Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

„Четири можни извори за коронавирусот“

urf/Depositphotos.com

„Четири можни извори за коронавирусот“

Официјален Пекинг настојува да даде свое сопствено видување за потеклото на коронавирусот од Вухан, пред да биде објавен официјалниот извештај на Светската здравствена организација (СЗО) чија меѓународна експертска екипа го истражуваше вирусот кој предизвика глобална пандемија.

Странските агенции јавуваат дека министерството за надворешни работи, во главниот кинески град има организирано брифинг за странските дипломати околу текот на истрагата и притоа е соопштено дека кинеската страна има определено ЧЕТИРИ можни извори од каде би можело да тргне епидемијата.

Лилјаци и смрзната храна

Првиот е и досега најраширен – а тоа е дека вирусот ги има зафатено луѓето преку лилјаците (што дел од Кинезите ги користат како храна). Како втор извор, кинеските експерти ги сметаат некои од цицачите, односно нивното месо, претходно исто така, заразено од лилјаците.

Третиот извор се смета дека би можел да биде смрзнатата храна, додека за четвртиот се вели дека бил разгледуван, но дека не се верува дека од него потекнува короната. Станува збор за тоа дека вирусот е создаден во лабораторијата во Вухан, од каде „излегол“ оставен без контрола.

Според кинеските експертски толкувања, најверојатно, вирусот бил пренесен од некое животно, или пак до луѓето стигнал преку консумирањето смрзната храна.

Епидемиологот Фенг Зијанг, еден од членовите на кинескиот експертски тим (кој бил со странските експерти) има изјавено дека „малку е веројатно оти вирусот потекнува од лабораторијата во Вухан“.

Неверувања и сомнежи

САД и земјите од Западот од почетокот на пандемијата имаат покренато барање за истрага од една независна меѓународна научна екипа, за да се утврди каква е улогата на кинеската страна во пандемијата, не верувајќи дека било која кинеска истрага би била независна во потрагата по потеклото на короната.

Пекинг, пак, долго се спротивставуваше да има било каква странска истрага и таа (конечно) беше усогласена со СЗО, откако сите пазари во Вухан, па и првично обвинетиот – за морска храна – беа или затворени, или детално исчистени и деконтаминирани. Кина и натаму обвинува дека целата оваа работа, која се тврди дека треба да биде експертска, продолжува да се политизира.

Кинезите и овој пат тврдат дека и студијата која ја имаат разработено СЗО со кинеските научници „се политизира со единствена цел – да се обвини Кина за вирусот и за пандемијата“.

Извештајот наскоро во јавноста

Објавувањето на завршниот извештај од истрагата, инаку, повеќепати беше одлагано. Станува збор за материјал на меѓународниот тим од експерти кои беа во Кина и во Вухан, од каде за прв пат тргна (тогаш) непознатиот вирус, уште во ноември/декември 2019 година.

Во јануари и во февруари експертите на СЗО беа на теренот и притоа со кинеските власти е договорено ДВЕТЕ СТРАНИ да се согласат за конечниот текст на овој извештај.

И на брифингот со странските дипломати, Пекинг има обвинето „некои странски земји“ дека се обидуваат на истрагата да и дадат само политичко обележје. Во седиштето на СЗО, во Женева, меѓутоа, одбиваат да ги коментираат ставовите изнесени во кинескиот главен град.

Од СЗО само е речено дека материјалот е готов, дека извештајот има 400 страници и дека ќе се објави во текот на идната недела.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе