Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Хари, Меган и Арчи се дел од семејството“

InkDropCreative/Depositphotos.com

„Хари, Меган и Арчи се дел од семејството“

Принцот Хари и неговата сопруга Меган Маркл, кои по венчавката ги имаат титулите – војвода и војвотка од Сасекс – два часа во неделата разговараа за американската телевизија Си-Би-Ес, со Опра Винфри, а тоа интервју во понеделникот беше емитувано и на лондонската телевизија Ај-Ти-Ви.

Безмалку 50 милиони Американци и гледачи низ светот го гледале интервјуто, тврди компанијата, најавувајќи дека тоа одново ќе се емитува во петок.

Засега не се знае колку Британци го следела отворениот и искрен разговор на „одметнатиот“ внук на кралицата Елизабета и на неговата сопруга, но сигурно е дека таа бројка воопшто не е мала. За тоа се погрижија лондонските таблоиди кои со своите „отровни“ текстови кон Меган, со денови го навестуваа интервјуто како некакво „злосторство“ кон круната и кон монархијата, што таа и Хари го подготвуваат.

Шокираност во јавноста

Па, ако ништо друго, од аспектот на гледаноста – сите може да бидат задоволни – и Опра која се врати со едно мега интервју, телевизиската компанија Си-Би-Ес, а и Хари и Меган кои имаат потпишано висок хонорар за својот тв настап.

Според британските медиуми, настапот на младата брачна двојка која се одлучи да зборува за нешто за што се смета дека принцовите и принцезите не смеат да зборуваат – а тоа е за состојбите во кралското семејство – требаше да биде врв на кризата во кралското семејство и на „внатрешната војна“. А, таа (се покажа) дека се водела од пред 4,5 години, уште откако омилениот помлад син на престолонаследникот Чарлс, одлучи да се ожени со Американка, актерка, разведена и над се, дете на расно мешовити родители.

Во една таква атмосфера, интервјуто успеа да ја шокира јавноста, пред се, онаа во Британија, со некои од откритијата на Хари и Меган. Многу Американци посебно оние во делот на познатите во тамошната јавност застанаа во одбрана на двојката. Сите им честитаа на храброста и решеноста да зборуваат за нешто за што никој досега јавно не зборувал, што го има пофалено дури и американскиот претседател Џо Бајден.

Поделеност во Британија

Во Британија, пак, јавноста, беше и остана длабоко поделена околу ова прашање.

За некои станува збор за „катастрофа“, за други дека не требало воопшто да се дава едно вакво интервју, кое го означуваат како „разорувачко“. Некои таблоиди, силно монархистички определени, застанаа во одбрана на кралицата, остро судејќи им на Хари и посебно на Меган.

Еден од тие весници, отиде дотаму што на насловната страница објави дека станува збор за „најголема криза на монархијата после 85 години“.

Мислејќи, секако, на абдикацијата на кралот Едвард Осми, во средината на триесеттите години на 20 век, затоа што не му беше дозволено да се ожени со една разведена Американка – Волис Симпсон – а да остане британски крал.

И, како и многу други весници, така и овој има претерано во споредбата со случувањата од пред толку многу години.

Бојата на кожата на Арчи

Едвард, инаку чичко на кралицата Елизабета, кој подоцна стана војвода од Виндзор, како и сето она што се има случувано со него, со неговата избраничка, со сомнежите за нивното „кокетирање“ со нацизмот, со средбата на абдицираниот крал со Адолф Хитлер, или сомнежите дека Американката „тајно работела„за нацистите, ниту приближно, на било кој начин, не може да се поврзува со сегашната „кралска семејна криза“ од која Хари и неговата сопруга побегнаа – за да живеат во Америка.

Меѓу откритијата за кои најмногу се зборува и за кои веќе реагираше и кралската Бакингамска Палата, на прво место е прашањето за расизмот во кралското семејство. За тоа реагираа дури и некои британски лабуристички пратеници, како и премиерот Борис Џонсон – внимателно одмерувајќи секој збор – со забелешката дека – „расизмот нема место во британското општество“.

А, Хари и Меган открија дека додека таа била бремена со првото дете, било покренато прашањето за бојата на кожата на новороденчето!

„Ми зборуваа дека за мене нема да има обезбедување, дека нема да имам никаква титула, ама се грижеа за тоа колку браун ќе биде тенот на нашето дете, на Арчи“ – изјави Меган во интервјуто.

Чарлс не разговара со Хари

Станува збор за неименуван член на кралското семејство кој тогаш го има прашано и Хари – колку ќе биде темна кожата на нивниот син. Но, и принцот, а и неговата сопруга одбиваат да го именуваат и покрај инсистирањето на Опра Винфри. Единствено што и објацата имаат речено тоа е дека не станува збор за кралицата Елизабета, а ниту за нејзиниот сопруг, принцот Филип.

Сега станува појасно зашто младите родители одбија на фоторепортерите насобрани пред болницата каде се породи Меган, да го покажат нивниот син, затоа што и Хари и Меган која поради својата расна мешаност носи трауми од своето детство, знаеја дека она што ги интересира – е бојата на кожата на новороденчето.

Меган била во шок дека тоа и се случува одново и тоа и во Британија, во кругот на кралското семејство во кое таа штотуку беше влезена.

Втората работа околу откритијата е изјавата на Хари дека неговиот татко, престолонаследникот Чарлс престанал да одговара на телефонските повици на синот, кога овој им соопштил на својата баба – кралицата и на таткото – дека ќе објави оти се повлекува од кралските обврски. Младиот принц сега за Опра има речено дека и покрај лутењето на таткото, морал да се повлече и да замине – за да како што рекол – го заштите своето мало семејство, сопругата Меган и синот.

„Желба за самоубиство“

Хари во интервјуто открил и дека веднаш по тоа, кралското семејство престанало да ги покрива трошоците за живот на Сасекси, па дека затоа и тој и Меган морале да склучат низа комерцијални договори со „Нетфликс“, како и со други компании – за да можат да живеат во САД, како „обични луѓе“.

Едно од пошокантните изјави во интервјуто е признанието на Меган дека таа толку многу се нашла во криза по влегувањето во семејството, што во еден момент почнала да размислува и на самоубиство. Пред се, поради агресивниот однос што кон неа го имаа (и го имаат) лондонските таблоиди, забележувајќи му на семејството дека таа, а и Хари биле оставени сами на себе, без никој да се обиде да им помогне.

Посебно, да ја заштити неа од тоа како беше (од почетокот) третирана во лондонските весници. Некој од институцијата – кралско семејство, што таа (правилно) го разликува од семејството, уште и има забележано да не чека заштита, или помош, бидејќи таа не е вработена во институцијата, што популарно се нарекува „фирмата“.

Тајна венчавка

Конечно, обајцата открија дека пред службената венчавка, која беше прикажана за британската и за светската јавност – Хари и Меган, три денови порано, тајно се венчале. Присуствувале само тие двајца и надбискупот од Кантербери кој излегува дека два пати ја извел свадбената церемонија!

Веднаш по емитувањето на интервјуто на британската Ај-Ти-Ви телевизија, јавноста во Британија се прашуваше како на сето ова ќе реагира семејството и посебно Бакингамската Палата.

Беше јасно дека не може туку така да се одмолчи сето она што внукот на кралицата и син на престолонаследникот го изјави за она што нему и на сопругата им се случувало во кругот на нему најблиските роднини.

Особено, што еднаш одамна, по разводот на неговата мајка (принцезата Дијана) од неговиот татко, кралската куќа знаеше јавно да не се огласува за сето она што се случуваше со разведената, поранешна снаа.

Кралски консултации

Кралицата, затоа, ги има повикано синот – престолонаследник и постариот внук Вилијам, војводата од Кембриџ и иден британски крал, на итни консултации, за тоа како да се реагира.

И кога се мислеше дека на реакцијата ќе се почека, уследи кусо (за многумина) студено, но смирувачко соопштение на Бакингамската Палата. Во него се вели дека „прашањето за расата што го покренуваат војводата и војвотката од Сасекс – загрижува и семејството тоа ќе го решава – приватно“.

Понатаму се вели дека кралската палатата ги има примено мошне сериозно сите тврдења изнесени во интервјуто, како и дека Бакингамската Палата „била тажна кога дознала колку предизвикувачки за брачната двојка, биле последните неколку години“.

Соопштението завршува со пораката дека „Хари, Меган и Арчи секогаш ќе бидат многу сакани членови на семејството“.

(Д.Л.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе