Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Сан Ремо во сенка на корона

arp/Depositphotos.com

Сан Ремо во сенка на корона

Најстариот музички фестивал во Европа, фестивалот на италијанската канцона, беше отворен во вторникот во Сан Ремо и покрај пандемијата со коронавирусот и се уште силно присутната епидемија во некои покраини во Италија.

Годинешниов фестивал е 71 по ред и овој пат е прилагоден на епидемиолошката ситуација во земјата. Во големата сала во театарот „Аристон“ се е подредено фестивалот годинава да биде само голема телевизиска претстава – без гледачи и со балони во разни бои на празните седишта.

Во салата покрај пејачите и водителската екипа, најбројни се музичарите од големиот оркестар на РАИ. Сите гудачи со црни маски на лицето и повеќе оддалечени, едни од други, од вообичаено.

Специјална атмосфера

Короната спречи планираната специјална гостинка на фестивалот – манекенката Наоми Кемпбел – да допатува во Сан Ремо, пред се, поради бројните тешкотии и проблемите за патување. Но, како еден од водителите, годинава е повикан шведскиот фудбалски интернационалец, Златан Ибрахимовиќ кој сега игра за италијанскиот клуб „Милан“.

Ваквата вонредна атмосфера не е причина и овојпат јавноста во Италија да се подели околу Сан Ремо.

За најконзервативните фестивалот е “неморален“ и претворен во „кич претстава“ за потребите на телевизијата, најверојатно поради костимите кои не ретко знаат да ги шокираат телевизиските гледачи. За други, фестивалот е „одамна застарена претстава“ што би требало да се напушти.

Повеќето Италијанци, меѓутоа, сметаат дека станува збор за една носталгична забава која на некој начин ја одразува посебноста на Италија, па затоа таа треба и натаму да се одржува. Конечно, секоја година над десет милиони Италијанци ги следат петте фестивалски вечери на телевизија.

Хитови за паметење

Сан Ремо почна во далечната 1951 година, само шест години по завршувањето на Втората светска војна. Тогаш замислен како една од можностите за побрз развој на туризмот во зимските месеци во северо-западниот дел од Италија.

Како и да е, од музички аспект, фестивалот во овој град во сите овие седум децении има придонесено многу за популаризација на италијанската забавна музика, како во Европа, така и низ светот.

Многу познати италијански пејачи имаат стекнато меѓународна слава преку Сан Ремо, како и мелодиите што таму ги имаат испеано. Голем број од нив станаа и незаборавни хитови што и денес ги пеат пејачи во други земји и на други јазици.

Италијанците се посебно горди на (можеби) првиот голем повоен европски хит, излезен од овој фестивал – мелодијата „Воларе“ испеана уште во 1958 година, од тогаш младиот Доменико Модуњо.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе