Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Војна или мир околу вакцините

AEcheva/Depositphotos.com

Војна или мир околу вакцините

Лондон и Брисел настојуваат да најдат некаков заеднички јазик околу вакцините (на Астра/Зенека) за да се обезбеди барем студен мир, ако веќе не може целосно да се врати довербата, но во секој случај за да се спречи војна, како што тоа го заговараат лондонските, главно проториевски и антиевропски медиуми.

Британската влада, предводена од силниот брегзитер и популист Борис Џонсон, настојува по секоја цена да избега од етикетата што самата си ја има залепено за тоа дека (со Израел, а делумно и со САД) промовираа национализам во вакцинирањето – задржувајќи ги за себе и само за своите граѓани сите вакцини (на Астра/Зенека) што се произведуваат на британска територија.

ЕУ која се бори во овие први три месеци да го интензивира процесот на вакцинација на сопственото население, што засега оди бавно, затоа што фармацевтските индустрии потфрлија со своите ветувања за производство на „милијарди дози во првите три месеци„од 2021 година – па на виртуелен Самит на лидерите на Унијата (во четврток и во петок) ќе ги договара следните чекори.

Нови мерки на Брисел

Станува збор за „забрана за извоз на вакцини“ како што тоа се квалификува во Лондон, или за „нова политика“ во дистрибуцијата како што новите предложени мерки се означуваат во Брисел. А, тие се давање право на Европската комисија да може да блокира пратки во земји, како Британија, на пример, кои имаат многу повисок процент на вакцинирано население од европското, како и на оние земји кои не извезуваат сопствени вакцини – туку прават реизвоз на она што го добиле од други земји – производителки.

Во регионот на Западен Балкан тоа е само Србија која има натрупано екстра резерви вакцини од Русија и од Кина, а претходно и од некои европски фирми, што сега ги извезува (префрла) во трети држави.

Практично авторизацијата на извозот сега се однесува и на сите трети земји, што е различно од досегашната мерка на – со која земјите од соседството на ЕУ – од Источна Европа, Западен Балкан и од системот на Ковакс – не им требаше согласност од Брисел за да внесат вакцини произведени во ЕУ.

Во ЕУ инсистираат дека оваа мерка не е насочена против Западен Балкан и не се работи за блокада, како што тоа го означуваат Британците, туку за мерка која ќе обезбеди транспарентност кога станува збор за извозот вакцини од територијата на ЕУ.

Капитализам и лакомост

„Западен Балкан е исклучително важен регион за Унијата и за Европската комисија за да биде казнуван, како што тоа некаде се мисли, па наместо тоа во Брисел се настојува со фармацевтските компании да се обезбедат количества дози со вакцини за регионот – посебно таму каде вакцинацијата нема земено масовност” – велат во Брисел изразувајќи надеж дека тоа набрзо ќе се може и да се постигне.

Но, факт е дека новата мерка на Комисијата ќе ја зголеми и онака напнатата ситуација со Британија и со нејзината влада. Посебно, откако премиерот Џонсон се пофали дека успешната кампања во неговата земја била резултат на две клучни работи.

Првата – на капитализмот – што ќе рече, богатите имаат пари за да не прашуваат за цената и да се договорат по секоја цена, само за да дојдат до вакцините. Втората – пак – се однесува на како што рече Џонсон – ЛАКОМОСТА – во стилот – ние сме Британци, ние можеме да си дозволиме да направиме спогодба со Астра/Зенека за тоа дека целото производство од фабриките во Британија – ќе биде само за британскиот пазар и за британските потреби.

Криење вакцини

Брзо се покаја за ваквата своја политичка невнимателност, која сепак треба да се прифати и како првата, искрена изјава од Лондон, од каде досега доаѓаа само обвинувања за сметка на ЕУ и пофалби за сопствената “способност“.

На ова признание на Џонсон се надоврза и откритието на италијанските власти за тоа дека британско – шведската компанија Астра/Зенека на италијанска територија има сокриено дури 30 милиони дози вакцини. Како што брзо се разбра, сите биле планирани за вакцинација со втората доза во Британија.

Откритието предизвика гневна реакција во италијанската јавност која и онака е скептична кон вакцинацијата, особено што Лондон ја нападна Италија што владата во Рим побара од Брисел да забрани извоз на вакцини за Австралија, каде ситуацијата со пандемијата е неспоредливо полесна и поблага во однос на Италија и на Европа во целина.

Европски извоз и за Британија

Во Брисел, затоа, велат дека и покрај се – во случајов не станува збор за војна со Британија.

Наместо тоа, Европската комисија се определува за политика на реципроцитет и на пропорционалност во дистрибуцијата. Или поедноставно речено – ако од ЕУ се извезуваат вакцини, тогаш од таму во ЕУ ќе треба и да се внесуваат дози.

Досега едната страна правеше залихи и пропаганда, додека другите го развлекуваат процесот со вакцинација.

Од територијата на ЕУ, на пример, и покрај недостигот во првиот квартал, се извезени 43 милиони дози вакцина. Од одва количество, дури ДЕСЕТ МИЛИОНИ биле за Британија. Но, од таму не е примена ниту една доза, а нивната Астра/Зенека вели дека ниту до јуни не ќе може да го исполни планот што е од порано договорен со Брисел.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе