Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Џонсон: Нема да има нов референдум за Шкотска

"Boris Johnson Covid-19 Presser" (CC BY-NC-ND 2.0) by UK Prime Minister

Џонсон: Нема да има нов референдум за Шкотска

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека „во догледно време нема да има (нов) референдум за Шкотска”. Наместо тоа, на шкотските политичари им порача да се зафатат со борбата со пандемијата со коронавирусот.

„Не гледам ништо што би било вредно, а ниту корисно од еден референдум. Не само сега, туку и во блиска иднина. Сега треба да го совладаме вирусот и да тргнеме напред (со обнова на економијата)“ – рекол Џонсон.

Комитет за сочувување на унијата

Неговата изјава доаѓа по соопштението дека владата има формирано нов комитет кој ќе требало да се насочи кон сочувувањето на унијата на четирите нации кои го сочинуваат Обединетото кралство.

Проконзервативниот лондонски весник „Дејли Меил“ веднаш потоа, повикувајќи се на неидентификуван извор во владата, објави дека создавањето на овој комитет „не е знак за конфузија, или за паника во владата“, од можноста да се растури 313 години старата унија на Англија и на Шкотска, а на тој начин и Обединето кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

Истиот извор рекол и дека новосоздадениот комитет ја покажувал и посветеноста на премиерот за зачувување на интегритетот на државата.

Во почетокот на јануари, меѓутоа, шкотскиот министер за уставни прашања и за Европа, Мајкл Расел во Единбург обзнани дека „новиот референдум за независност ќе се организира во рок од шест месеци по усвојувањето на законот за референдум“ во шкотскиот Парламент.

А, тоа се очекува да се случи веќе во почетокот на јуни, или еден месец по изборите за нов состав на Холируд (Парламентот во Единбург) закажани на 6 мај.

Мајските избори – прв тест

Многу работи околу ова ќе станат појасни токму по мајските избори. Доколку сега владејачката Шкотска национална партија (СНП) одново победи, а особено ако успее да постигне уверлива победа, партијата веднаш ќе побара од Лондон согласност за нов референдум за отцепување.

Првиот се одржа во септември 2014 година и тогаш мнозинството шкотски гласачи се определија за останување во Велика Британија.

Најмногу затоа што британските политичари од власта и од опозицијата, заеднички, ги уверија Шкотланѓаните да гласаат против отцепување. Односно, дека не им треба да излезат од Британија, за да веднаш потоа, како независна држава, побараат влез во ЕУ, кога Шкотска, како дел од Британија веќе беше во Унијата.

Работите темелно се изменија, откако на референдумот за Брегзит, во јуни 2016 година, со тесно мнозинство и пред се, со гласовите само на Англичаните, беше изгласано напуштање на ЕУ, после 43 години членство.

Големо мнозинство од шкотските гласачи (над 63 отсто) тогаш се определија за останување во Унијата и беа против Брегзит.

Надвор од ЕУ против своја волја

И сега се против, а лидерот на СНП и прв министер на Шкотска Никола Старџен, уште тогаш соопшти дека по Брегзит и по напуштањето на ЕУ, повеќе не важат никакви стандарди околу времето за втор референдум.

Според неа, Шкотланѓаните се и измамени и излажани од владата на конзервативците во Лондон кои силно ја форсираа политиката за Брегзит, посебно откако премиер стана Џонсон. Старџен инсистира дека повеќе нема зашто Шкотска да останува во Британија, кога против волјата на нејзините луѓе, таа беше извадена од ЕУ.

Од рака и одат анкетите за расположението на гласачите. СНП и овој пат има предност пред другите партии, а кога станува збор за референдумот и за независноста, големо мнозинство од населението (посебно младите) сакаат Шкотска да излезе од Обединетото кралство и сега како независна држава да стане членка на ЕУ.

Салмонд против Старџен

На околу 100 денови, меѓутоа, оваа партија се соочува со внатрепартиски потреси кои ги предизвикува поранешниот лидер и прв министер Алекс Салмонд.

Тој е во судир со Старџен која при првиот референдум, пред 6,5 години, беше заменичка на Салмонд и министерка во шкотската влада. Од поранешниот лидер таа сега е обвинета дека го повредила т.н. министерски кодекс на однесување и дека „му подметнала обвинување за сексуално вознемирување“ на функционерки во СНП и во владината администрација, за да биде трајно политички елиминиран.

Салмонд беше и формално обвинет и изведен на судење, но поради недостиг на докази беше ослободен.

Во Единбург се верува дека овој судир и намерата на Салмонд, по секоја цена, да ја „казни“ Старџен може да предизвика гласачите да ја казнат СНП на мајските избори. Во тој случај и сите варијанти за нов референдум би паднале во вода.

Пандемијата како изговор

Како и да е, Борис Џонсон уште сега им порачува на шкотските гласачи дека нема да има нов референдум, барем во следните неколку години. Во секој случај, додека тој е во Даунинг стрит 10 во Лондон.

Короната и пандемијата, притоа, само му се изговор. Во случај сега да има референдум и на него мнозинството се изјасни за отцепување на Шкотска, причината за тоа ќе биде само Брегзит што, инаку, жестоко го подржуваше и го спроведе токму Џонсон кој од проевропеец, стана остар брегзитер – за да стане премиер.

Растурањето на Обединетото кралство во едни такви околности, за него би било политичко самоубиство и крај на кариерата, а тој во историјата ќе биде означен како политичарот кој ја растурил Велика Британија.

Во Единбург, пак, уште од порано имаат речено дека ако Лондон не дозволи референдум, Шкотска ќе ја тужи британската влада.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе