Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Тужба против Фокс Њуз од 1,6 милијарди долари

rafapress/Depositphtos.com

Тужба против Фокс Њуз од 1,6 милијарди долари

Компанијата „Доминион Вотинг Системс“ ја тужи американската тв мрежа Фокс Њуз за клевета, затоа што на нејзината информативна програма во еден подолг период е пласирано тврдењето и обвинувањето – без никаков доказ и поткрепа – дека „Доминион“ била дел од наводното „незаконско“ гласање во текот на претседателските избори во ноември 2020 година.

Оваа компанија бара отштета за повредата на угледот и за неоснованото клеветење од 1,6 милијарди долари.

Републиканската десница и конзервативците, собрани околу Доналд Трамп, во текот на предизборната кампања и при броењето на гласовите, упорно тврдеа дека машините на оваа компанија за регистрирање и за броење на гласовите се ПРЕПРАВЕНИ за да се изведе „измамата и за да се спречи Трамп да добие уште еден мандат“.

Кампања со лаги

Токму таа лажна кампања за, наводно „украдени избори“ беше промовирана и поттикнувана во текот на сите негови јавни настапи пред изборите, во текот на броењето на гласовите и пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател.

Тоа, пак, го поттикна бунтот на Капитол Хил, кога толпа од насилници, вооружени со огнено оружје, членови на разни банди, расисти и воени ветерани, приврзаници на белата супремација во Америка, упадна во зградата на Конгресот во Вашингтон, во намера да се спречи, инаку, досега, само формалното потврдување на резултатот од електорските гласови и уверливата победа на Џо Бајден.

Телевизија Фокс која е во сопственост на медиумскиот тајкун Руперт Мардок (90), силен поддржувач на Трамп на изборите, соопшти дека во текот на судскиот процес „ќе се бори со сите сили“ против овие, како што го има наречено – обвинувања без основа.

Без докази за изборна „измама“

Тужбата на „Доминион“ се засновува врз факти кои произлегуваат од однесувањето на Фокс.

Оваа телевизија која целосно се стави на страната на Трамп, во програмата има носено гости и соговорници кои, во основа, имаат водено кампања и против „Доминион„за тоа дека таа е дел од некаков „таен заговор“, при што сите тие ја имаат „безмилосно газено вистината“. Според подносителот на тужбата – само затоа што лагите, лажните вести и лажните теории беа добри за бизнисот на Фокс Њуз.

Компанијата „Доминион“ е една од најголемите производители на гласачки машини во САД. Дури 28 американски сојузни држави ги користат машините и опремата што ја произведува оваа компанија.

Но, во случајот на приказната за наводната „изборна измама“ ниту во еден момент не е прикажан, ниту е понуден некаков доказ. Низа американски судови на ниво на сојузните држави, или на федерално ниво нема прифатено ниту еден од приговорите на тимот на Трамп што ја водеше изборната кампања.

Дури и тогашниот државен обвинител и министер за правда Вилијам Бар изјави дека нема никаков доказ што би можел да потврди дека била направена било каква изборна измама.

Дисквалификација на „Доминион“

Медиумите во САД потсетуваат дека најголеми поддржувачи на лажните теории (и обвинувања) за „измама“, за „украдена изборна победа“, или за „заговор“ ја ширеа личниот адвокат на Трамп, поранешен градоначалник на Њујорк и некогашен областен обвинител, Руди Џулијани, како и адвокатката – крајно десничарски определена Сидни Пауел. Обајцата беа дел од тимот за кампања на поранешниот претседател.

Сега се потсетува дека како еден од „аргументите“ на Џулијани и Пауел и на целото тоа друштво на Трамп за обвинување и за дисквалификација на „Доминион“ било и тоа дека компанијата во 2002 година била ангажирана од сега починатиот венецуелски претседател Уго Чавез. Според овие двајца правници, Чавез, наводно, „побарал да му се изработи машина за да никогаш не загуби на некои избори“!? И, целата оваа и ваква „аргументација“ е користена за да и се напакости на компанијата

Тужба против Фокс Њуз во јануари годинава има поднесено и компанијата „Смартматик“ .Таа бара отштета од 2,7 милијарди долари – за истите обвинувања што трамповци и луѓето од неговата кампања ги имаат употребувано против оваа смарт фирма, за да се оправда изборниот пораз на Доналд Трамп и неуспехот на неговата кампања.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе