Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Странските работници умираат во Катар

Sophie_James/Depositphotos.com

Странските работници умираат во Катар

Повеќе од 6500 странски работници – мигранти од Индија, Пакистан, Непал, Бангладеш и Шри Ланка – се починати во Катар, откако од пред 10 години, оваа мала арапска земја во Персискиот Залив беше определена да биде домаќин на Светското првенство во фудбал.

Податоците добиени од владини извори на кои се повикуваат европски медиуми, покажуваат дека – во просек – 12 работници од овие азиски држави, умирале секоја недела! Станува збор за периодот од декември 2010 година, кога Катар ја доби организацијата на првенството што треба да се одржи следната 2022 година, до крајот на минатата година.

Вистинската бројка е повисока

Податоците со кои се располага во Индија, како и во Бангладеш, во Непал и Шри Ланка, на кои се повикува лондонскиот весник „Гардијан“, откриваат дека меѓу 2011 и 2020 имало безмалку шест илјади смртни случаи меѓу нивните работници – мигранти.

Пакистанската амбасада во Катар, од своја страна, во истиот овој период, има регистрирано уште 825 починати Пакистанци, за кои е забележано дека починале од разни причини.

Проценката е, меѓутоа, дека вистинската бројка на починати странски работници по катарските градилишта е многу повисока, затоа што во бројот од 6500 жртви не се внесени починатите работници од други држави кои, исто така, испраќаат свои државјани на работа по градилиштата во Катар, од земји како што се Филипини и Кенија.

Исто така, не се регистрирани ниту оние починати во последниот квартал од 2020 година.

Невидена градежна операција

Во изминатите десет години, малечкиот Катар, богат со нафта и гас, е претворен во најголемото градилиште не само на Блискиот Исток, туку и во светот. Станува збор за градежна операција каква, велат, досега никаде немало.

Покрај седум стадиони, покренати се и десетина други големи проекти кои се во завршна фаза – вклучувајќи ги во тоа и комплетно новиот аеродром, широката патна мрежа, системот за јавен превоз и низа хотели, за прием на гостите за првенството, како и цел еден нов град, кој практично, ќе им биде домаќин на спортистите и на сите кои ќе допатуваат со нив.

Во случајот со големиот број на починати, проблемот е што не постои никаква категоризација за занимањата на тие луѓе, за да може да се утврди каде загинале и од што починале.

Единствено што странските организации за заштита на правата на работниците знаат е дека при изградбата на главниот стадион се загинати 37 лица, но за 34 од нив се тврди дека нивната смрт не е поврзана со работата што ја извршувале.

Смрт од исцрпеност

Здравствени експерти проценуваат дека многу од работниците починале од исцрпеност на градилиштата, поради долгото работење на отворено, на мошне високите температури карактеристични за оваа заливска земја.

Се верува дека никој од нив немал ниту соодветна заштита, за работа под вакви услови, што го покажува односот на катарските власти кон странските работници кои ги прибираат од разни земји, нудејќи им брза заработувачка.

Тие луѓе, сепак, не се приспособени за долга и продолжена работа во текот на денот, уште и на температура која надминува 40 и повеќе степени Целзиусови во летните месеци. Без одмор и паузи во време кога температурите се највисоки, а притоа сместени во, главно, неприкладни услови за живеење. Затоа и лесно стануваат жртви на исцрпеност.

Без разлика што сознанијата за жртвите покажуваат дека станува збор за главно – млади луѓе.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе