Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Мохамад Салман: Суровиот реформатор

fthuerig/Depositphotos.com

Мохамад Салман: Суровиот реформатор

Саудиска Арабија, една од најзатворените држави во светот, без разлика што таа е меѓу главните играчи на Блискиот Исток, на само поради нафтата, од пред четири години почна наеднаш да лиферува вести за себе, за домашни случувања. Поврзани, главно, со реформите од општествениот живот, што до тогаш изгледаа како незамисливи, бидејќи се однесуваа и на статусот и правата на жената, која во ова кралство (се уште) има речиси средновековна позиција.

И, најважното е што сите реформи се поврзуваа за новиот и (нетипично за саудиската пракса) млад престолонаследник – принцот Мохамад Бин Салман (36), син на саудискиот крал Салман.

Принц-престолонаследник

Кралот е на престолот од 2015 година, по смртта на неговиот претходник и полубрат, кралот Абдула кој почина на 90 годишна возраст. Салман и самиот длабоко возрасен, на 80 години и со кревко здравје, не чекаше долго, па во 2017 година, како свој наследник – принц престолонаследник – го определи омилениот син Мохамад. Одредувајќи притоа да биде и министер за одбрана и генерален секретар на мошне влијателниот кралски суд.

Мохамад е роден во 1985 година. Тој е дипломиран правник и важи за добар познавач на внатрешно-политичките состојби на кралството, затоа што веднаш по студиите има работено покрај својот татко, додека овој бил гувернер на Ријад, што се смета за висока и влијателна функција. Тоа на младиот принц, му има овозможено уште од мали нозе (практично) да расте во кралско опкружување.

Оние кои го знаат од студентските денови, сега велат дека никогаш не се однесувал како некој кој ќе се издигне до втората по позицијата во кралството. Уште да важи и за највлијателниот и најмоќниот човек во државата, за кого се зборува дека токму тој управува со Саудиска Арабија. Таквото мислење за Мохамад не преовладува само во кралството, туку и во светот.

Помоќен е само неговиот татко

А, неговото однесување од студентските денови се објаснува со саудиското минато, од времето на создавањето на современа Саудиска Арабија. Нејзиниот основач Абдул Азис ал Сауд се оженил со 135 девици и со нив имал (велат) најмалку 97 деца, а меѓу нив – 42 синови – потенцијални наследници.

После неговата смрт , едноставно, било мошне тешко, точно да се утврди кој е прв претендент за престолот. Затоа и се вели дека само сплет на околности (татко му да стане крал) му има помогнато на Мохамад Бин Салман, од пред четири години, да се искачи до самиот врв на државата.

Сега од него е помоќен само таткото, кралот Салман.

Раководи со Советот за развојни и економски односи кој ги надгледува сите елементи на политиката поврзани за економијата, како и за општествените прашања, нешто како втора влада, а раководи и со Извршниот одбор на најголемата нафтена компанија во Саудиска Арабија – Арамко – како првиот член на кралското семејство кој директно ја надгледува компанијата.

Саудијките влегуваат во јавниот живот

Бин Салман настојува до 2030 година, Саудиска Арабија да не зависи повеќе само од нафтата. Настојува за прв пат, ова единствено затворено кралство на Блискиот Исток да го отвори за странци (не само за оние кои одат во Мека), туку и за туристи, па Ријад веќе има покренато визен режим со 49 земји.

И, конечно, ги внесе саудиските жени во општествениот и во економскиот живот.

Се уште е тоа далеку од позицијата која жените ја имаат низ светот, но во 2018 година тие за прв пат можеа да седат на предните седишта од автомобилите, додека се возат со своите татковци, браќа или со своите сопрузи, а потоа и самите да возат автомобил – да поседуваат возачка дозвола.

Саудијките сега се и во дипломатијата, а во Вашингтон, за прв пат во историјата една жена е амбасадор на саудиското кралство во САД.

Преку тоа, Мохамад ја гради и сликата за себе – поинаква од онаа како што странците обично ја имаат за Саудијците. При своите посети во странство, посебно на Западот, тој е првиот од саудиските принцови кои се ракува со сопругите на своите политички соговорници и при тоа ги гледа директно во очи, што досега никој од саудискиот двор го нема правено.

Војна со Јемен и апсење принцови

Сето тоа го воодушеви Западот и посебно САД кој во Саудиска Арабија имаат силен стратешки партнер во регионот на Блискиот Исток.

Меѓутоа, кога се помисли дека затвореното кралство на вахабитските сунити, конечно, влегува во 21 век, од Ријад почнаа да доаѓаат и други вести кои го покажуваа другото лице на принцот – реформатор.

Прво, Саудиска Арабија покрена војна во Јемен, војувајќи против бунтовничките Хути, инаку шиити, без да консултира и без да извести било кого од своите сојузници. Велат дека саудиското влегување во јеменските внатрешни судирања е исклучиво на барање и притисок од престолонаследникот.

За да ја зацврсти власта, тој прво има направено чистка во армијата и ги има тргнато сите кои се спротивставувале на една ваква интервенција која брзо стана регионален судир, затоа што зад шиитските Хути стои Иран.

Потоа, за да си го обезбеди грбот по смртта на таткото и за да може безбедно да седне на престолот, Мохамад во 2017 година изведе операција каква немало во оваа земја – уапси 200 принцови, меѓу кои имаше поранешни министри, екс државни функционери и бизнисмени – сите обвинети за корупција.

Убиството на Кашоги

Многу од нив имаат платено „дебели пари“ за да бидат ослободени – без судење, без обвинување, без адвокати.

Западот кој го подржува реформирањето, па според тоа и главниот носител на тој процес – престолонаследникот Мохамад, во секој случај, подржува и во Саудиска Арабија пресметка со корупцијата. Но, во случајот со овие 200 принцови, има и нешто друго. Зад антикорупциската борба, всушност, се крие демонстрацијата на неговата лична моќ.

Тоа набргу се потврди и со новиот закон, според кој може да се заработи затворска казна од  пет години  за комуникација на социјалните мрежи, доколку власта оцени оти станува збор за повреда на редот и моралот. Поддржувачите на синот на кралот Салман, веќе почнаа на него да гледаат со резерва.

Врв на менувањето на односот беше исчезнувањето, а потоа и потврдата за убиството на саудискиот дисидент, публицист и новинар на „Вашингтон Пост“, Џамал Кашоги, кој над се, беше и остар критичар на Мохамад Бин Салман.

Прв осомничен принцот Салман

Она што до сега се знае е дека Кашоги има влегол во саудискиот конзулат во Истанбул, за да земе лични документи потребни за неговата венчавка со една турска државјанка – и од таму нема излезено. Најверојатно бил грабнат и одведен, но во секој случај, после посетата на конзулатот, жив се нема никаде појавено.

Официјален Ријад долго време отфрлаше дека е замешан во исчезнувањето и се прикажуваа снимки од безбедносните камери како Кашоги излегува жив од конзулатот. Подоцна се дозна дека станува збор за негов двојник, по што, притиснати од наодите на турската полиција и од јавноста, Саудијците, конечно, потврдија дека човекот е мртов.

Веднаш почнаа сомнежите дека  е убиен по налог на властите во Ријад, за да биде замолчен. Како прв осомничен дека дал налог за тоа, или дека дури и го нарачал убиството – многу брзо почна да се посочува Мохамад Бин Салман.

На врвот од моќта, или токму поради тоа – принцот реформатор, се најде пред судот на меѓународната јавност.

Извештајот на ЦИА

Официјален Ријад категорично отфрла дека тој, или било кој друг од кралскиот двор е замешан во убиството, но Саудијците, сепак,  изведоа на судење 11 лица, осомничени дека се виновни за смртта на Кашоги.

Судењето се одржа во тајност, што уште повеќе ги засили сомнежите за замешаноста на младиот Салман. Од нив, на крајот, судот за убиството осуди осум лица на долги затворски казни. Сите на еден или на друг начин поврзани со тајната служба.

Тоа, меѓутоа, не го намали притисокот врз престолонаследникот. Особено, откако Американците објавија извештај на ЦИА во кој се посочува дека Мохамад Бин Салман го има одобрено убиството на Кашоги.

Свршеницата сега бара од САД да продолжат со откривање детали за вината на принцот, за да може против него да се покрене судење, па макар и на странска територија. Но, малку е веројатно дека тоа ќе се случи.

Веројатно нема да му биде попречено ниту да патува во странство, но факт е дека оние кои му се восхитуваа, сега се повлекуваат. Затоа и се смета дека тајниот извештај на ЦИА, можеби не е материјал за судење, меѓутоа е доволен за да му се поткастрат крилјата на моќниот принц – престолонаследник. Во вакви услови, со сомнежот дека нарачал убиство, тој потешко ќе може да се однесува како досега. Барем за извесно време.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе