Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Саркози во затвор

Ale_Mi/Depositphotos.com

Саркози во затвор

Поранешниот француски претседател Никола Саркози е осуден на три години затвор за корупција и за тргување со политичко влијание.

Според пресудата, во затвор треба да биде една година, додека другите две се означени како условна казна.

Но, Саркози, практично, нема да влезе во ќелијата на ниту еден француски затвор, затоа што годината затвор ќе може да ја отслужи во домашен притвор, носејќи електронска белезгија на ногата.

Судијата во процесот, при изрекувањето на пресудата рекол дека имал во предвид дека станува збор за поранешен претседател на Франција, но и дека станува збор за сериозно кривично дело кое му се припишува.

Ветена функција во Монако

Судењето се одржа кон крајот на 2020 година и во текот на десетдневниот процес, Саркози постојано негираше дека е виновен и дека било што лошо има сторено, но и дека тој, сепак, верува во француската правда.

Никола Саркози (66) беше претседател на Франција во еден мандат, од 2007 до 2012 година. Беше обвинет и осуден откако беше утврдено дека во 2014 година, нелегално се обидувал да дојде до информациите од судија на францускиот Виш суд за текот на правната постапка што се водела против поранешниот шеф на државата, за друго дело.

При тоа, Саркози на судијата што требало да му открива како тече постапката и колку судот знае за текот на истрагата, му има ветено дека ќе му обезбеди висока позиција во судската администрација во Монако.

Станува збор за случајот со примање пари – донација, за изборната претседателска кампања на Саркози, од страна на наследничката на компанијата „Лореал“ Лилијан Бетанкур. Судот признава дека доказите за целиот случај биле собрани со прислушување на телефонските разговори на осомничениот Саркози и на неговиот адвокат, за што било побарано и добиено одобрување од француското обвинителство.

Процес-преседан

Обвинителството бараше построга казна за Саркози – четири години затвор, од кои две години како условни. Такви казни обвинителството има побарано и за судијата-доушник кој инаку никогаш нема добиено висока позиција во Монако, како и за адвокатот на Саркози. Тие двајца се осудени со истата затворска казна како и поранешниот претседател, со таа разлика што судијата и адвокатот, сепак, казната ќе ја издржуваат во затвор.

Судењето на Никола Саркози во Франција се означува како преседан во тамошното законодавство.

Прв пат за политичка корупција му се судеше на еден поранешен претседател. Но, тој не е првиот екс шеф на француската држава што бил суден и осуден.

Пред Саркози, тоа му се случи на Жак Ширак, кој во еден со децении долг процес, што се развлече до бескрајност, Ширак беше осуден на три години затвор – условно – откако замина од Елисејската палата. Беше осуден за проневера, направена уште додека како млад политичар бил градоначалник на Париз.

Криминал во политиката

Саркози од своја страна, ги отфрла обвинувањата тврдејќи дека се политички мотивирани и дека имаат за цел да се дискредитира како политичар и како човек. Неговиот адвокат најави жалба, тврдејќи дека казната е „без основа и неправедна“.

Од политиката Саркози се повлече на почетокот од 2017 година, откако на конвенцијата на неговата Републиканска партија не ја доби поддршката одново да се кандидира за претседател.

Предност му беше дадена на поранешниот премиер Франсоа Фијон кој важеше за главен фаворит,  но непосредно пред да започне кампањата, избувна скандал поради што мораше да се повлече.

Фијон беше обвинет дека и давал плата на сопругата,  со пари од државните фондови, дека таа работи како негов советник во Парламентот, иако жената ниту еден ден нема дојдено на работа, ниту службено била ангажирана. Подоцна и тој и сопругата беа обвинети за измама и осудени на затворски казни.

Нови обвинувања

Во недостиг на време, републиканците во таа 2017 година не можеа да обезбедат трет кандидат за изборите, па застана зад кандидатурата на тогаш непознатиот Емануел Макрон, инаку либерал, кој на изборите уверливо победи, подржан од десницата и од левицата, а против ултрадесничарката Марин Ле Пен.

Со пресудата за корупција, не завршуваат маките за Никола Саркози. Тој се соочува со уште неколку други обвинувања.

Едното е дека примал пари за својата изборна кампања во 2007 година од подоцна ликвидираниот либиски диктатор Моамер Гадафи. Другото дело е сомничењето за примање сомнителни пари, од една руска осигурителна компанија, за која во 2019 година има работено како консултант.

(П.Ф.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе