото на Путин, за да може одново да се кандидира како претседател, откако ќе поминеа претседателските години на Медведев. Кога тоа се случи, Путин одново се кандидира и стана претседател на државата. Потоа, уследи уште еден путинов мандат како шеф на државата, што истекува во 2024 година.

Владимир Путин кој е веќе 21 година на власт, со сегашните екстра доделени години, уверливо ќе биде најдолго на власт во Русија, во времето по соборувањето на царизмот. Многу повеќе од комунистичкиот моќник Леонид Брежнев и од советскиот диктатор Јосиф Сталин.

(М.Р.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе