Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Пет локации каде „се добива“ корона

Форт Лодердејл, Флорида 9ти Јануари 2021. Фото: felixtm/Depositphotos.com

Пет локации каде „се добива“ корона

Американски експерти од јавното здравство на САД, како и тамошните епидемиолози објавија дека имаат лоцирано пет примарни места преку кои коронавирусот најлесно и најбрзо се раширува. Дури 80 отсто од сите заразени во Америка „фатиле“ корона на овие локации.

Тоа се – хотелите, рестораните и баровите, како и кафулињата и црквите, со разните други верски и религиозни објекти, каде луѓето се собираат во поголеми, или во помали групи и каде попуштаат мерките за безбедност и одбрана од вирусот.

Тажен рекорд на САД

Овие сознанија се појавуваат во моментите кога САД одбележуваат еден застрашувачки и тажен рекорд – над 500 илјади починати од короната. Повеќе од било која земја во светот и повеќе отколку во Првата и Втората светска војна и во Виетнамската војна – заедно.

Во комеморацијата посветена на жртвите на невидливиот непријател – вирусот – се вклучи и Белата куќа и претседателот Џо Бајден, опкружени со 500 запалени свеќи, додека со потпретседателката Камала Харис им оддаваа почит на сите оние кои во изминатата година ја загубија битката со короната.

Одбележувањето на годишнината од глобалната пандемија и броењето жртви се случува и во време на благ оптимизам,(иако со резерва) предизвикан од сознанијата дека (глобално) се намалува бројот на новозаразените, без разлика што вирусот и натаму го наплатува својот „данок во крв“.

Засега, нема егзактна оценка дека тоа е последица на започнатото вакцинирање на населението, иако во земјите кои отидоа најдалеку во тој процес, инсистираат дека токму вакцинацијата веќе дава резултати.

Надеж во вакцинацијата

Тоа мора да се прима со резерви – велат експерти. Прво, се уште нема лек против Ковид – 19, а второ, не би требало да се заборава на податокот – дека само ДЕСЕТ земји во светот поседуваат и користат 75 отсто од досега произвидените и дистрибуирани вакцини.

Според ваквата распределба, би требало падот на заразените да е забележан само кај овие десет, а тој, сепак, е видлив во сите реони од светот – повеќе, или помалку.

Како и да е, вакцинацијата, доколку во кратко време почне да се спроведува, во далеку повеќе земји од досега, може да го запре ширењето на вирусот – на глобално ниво.

Епидемиолозите, меѓутоа, предупредуваат дека сегашниот пад на новозаразените, не значи дека светот се вратил во состојбата која постоеше во летото и есента 2019 година, на пример, до пред на крајот на таа година, кога за прв пат се слушна за новиот кинески „грип“.

Еуфорија во Британија

Предупредувањето е на место, особено што повеќе земји најавуваат постепено попуштање на ограничувањата. Британија, на пример, во еуфоријата што ја форсира тамошниот премиер Борис Џонсон, вети дека до крајот на јули ќе ги вакцинирал сите возрасни, па веќе најави дека од јуни ќе се укинат сите досегашни мерки за заштита.

На тоа Британците реагираа уште поеуфорично, па тамошните медиуми јавуваат дека за кусо време биле закупени шест милиони резервации за летување!

Кога станува збор за Британија и Лондон, посебно, тоа ќе значи и отворање на сите тамошни пабови, барови и ресторани, во кои секогаш по правило, има многу луѓе. А, токму тоа се локациите на кои американските здравствени експерти и епидемиолози предупредуваат дека беа и се уште се, најопасните места за добивање корона.

Без локдаун – но со маска

Условите (поради вакцинацијата), секако, сега се различни. Но, експертите инсистираат на претпазливост.

Едноставно, не се знае дали сите вакцинирани ќе бидат трајно имуни на овој вирус. Посебно кога ќе се појават во некоја друга земја – како што планираат британските туристи веќе подготвени за летување и одмори.

Американците, од своја страна, сугерираат првично да се укине локдаунот како заштитна мерка, доколку луѓето носат маски на лицето.

Така или не, овие експерти оценуваат дека групирањето, во петте посочени локации, (барем кога станува збор за САД и тамошното искуство) останува како најголемата закана. На таквите места, луѓето се сосема блиску еден до друг. Пијат, или јадат, па затоа се и без маските – изложувајќи се на тој начин на вирусот.

До правењето на овој текст, од коронавирусот во светот се починати над 2,4 милиони луѓе. Над 111 милиони се регистрирани како заразени.

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе