Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Отказ за навредување на војвотката

s_bukley/Depositphotos.com

Отказ за навредување на војвотката

Водителот на утринската програма на британската телевизија Ај-Ти-Ви, Пирс Морган беше присилен да се повлече од програмата и да замине од оваа телевизија, откако грубо се пресметуваше со принцот Хари и со неговата сопруга, поради нивното интервју за американската телевизија Си-Би-Ес што во понеделникот беше реемитирано и на Ај-Ти-Ви.

Во својот утрински настап, водителот Морган, кого гледачите го препознаваат како арогантен и самобендисан, се нафрлил врз Меган Маркл во врска со се она што таа го има речено во двочасовното интервју, навредувајќи ја дека е „пинокио принцеза“ и настојувајќи да ги увери гледачите дека се што има речено е – навредливо за кралицата, дека е лага, на која не треба да и се верува и дека тој ништо не верува во она што таа го има изјавено.

Заклучувајќи дека тој не би и верувал дури и да зборува за временската прогноза.

Секојдневна пресметка

Морган беше шест години ко-водител на утринската програма на оваа ТВ компанија и тој се пресметува со Меган уште од времето кога таа стана девојка, а потоа и сопруга на британскиот принц. Откако беше најавено интервјуто за американската телевизија, Морган се има насочено против војвотката од Сасекс секој ден, настојувајќи на секој начин да ја оцрнува и да ја дисквалификува.

Во понеделникот изгледа дека има претерано, особено што Ај-Ти-Ви има примено од гледачите над 42 илјади остри реакции, критики и осуди на ваквото однесување на нивниот водител, па британската компанија јавно застана во одбрана на Меган Маркл.

Во кусо соопштение за јавноста, раководството објави дека по разговорот со водителот, било заклучено дека е најдобро тој да си замине од утринската програма и од компанијата.

Сменет за лажна „ексклузивност“

Ова не е прв ваков инцидент што Пирс Морган го има направено во својата новинарска и бродкастерска кариера.

На почетокот, како млад, почнува да работи во весниците на Руперт Мардок, кога важи за еден од најперспективните новинари.

По еден судир во редакцијата, идеолошката десница, ја заменува за британската левица, па станува главен уредник на пролабуристичкиот „Дејли Мирор“. Таму брзо се врзува со противничката страна во лабуристичката партија на тогашниот лидер Тони Блер и покренува силна кампања против него и војната во Ирак.

Тогаш ја има направено и најголемата измама во лондонското новинарство кога прави лажна репортажа за наводната тортура на британските војници врз ирачки воени заробеници во Ирак. Брзо беше откриено дека „ексклузивните“ снимки во „Мирор“ од ирачкиот “фронт“, всушност, се направени во една напуштена касарна во Англија, со помош на изнајмени статисти арапски студенти кои глумеле „ирачки заробеници“ и британски војници.

Инцидент пред отказот

Беше веднаш сменет од функцијата, а тој по скандалот замина за САД и најде работа во Си-Ен-Ен. Им требаше помалку од две години на Американците да сфатат со кого имаат работа, па му ја укинаа програмата. Се врати во Британија и како ништо да не било, по извесно време го доби ангажманот за Ај – Ти – Ви.

Лондонските медиуми откриваат дека тој се познава со Меган и дека во еден период, пред таа да се врзе со Хари, Морган бил близок со сегашната војвотка, но дека многу и замерил што после тоа престанала да контактира со него!

Се споменува и инцидентот во текот на утринската програма, пред отказот.

На продолжената тирада против Меган, во самата програма реагирал еден од неговите колеги од Ај-Ти-Ви, барајќи од Морган да престане, затоа што веќе предолго трае неговата пресметка со Маркл.

„Таа тебе ништо ти нема направено, ниту пак те има јавно прозвано и навредено, за да вака се однесуваш“ – му рекол колегата. По тоа, Пирс Морган само дофрлил – „ОК, доста ми е веќе од ова“. И си заминал од програмата. Велат се вратил, но тоа било и неговото последно појавување на оваа популарна британска телевизија.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Екстра Глобал

Горе