Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Лилјаци, луѓе и други животни

ArthurBalitskiy/Depositphotos.com

Лилјаци, луѓе и други животни

Повеќе од година и половина, уште од пред крајот на 2019 година, светот се бори со коронавирусот – со пандемија каква немало во последните 100 години.

Од самиот почеток здравствени експерти, вирусолози и епидемиолози настојуваат да најдат начин како да се запре ширењето на епидемијата, што тргна од Кина, но најтешко ги погоди Европа, САД и американскиот континент. Во исто време се трага да се утврди потеклото на вирусот што предизвика смрт на милиони луѓе на планетата.

Не толку за да се најде има ли некој што е виновен за ова што ни се случува, колку за да се знае како вирусот настанал, за да после некоја година, не мора одново да се соочиме со некој нов вирус, како што претходно (во далеку помал обем) тоа беа птичјиот и свинскиот грип.

Беше јасно дека во потрагата по потеклото на короната ќе треба да се тргне од таму од каде таа се роди – од Кина, од градот Вухан – каде беа регистрирани и првите заразени и каде беа запишани првите жртви.

Пазарење со Пекинг

Но, во денешниот свет, во кој се е политика и се има своја политичка мерка, потребата да се најде причината, или извориштето на вирусот, стана основа за судирот на Пекинг со Западот, кој беше и непотребен и изнасилен, но кој и користеше на Кина за пропагандни цели.

По стариот комунистички обичај, на тамошната јавност – уште еднаш требаше да и се каже дека „непријателот“ (а стануваше збор за медицински експерти) – никогаш не спие, па сега сака да и напакости на нивната земја и да ја прогласи за виновник.

Ригидната кинеска позиција значеше долги дипломатски пазарења, преку Светската здравствена организација (СЗО), за да се постигне консензус за престој на една меѓународна делегација на експерти која ќе има задача да трага по потеклото на вирусот и што е тоа што ја предизвика глобалната пандемија.

СЗО која и самата беше притисната од меѓународната јавност, затоа што задоцни со квалификацијата на епидемијата, па за глобална ја прогласи кога почнаа луѓе да умираат и далеку од Вухан, настојуваше да балансира меѓу оние кои инсистираа на вистински независна екипа и на домаќините кои не сакаа ни да слушнат за истрага во која тие немаат надзор.

А, во тоа надмудрување кој прв ќе попушти, за да Кина дозволи инспекција од странство, се загуби многу време. Исчезнаа првичните траги, па светот не знае (од независни извори) кога воопшто и тргнала болеста.

„Експертска размена на мислење“

Не се знае какви навистина биле првите симптоми од болеста која на почетокот изгледаше како „многу тежок грип“, или како „вирусно заболување на белите дробови“, освен од оние дозирани информации на еден млад кинески лекар од Вухан кој прв предупреди дека се случува „нешто страшно“. Човекот уште партиски го имаат казнето за „ширење невистини и за кревање паника“ .

Малку требеше да го стават и во затвор, или во некој работен логор. На крајот, самиот тој го „затвори“ својот случај – почина од вирусот за кој предупредуваше.

Кога, конечно, Пекинг се согласи да прифати странски експерти за нешто што таму не го нарекуваат истрага, туку “стручна, експертска размена на мислење“ дојдените од надвор експерти можеа да видат дека сите пазари во Вухан за морска храна беа чисти како што никогаш не биле.

Исчистени, уредени и деконтаминирани беа и другите пазари за храна, на кои се продава и свежо месо од домашни и од диви животни, но на кои се продаваат и разни диви животни, покрај зеленчукот и овошјето, а притоа, уште се служи и свежа, зготвена храна. Едноставно, не беа повеќе корисни за теренско истражување и за трагање и откривање на „виновникот“ за пандемијата.

Нагаѓања и претпоставки

Истражувачката работа, сепак, продолжи и заврши за четириесетина денови во текот на јануари и февруари, а експертскиот тим на СЗО ги има своите наоди на 400 страници и – како изгледа – ја разочара меѓународната јавност.

Од она што француската агенција АФП го има објавено, пред да се публикува извештајот, што инаку, неколку пати се одлага, излегува дека Кина, сепак, ќе ни остане должник за вистината на вирусот што потекна од нејзината територија.

Затоа што она што го содржи извештајот – во основа – е она за што меѓународните експерти и досега зборуваа, главно само нагајќи какво е потеклото на коронавирусот.

Според експертската мисија „многу е веројатно“ дека предизвикувач на вирусот се лилјаците. Преку нив короната се пренесла на луѓето, но не директно, туку преку „некое друго животно“. Експертите на СЗО се на мислење дека „речиси целосно се исклучува можноста“ дека коронавирусот „побегнал“ од некоја од бројните лаборатории во Вухан, откако бил оставен без контрола.

Алиби за лабораториите?

Се вели дека не е најден никаков запис дека постоел вирус сличен на вирусот САРС-Ков-2, во било која тамошна лабораторија пред декември 2019 година.

Згора на тоа, во завршниот извештај (индиректно) се отфрлаат и наодите на некои американски експерти (што Скопје/Глобал ги објави), за тоа дека американските дипломати уште во 2018 година предупредувале за состојбата во главната лабораторија во Вухан за вируси – дека е недоволно обезбедена од можна хаварија, како и дека се соочува со кусок на обучени кадри за ваква безбедност.

Во Вашингтон никој не обрнал внимание на овие американски предупредувања од Пекинг (од пред три години), а во извештајот на СЗО сега се вели дека „во лабораториите во Вухан постојат високи безбедносни стандарди“!

Самиот извештај, меѓутоа, е полн со недоречени толкувања и заклучоци – за некаков „посреден предизвикувач“ (друго животно, што се врзува за лилјаците), како и дека целосно не се исклучува „бегство“ на вирусот од лабораторија, но таквата можност се третира како „малку веројатна“ .

Дипломатско надмудрување

Ваквите формулации кои веднаш имаат предизвикано сомнежи и неверување, се последица на големото „дипломатско пазарење„за секој збор во извештајот, на силниот притисок на Кинезите околу тоа што тие може да прифатат, а што не во завршниот извештај, кој повеќе е дипломатски компромис, отколку стручен наод во, како што се признава, дипломатската војна за содржината на извештајот на СЗО.

Впрочем, на почетокот на февруари, пред екипата на СЗО да замине од Кина, домаќините имаат признаено дека „не може да се извлече ниту еден цврст заклучок” туку дека работеле на „рангирање на тезите“ кои инаку се присутни во меѓународната јавност безмалку една година.

Стручњаците се согласуваат дека вирусот САРС-Ков-2 потекнува од лилјаците. Но, тие зборуваат за две работи – првата е дека директно се преселил на луѓето (во Кина лилјаците се јадат), а другата – дека вирусот од лилјаците минал на луѓето преку друго животно – кое потоа ги има заразено луѓето. Оваа варијанта се нуди како најверојатна, но не се открива кое тоа „друго животно“, што како посредник ги има заразено луѓето во Вухан.

Кинезите навиваат за замрзнатата храна

Како што претходно кинеските власти открија – била анализирана и можноста – вирусот да е создаден и раширен преку замрзнатата храна. Изгледа дека таа варијанта за Кинезите е најомилена и најприфатлива, а таму се објаснува со сознанието дека овој вирус е способен да преживее на ниски температури, под нулата.

Другите, сепак, своето мислење го врзуваат за лилјаците. Но, притоа се споменува дека во оваа варијанта има нешто што недостасува – иако најсродниот вирус на САРС-Ков-2 е откриен кај лилјаците.

Проценката е дека еволуциското растојание меѓу тие вируси (кај лилјаците) и оние на вирусот корона, сепак, изнесува неколку десетици години. А тоа се оценува како голема празнина за која научниот тим – едноставно – нема објаснување.

Сомнежите на „Пастер“

Како и да е, и во службениот извештај, најверојатно, ќе остане она околу кое вирусолозите полемизираа од минатогодишната пролет.

И тогаш се споменуваше „некое диво животно“ од пазарите во Вухан – како преносител на вирусот и можноста од “ бегство“, или од ненамерна грешка на некои од кинеските научници кои во лабораторијата во Вухан за вирусолигија, каде се испитувале нови вируси.

Минатата година, угледни експерти на респектабилниот француски институт „Пастер“ се сомневаа дека короната им „избегала“ на Кинезите додека трагале по вакцина против вирусот на ХИВ.

Сега, очигледно, под притисок на официјален Пекинг, таквата варијанта за „избеган вирус“ се отфрла. Па, за вистината од каде потекнува смртоносната корона, светот ќе мора да почека, ако воопшто некогаш и се разбере кој е навистина виновникот.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе