Поврзете се со нас

Skopje Global

Технологија

„Војна“ на Фејсбук со Австралија

paulmckinnon/Depositphotos.com

„Војна“ на Фејсбук со Австралија

Социјалната мрежа Фејсбук и Австралија и нејзината влада се во „војна“ откако моќната технолошка компанија ги блокираше австралиските корисници од пристапување на вестите и на медиумски содржини на платформата.

Таквата одлука на Фејсбук била донесена во знак на протест на оваа социјална мрежа поради австралискиот закон, според кој овој технолошки гигант ќе треба да плаќа за преземањето на содржините од другите медиуми.

Се почна во четвртокот, утрото, кога Австралијанците кои се обидуваа преку Фејсбук да се информираат за најновите случувања во земјата и во светот, како што тоа го прават секој ден, со години на ред, добиваа само известување дека таквите постови повеќе не се можни.

Гнев кај Австралијанците

Ваквата постапка на моќната социјална мрежа не беше неочекувана, затоа што таа од порано предупреди дека би можела вака да реагира доколку владата во Канбера, истрае на предлог-законот што сега веќе е пред конечно усвојување.

Но, таа, сепак, ги шокираше и ги налути Австралијанците – корисници на Фејсбук, предизвикувајќи во исто време вознемиреност низ светот и страв дека гигантот на Марк Цукерберг би можел да казнува и други земји, доколку се определат да тргнат по патот за австралиската влада.

Блокадата значи дека не само вестите, туку дека сега не ќе може да се делат ниту пораките на австралиската влада, вклучувајќи ги и објавите за коронавирусот и за Ковид на службите за итна помош, потоа за пожарите, или на разните сајтови кои предупредуваат, или укажуваат на примери за насилство во семејствата.

Како колатерални жртви на „војната“ на Фејсбук со Австралија се најдоа и разните хуманитарни организации, потоа банките за храна, како и Фејсбук страниците кои се занимаваат со потрагата по исчезнати лица.

Цукербербег и Ким Јонг Ун

Австралискиот премиер Скот Морисон гневно реагираше на постапката на Фејсбук. Социјалната мрежа ја обвини за ароганција и за тоа дека „се замислува оти е помоќна и од владата на една суверена земја“ .

Оваа мерка на компанијата само ја потврдува загриженоста на се повеќе држави во светот за однесувањето на големите технолошки компании кои веќе мислат за себе дека се над владите на земјите каде се присутни – рекол Морисон за австралиските медиуми.

Низа тамошни политичари отидоа и чекор подалеку во обвинувањата, па Цукерберг го споредуваат со севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун, а неговата одлука за „казнување“ на Австралија како пример за однесување својствен за Северна Кореја.

Сите во Австралија, меѓутоа, се согласуваат дека станува збор за „напад врз суверена држава“ и за „злоупотреба на моќта“. Дури и во САД има несогласување со ваквата одлука на Фејсбук која еден американски конгресмен ја означи како „неконтабилна со демократијата“. Конкурентската компанија Твитер, пак, ја искористи ситуацијата за себе и за сопственото промовирање, па постави хаштаг – „Избришете го Фејсбук“!

Гугл како Фејсбук

Судирот (во Австралија, но не само таму) почна од моментот кога низа влади низ светот почнаа да изразуваат загриженост поради се поголемата доминација на технолошките гиганти врз медиумите. Гугл, на пример, е доминантен пребарувач во Австралија, па затоа владата во Канбера го третира како услуга која има суштинска важност, но без некоја посилна конкуренција на пазарот.

Во 2018 година, австралиската влада отвори истрага за влијанието на Гугл и на Фејсбук врз конкуренцијата на медиумите и на сите учесници во рекламниот пазар.

Утврди притоа дека постои голема разлика во моќта на технолошките гиганти и сите другите. Тогаш, австралиското регулаторно тело предложи воведување на ПРАВИЛА за однесување – кои би се однесувале на сите – за да се овозможи постоење на исти шанси на сите кои се вклучени на пазарот.

Во јуни 2020 владата на Морисон го претстави нацрт-законот со кои се предвидува дигиталните платформи да мора да им плаќаат на медиумските компании за содржината што ја објавуваат. Веднаш реагираа Фејсбук и Гугл, со закана дека ако законот помине, ќе ги блокираат своите услуги за Австралија.

Спогодба со Руперт Мардок

Предложениот закон не определува цена, ниту колку треба да плаќаат технолошките гиганти, туку само се овозможува да можат медиумите – здружени – да преговараат со тек-гигантите за содржините кои ќе се појавуваат при пребарувањето. Владата во Канбера смета дека треба да се плаќа една „фер – цена“ за вестите на медиумите. Тоа го оправдува со потребата за финансика поддршка на медиумите, затоа што се верува дека силните медиуми се значајни за вкупната демократија во една земја.

Затоа, австралиските медиуми силно лобираа за донесување на законот. Но Фејсбук најави дека ќе ги тргне вестите за сите корисници во Австралија и дека 17 милиони Австралијци кои секој месец се логираат на оваа социјална мрежа нема да можат да ги гледаат, а ниту да поставуваат нити еден напис на Фејсбук.

„Предлог-законот не стави пред тежок избор. Или да го почитуваме законот што игнорира секаква реалност од нашиот однос, или да ја тргнеме целата медиумска содржина. Ние се одлучивме за второто“ – се вели во соопштението од Фејсбук.

Гугл исто така се закани дека ќе го запре пребарувањето преку него за Австралија, но подоцна беше соопштено дека оваа тек компанија и медиумскиот магнат Руперт Мардок од австралиската „Њуз Корпорејшн“ се договориле Гугл да плаќа за нивните новински содржини. Оваа американска компанија сега навестува дека такви договори прави и со другите австралиски медиумски фирми.

Глобален преседан

Како и да е, експерти во овој сектор проценуваат дека станува збор за глобален преседан, а некои поставуваат и директно прашање до овие две компании – дали тие така ќе реагираат и доколку во други држави се појават закони како австралискиот, или сличен на него. Особено што судир како оној со Австралија е можен и во Европа.

Новиот закон на ЕУ за авторски права, на пример, предвидува плаќање за содржините кои се објавуваат. А Франција, која прва го потегна ова прашање, па се скара со Доналд Трамп кој тогаш ги бранеше технолошките гиганти кои прават голем профит, веќе работи на оданочувањето на овие американски компании.

Француските медиумски компании веќе имаат постигнато согласност со Гугл за тоа како сето тоа би требало да функционира, но на теренот работите не одат ни брзо, а ни лесно. Се тврди дека досега се направени само неколку договори со медиумските компании и издавачите на весници.

Опасност од WhatsApp

Австралискиот министер за внатрешни работи Питер Датон, предупредува дека Фејсбук наскоро ќе воведе систем за шифрирани пораки, што според него, само уште повеќе ќе ја усложни работата на владата на Австралија. Посебно во секторот за пресретнување на педофилските разговори и на размената информации.

Шифрирани пораки сега користи апликацијата на Фејсбук – WhatsApp – а тоа значи дека само луѓето кои комуницираат, можат да ги видат пораките. Тоа во основа значи заштита на приватноста, но во исто време и оневзможување на полицијата да прибира докази – како во случајот на педофилијата и на болната злоупотреба на децата.

Како сега стојат работите, не се гледа излез од „војната“ и бзро постигнување договор за примирје.

Владата на Скот Морисон е цврсто определена да го донесе законот што треба да добие „зелено светло“ уште во Сенатот на австралискиот Парламент. Цврсто на своите одбранбени позиции стои и Марк Цукерберг. Тој досега на неколкупати покажа (и во САД, а и надвор од Америка) дека е тежок за преговори и за правење компромиси – под притисок.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Технологија

Горе