Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Истрага на СЗО во Вухан

Phongsaya Limpakhom/Bigstock.com

Истрага на СЗО во Вухан

Експертска екипа на Светската здравствена организација (СЗО) веќе извесно време престојува во Кина, во градот Вухан, од каде пред повеќе од една година тргна коронавирусот и многу брзо се рашири. Прво низ провинцијата Хубеј, па низ целата територија на Кина, а од таму речиси молскавично низ целиот свет.

Европа и САД беа и останаа најтешко погодени. А со сегашниот втор, а во некои земји и  трет бран новозаразени, згора на се мораат да се борат и со неколку нови мутации на вирусот кој  и натаму е „жив“ и смртоносен.

Она што во изминатите 13-14 месеци остана нејасно за бројните вирусолози и епидемиолози е потеклото на вирусот, но и тоа – каде точно е неговото жариште- пазарите во Вухан, или некоја од тамошните лаборатории за испитување на вируси.

Вината во лилјаците?

Експертите се наоѓаат во единаесетмилионскиот Вухан и прво ги имаат посетено јавните пазари на кои се продава и свежа храна – месо, риба, зеленчуци и овошје, но и жив добиток и диви животни. Некои од експертите изјавуваат дека ќе мора да се посетуваат и локалните пештери, за да се утврди дали навистина виновникот за пандемијата треба да се бара кај лилјаците што Кинезите ги  користат како храна.

Во Вухан екипата на СЗО го посетиле и Институтот за вирологија, што според извори од екипата која е на теренот, би требало да биде врв на истрагата за да се открие што ја предизвика епидемијата.

Лабораторијата во овој град се означува како водечка во Кина и таа прва има вршено истражување врз коронавирусните лилјаци. Токму затоа и Кинезите веруваат дека овие животни треба и натаму да останат осомничени за епидемијата. Но, Институтот е место каде се наоѓа и првата кинеска лабораторија за биолошка безбедност во која се испитуваат патогени бактерии, вируси и други микро-организми кои може да предизвикуваат разни болести.

Теории на заговор

Сепак, низ светот продолжуваат да кружат разни теории за заговор, за тоа дека коронавирусот „побегнал“ токму од таа лабораторија , што кинеските експерти го демантираат, а странските изразуваат сомневање дека тоа би можело да се случи. Овие веруваат дека короната има животинско потекло.

Извори од лабораторијата тврдат дека кај нив никогаш немало т.н. ризичен случај, па ги отфрлаат информациите кои се имаат појавено низ светот, дека три недели, во текот на октомври 2019 година, немало никакви активности со мобилните телефони на луѓето во лабораторијата ( како  оваа установа да била без комуникациски врски) и тоа токму, во одделот за висока безбедност.

Америка во време на Доналд Трамп, остро ги критикуваше Кина и посебно лабораториите во  Вухан , прогласувајќи ги за виновни за пандемијата, најмногу затоа што сокривале од светската јавност, уште   од есента во 2019 , па се до првата жртва  за ситуацијата во градот и провинцијата..

Не само во САД, туку и во Европа, има експерти кои продолжуваат да ја обвинуваат Кина за молчењето за заразата која се раширила, без притоа да се објасни  што навистина се случува .  Кинезите ја немаат известена и СЗО и тоа во клучните, први три месеци од развивањето на заразата во кои веројатно ќе можеше епидемијата во тој дел од Кина да се стави под контрола и секако да не се рашири низ светот во еден ваков обем, предизвикувајќи смрт на преку 2,3 милиони луѓе.

Задоцнето известување

Експерти веруваат дека доколку се знаеше вистинскиот обем на ситуацијата во Вухан, уште од самиот почеток,   многу порано ќе се вклучеше системот за одбрана- и во Кина и низ Азија, а потоа и низ светот- пред заразата да се претвори во глобална пандемија и да ја кутне Планетата, која се до март и не занаеше што  се случува и каква опасност е надвисната над неа.

Како и да е, вирусолозите низ светот уште минатата пролет почнаа да трагаат по коренот на пандемијата. Уште тогаш имаше експерти  кои тврдеа дека коронавирусот, е вештачки создаден, како и дека во лабоаторијата дошло до инцидент, па опасниот и веројатно не до крај испитан вирус, излегол надвор. Односно дека дошло до создавање на вештачка корона која како таква е многу поотпорна, па и затоа се уште успева да се одржува во живот.

Потрагата по корените на епидемијата, во секој случај, нема да може да се комплетира и се да биде јасно на крајот од престојот на стручниот тим на СЗО во Кина и во Вухан. Особено што пандемијата уште од самиот почеток стана политички чувствителна работа  за Кина.

Пекинг не прифаќа вина

Официјален Пекинг стравува дека ќе биде прогласен за виновен за заразата и за нејзиното ширење,  откако во САД и во други земји, короната почна да се означува како нарекува  „кинескиот вирус“ .

Тоа предизвика Кина нервозно да реагира на секое барање ( дури и најдобронамерно)  за покренување независна експертска истрага. Вирусолозите тоа  го бараат за да преку добиените сознанија, се најде начин како сето ова да не се повтори, па дури и во далеку помал и локален обем. Први почнаа да бараат истрага САД, а потоа и Австралија,  и  секако имаа право. Едноставно,  светот мора да разбере што предизвика една ваква здравствено-санитарна и економска криза каква немало 100 години.

Властите во Пекинг, меѓутоа,  уште пред да дојдат експертите на СЗО , на сето оваа реагираа на типично свој начин- ја покренаа својата пропагандна машинерија во настојувањето, вината да се префрли врз другите- иземајќи се себе си од било каква одговорност!

При тоа, како сосема да се заборави на младиот кинески лекар од болницата во Вухан кој прв предупреди дека станува збор за непознат вирус кој предизвикува брза смрт на заболените. Неговото предупредување , уште од ноември-декември 2019 година, не само што никој таму го нема сериозно прифатено, туку локалните комунистички власти го имаат и санкционирано лекарот – за ширење „лажни вести“.

Човекот пред една година почина, како последица на коронавирусот.

Кина ги обвинува Американците

Кинеските државни медиуми и покрај тоа,  во тамошната јавност ја раширија својата  верзијата за тоа дека дека короната постоела надвор од Кина „ дури четири месеци пред да се појави во Вухан“.

Во меѓувреме, беше потребна една година, за да воопшто може да дојде некоја експертска екипа од странство, дури и „под капата“ на ОН, како што е тоа случај сега, со експертите на СЗО. Притоа  со силни ограничени овластувања, прикажувајќи го доаѓањето на странците како „престој за консултации со кинеските стручњаци“ и за некаква размена на мислење околу вирусот и пандемијата.

Во една таква ситуација, властите во Пекинг, прво, беа против било каква надворешна контрола врзана за короната. Потоа, со недели траеше „пазарењето“ кои може да биде дел од екипата на СЗО, а кој не, што продолжи со игрите на Кинезите околу визите за странските експерти. И, кога тие, конечно, допатуваа во Кина, наместо што побрзо да почнат со работа, беа ставени две недели во карантин.

Уште додека тие беа на пат за Кина, кинеската страна сакаше да им врати на Американците за обвинувањата, па рашири своја „експертска теорија“  дека коронавирусот бил создаден во американска лабораторија, а дека САД  имаат создадено и вакцина која требало „ да ги убива постарите луѓе“!

Всушност, Кина ја обвинува директно американската армија (затоа се клевети и вакцината на компанијата „Фајзер“) , па сега бара, онака како што се проверува во Вухан и во тамошната лабораторија, СЗО да направи инспекција и на американската воена база Форт Детрик, како и на уште 200 други американски био -лаборатории.

Пресметка  за вакцините

Посебно внимание,  Кинезите ставаат врз базата Форт Детрик. Како што пренесуваат австралиските медиуми,  лабораторијата во базата,   во Кина се означува како главен центар за испитување на биолошките оружја.

Таа и била таков центар во периодот меѓу 1943 и 1969 година, кога сите вакви истражувања во САД се прекинати.

Кина ја засилува ваквата, во основа анти-кампања, во екот на  „пресметката“ што се покрена околу вакцините и нивната дистрибуција ( или поточно-нивната продажба) во земјите низ светот, од страна на фармацевтската индустрија и од државите кои плаќајки повисока цена- создаваат залихи од вакцини.

Кинезите посебно ги налутија обвинувањата дека нивните вакцини се неефикасни, односно дека нивната моќ за заштита од заразување со коронавирусот е „ едвај 50 отсто“.

Претходните тврдења на разни експерти низ светот за кинеската вакцина зборуваа дека е ефикасна до 78 отсто, но само за поблаги форми на заразување.

Сега, меѓутоа,  излезе дека такви дисквалификации има и за вакцината на „Астра/Зенека“, како и за некои други .Тоа ја натера СЗО да реагира, предупредувајќи дека во сегашнава ситуација таквата „пресметка„ за тоа која вакцина е подобра, треба да се остави на страна и дека останува најважното- да се совлада вирусот.

(С.Г.)

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе