Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Војна“ во британското кралско семејство

cheekylorns2/Depositphotos.com

„Војна“ во британското кралско семејство

Уште од времето кога принцезата Дијана, во телевизиско интервју призна дека причина за разводот со престолонаследникот Чарлс било неговото неверство, илустрирајќи го тоа со забелешката – нема место за тројца во еден брак – ниту едно друго интервју нема предизвикано толку голем интерес и бранување во британската јавност, како интервјуто на војводата и војвотката од Сасекс.

Ако првото предизвика шок кај Британците уште во моментите додека се емитуваше, ова сегашново предизвика „војна“ во кралското семејство уште пред да биде емитувано.

И тоа, само врз основа на неколку „парчиња“ извлечени од снимениот материјал што треба да се емитува на 7 март.

Во првото, разведената Дијана не сокриваше дека се пресметува со својот бивш сопруг, но и со кралското семејство.

Во второто интервју, нејзиниот помлад син, принцот Хари, заедно со сопругата Меган Маркл, зборуваат за тоа зашто заминаа од Британија за да живеат во САД, кога се очекуваше, по венчавката – една Американка да живее во Британија, на кралскиот двор.

Неомилената Меган

Меѓутоа,  уште пред да биде прикажано на американската телевизија, тоа како да го предизвика истиот оној  шок од пред 25 години. Овој пат, повеќе од стравувањето што ќе зборуваат „избеганите“ сопружници, како и од тоа зашто, воопшто, морало да се прави интервју за познатата Опра Винфри и конечно, зашто токму сега .

Меган е снаа, која како што сега се отвораат некои интимни работи од семејството, уште од самиот почеток не е омилена, иако Хари доби благослов (согласност) од кралицата Елизабета, неговата баба, за да се венча со Меган.

Според лондонските таблоиди, братот на Хари, принцот Вилијам не се согласувал со изборот на Хари и веројатно тоа е причината за раздорот меѓу браќата.

Изборот на популарниот принц не го прифатија од самиот почеток ниту британските медиуми, а пред се, моќните и полни со „отров“ таблоиди, кои инаку се одраз на конзервативизмот во англискиот дел од државата, затоа што Меган е поранешна актерка, Американка, разведена и уште од расно мешовит брак.

Изгледаше дека сето тоа ќе се „голтне“ затоа што Хари е шестиот во редот претенденти за британскиот престол и без разлика што е јасно дека тој никогаш нема да стане британски крал, сепак, тој е син на престолонаследникот Чарлс, идниот крал на Обединетото кралство и брат на Вилијам, кој ќе биде на престолот по неговиот татко.

Недоразбирања со Хари

Кризата во семејството почна, порано,  откако Хари, без претходно било кому да соопшти , објави дека се откажува од сите кралски обврски, дека сака да живее со сопругата и синот во Америка, но дека ќе остане целосно врзан за Британија, за семејството, изразувајќи и притоа целосно почит и поддршка на кралицата.

На таквата замисла на принцот, од кралската палата реагираа само со „студено“ соопштение дека кралицата има разбирање за желбата на нејзиниот внук, но дека тој не ќе може да извршува кралски обврски што му следуваат според рангот што го има во семејството, а притоа да доаѓа повремено, во Британија.

Една година подоцна, откако стана јасно дека Хари и сопругата целосно се имаат повлечено од кралското семејство, затоа што имаат направено низа деловни договори во САД и во Калифорнија имаат купено и куќа, Сасекси објавија дека немаат намера да се враќаат од Америка.

Бакингамската палата тогаш соопшти дека на младиот принц (и на неговата сопруга) им се одземаат сите кралски патронати што ги имаа во разни делови од британското општество, што инаку им беа доделени по венчавката, а што се уште не им беа одземени.

Интервју со Опра Винфри

Тогаш беше објавена информацијата дека Хари и Меган и дале двочасовно интервју на Опра Винфри, во кое зборуваат за причините поради кои се разделиле од кралското семејства и се иселиле од Британија во САД.

Во првите две кратки, рекламни, извадоци што им беа дадени на медиумите, се пренесуваат само две изјави на Хари. Првата, дека заминал не сакајќи одново да се повторува она што се случувало со неговата мајка (мислејќи на публицитетот и на пишувањето на таблоидите) и втората, дека се одлучил на тоа за да го заштити своето семејство – сопругата и синот, а наскоро и нивното второ дете.

Во Лондон, меѓутоа, на тоа реагираа гневно и жестоко – осудувајќи го брачниот пар Сасекс што  зборуваат јавно за работи кои се однесуваат на кралското семејство, во интервју за едена странска телевизиска компанија.

Веднаш по тоа, беше покренат вообичаениот механизам – преку написи во медиумите, а пред се, во лондонските таблоиди – да се одложи интервјуто, ако веќе не може целосно да се запре.

Како изговор  се користи болеста на принцот Филип, сопруг на кралицата, кој за некој месец ќе наполни 100 години, кој е и дедо на Хари.

„Малтретирана послуга“

Но, интервјуто нема да се одложи, а според „Дејли Меил“ и не би можело да се одложи, затоа што Хари и Меган имаат направено цврсти договори за тоа, за што ќе добијат големи пари.

Тоа уште повеќе го разгневи семејството, па почнаа да се појавуваат текстови во кои Хари, а посебно Меган, беа прикажувани како „нечувствителни“ и без разбирање за загриженоста на кралицата за здравјето на нејзиниот сопруг.

„Војната” меѓутоа, избувна кога на интернет беше пуштен дел и од некои од изјавите на сопругата на Хари, посебно за тоа – како таа и сопругот биле третирани во семејството и дека за тоа “нема повеќе да молчат“.

Тогаш во лондонските весници се појави меил, од пред три години, за тоа дека персоналот и послугата на војводата и војвотката од Сасекс се жалеле дека новата брачна двојка во Кенсингтон палатата, лошо се однесувале кон нив. Посебно дека Меган „набркала“ некои од дотогашниот персонал, предизвикувајќи „бол кај набрканите“.

Онака, по американски, Меган веднаш има реагирано со демант. Во нерго вели дека ништо од тоа не е така како што е прикажано во медиумите и дека жали што на тој начин, само се настојува таа целосно да се оцрни во британската јавност.

Интерна истрага против снаата!

Кога се појавија и изјави на некои од поранешниот персонал на Хари и Меган, кои тврдеа дека сопругата на принцот ги „малтретирала“ послугата и помошниците, стана јасно дека кралското семејство се пресметува со своите „избегани“ членови.

Врв на јавната расправија беше соопштението на Бакингамската палата дека е отворена „интерна истрага за сомничењето дека луѓе од кралскиот персонал биле малтретирани“. На тоа Меган грубо има одреагирано дека „од кралското семејство лажат“ за обвинувањата кон Хари и неа. Подоцна уште има речено дека не знае како тие (семејството) може да мислат дека таа и Хари, после се ова,  треба уште и да молчат.

„Доколку мислат дека ризикуваме нешто да загубиме – па, ние веќе загубивме многу, уште пред да се случи  ова“ – возвратила на информациите од Лондон, Меган Маркл.

Како и да е, после се што се случуваше изминатите недели, тешко е да се верува дека тие двајцата, па дури и само Хари, ќе може да се вратат и да се вклучат во семејството, па макар да се оставени и по на страна од другите.

Друга работа е – што е тоа толку страшно, опасно и непримерно што би можеле да соопштат во едно ТВ интервју Хари и Меган, од она што досега на неколкупати го имаат речено. Впечаток е дека овој пат, на обајцата им се судеше уште пред да се разбере за нивната „вина и одговорност“ – ако давањето интервју, воопшто, може така да се нарече.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе