Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Британската кралица криела колку е богата“

cheekylorns2/Depositphotos.com

„Британската кралица криела колку е богата“

Во време на тешка пандемија со коронавирусот во Велика Британија, која досега има однесено над 113 илјади жртви, далеку најмногу во Европа, сето тоа поврзано и со економска криза и рецесија, лондонски „Гардијан“ ја обвини кралицата Елизабета дека пред 47 години директно интервенирала кај владата за да – како што пишува весникот – го „сокрие своето приватно богатство“!

Според написот кој предизвика бранување во јавноста, затоа што тоа значи и повреда на уставот, според кој британскиот суверен не се меша во политиката и во работата на владата, излегува дека приватните адвокати на кралицата ја „притиснале “ тогашната влада да го изменат текстот на еден нацрт – закон, само за да се сокрие од јавноста – во кои компании Елизабета има свое учество.

Приказната на „Гардијан“

После таа интервенција, владата уфрлила нова одредба според која компаниите кои ги користи шефот на државата, треба да бидат иземени од транспарентност.

„Гардијан“ продолжувајќи ја својата приказна за еден стар „скандал“, тврди дека тогаш, во 1973 година, било определено податоците за тоа каде кралицата има капитал ќе останат тајна се до 2011 година, но дека и после таа година, не се знае колкаво и вистинското, лично, богатство на британскиот суверен.

Веднаш реагираше Бакингамската палата, службената резиденција на кралицата која го означи пишувањето на весникот, за „успешното лобирање на кралицата кај владините министри“, како најблаго речено – некоректно.

Објаснување од кралската палата

Всушност, станува збор за постапка која во британското кралско законодавство се означува како „кралска согласност“.

Тоа е одамна воспоставена конвенција со која кралицата бара од Парламентот да се согласи околу расправата за закон со кој би можеле да се опфатат и овластувањата, или интересите на круната.

Оваа процедура, пак, е одделена од она што се нарекува – кралско одобрување – со кое монархот, формално, го потврдува (одобрува) законот што веќе бил изгласан во Парламентoт, за да може да стане ефективен закон.

Од 1708 година, ниту едно вакво кралско одобрување не било одбиено, што ќе рече над 300 години, ниту еден монарх, а тоа значи ниту кралицата Елизабета, која е на престолот од 1952 година, не се има замешано за да не одобри било кој и било каков закон што го предложила владата, а го усвоил Парламентот.

„Нема пречекорување на овластувањата“

Според кралската палата, мемото за кое пишува „Гардијан“ постои во државниот архив.

Во него станува збор за загриженоста на кралицата дека новото законодавство би можело да ја натера, за своите приватни поседи, преку своите адвокати, практично, да се замеша во работата на тогашното министерство за трговија и индустрија, доколку се појави некаков проблем.

А, токму за тоа била и целта на интервенцијата – за да не се случи нешто што британскиот монарх кој нема никакви права, како шеф на државата – да се најде во ситуација да ја пречекорува законската регулатива.

Тоа, пак, треба да значи дека не станува збор дека бил менуван законски текст за да се сокрива личното богатство на кралицата.

Во секој случај, нема јавен податок колкаво е богатството. Во традиционалното годишно рангирање на илјада најбогати во Велика Британија, на неделникот „Сандеј Тајмс“, британската кралица е некаде далеку во средината, со околу 300 милиони фунти.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе