Поврзете се со нас

Skopje Global

Култура

Џонсон не ги дава „Елгиновите мермери“

Wirestock/Depositphotos.com

Џонсон не ги дава „Елгиновите мермери“

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека Британија е „легитимен сопственик“ на античкиот скулптури од Партенон во Атина и на тој начин само се надоврза на однесувањето и на постапките на своите претходници во Даунинг стрит 10 – за тоа дека „Елгиновите мермери“ нема да и се вратат на Грција.

Во интервју за атинскиот весник „Та Неа“ Џонсон го продлабочи културниот спор што постои меѓу Лондон и Атина за овие антички споменици и кој трае над 35 години. Уште од времето кога тогашната грчка министерка за култура, актерката Мелина Меркури, во првата половина на осумдесеттите години на 20 век, побара Британија да и ги врати на Грција 2500 години старите рељефи, однесени од британскиот лорд Елгин.

Одговор на владата во Атина

Актуелниот британски премиер, меѓутоа, одбива секаква можност тие да се вратат во Грција.

„Ја разбирам силната врзаност на грчкиот народ и на премиерот (Киријакос) Мицотакис за овие артефакти, но Британија е легитимен сопственик на античките скулптури од Партенон” – рекол Џонсон.

Неговата изјава е одговор на барањето на грчкиот премиер кој минатата година, во разговор за лондонски „Обсервер“, побара Британија да ги врати спомениците од Партенон, за да одново бидат поставени во Атина.

За возврат, Мицотакис понудил Грција на Британија да и „позајми“ повеќе антички артефакти, за да бидат изложени во Британски музеј во Лондон, каде сега, во посебна сала се поставени „мермерите“ уште од времето кога оваа угледна британска културна установа е отворена – во првата половина на 19 век.

Одамна починатата Меркури прва, како министерка и во името на владата на Грција, го покрена ова прашање на толку високо ниво, но расправиите со властите во Атина околу „мермерите“ траат многу подолго.

Секогаш со истите „аргументи“ – Грците со тврдењето дека им се украдени и нелегално префрлени во Британија, а Британците со одбраната дека тие се легално донесени во Лондон – со купо – продажен договор, за што постои и документ.

Купо-продажна зделка

Името „Елгинови мермери“ потекнува од името на лорд Елгин, во почетокот на 19 век, амбасадор на Британија во Отоманската Империја, во Цариград.

Лордот при една посета на тогашна Атина, која била под отоманска власт, забележал како рељефите од храмот Партенон и разни антички статуи се расфрлани на сите страни по Акропол, откако претходно, силна експлозија на складиште со барут тешко го оштетила споменикот.

Тој видел како локалното население ги собира „мермерите“ и ги носи по своите куќи, користејќи ги како градежен материјал.

Елгин кој вљубеник во античката уметност, тогаш решил да преговара со локалните, османлиски власти во Атина, за да му ги продадат „мермерите“. Тие се согласиле и лордот со десетина бродски пратки, една, по друга, ги префрлил во Британија.

За зделката направил договор и со него сите споменици му ги подарил на Британски музеј што тогаш се создавал.

„Измама и грабеж“

Според Џонсон, британската влада стои на позицијата дека Елгин ги купил спомениците на легален начин, во склад со законите кои тогаш владееле, па затоа тие со право сега се чуваат во Британски музеј.

Но, министерство за култура во Атина не ги прифаќа ваквите аргументи на Лондон.

Според грчкото министерство, станува збор за „грабеж“ затоа што лордот Елгин, како што сега тврдат Грците ги „измамил“ отоманските власти, па затоа и за оваа грчка влада, а и за претходните, договорот за купо-продажба е невалиден. Грчката страна уште тврди дека „премиерот Борис Џонсон е погрешно информиран„и му порачува на Лондон дека Грција „никогаш нема да прифати“ дека Британски музеј е легален сопственик.

Музејот во Лондон, од своја страна, е категоричен дека Елгин не само што легално дошол до „мермерите“ туку и дека со својата постапка ги спасил од уништување и исчезнување. Музејот смета дека рељефите се дел од заедничкото светско културно наследство.

Во Британски музеј се наоѓа половината од 160 метри долгиот мермерен рељеф што во 5 век пред нашата ера го краселе храмот Партенон.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Култура

Горе