Поврзете се со нас

Skopje Global

Култура

Холивуд без двајца великани

kathclick/BigStock.com

Холивуд без двајца великани

Во само неколку денови Холивуд остана без двајца ветерани и великани на филмот – Кристофер Пламер и Хал Холбрук, кои починаа во длабока старост – Пламер во својот дом во Конектикат, а Холбрук во Лос Анџелес.

И обајцата својата кариера ја имаат продолжено на повеќе децении настапи на театарската сцена, на телевизијата и филмот. И обајцата познати и по тоа што одбиваа да се пензионираат, па и обајцата доживеаја да бидат номинирани за наградата Оскар во годините кога многумина актери, особено во Холивуд, обично, се заборавени.

Пламер, американски актер, роден во Канада, каде и започнал да се занимава со актерството, почина на 91 годишна возраст, а пред три години, како 88 годишник беше номиниран за најпрестижната филмска награда, за филмот „Сите пари на светот“.

Кариера од над 50 години

На филмот, за прв пат се има појавено уште во 1958 година, а светска слава има постигнато во 1965 година, настапувајќи во оскаровецот „Моите песни, моите соништа“ .

Во екранизираната верзија на истоимениот мјузикл тој го толкува ликот на самохраниот татко на седум деца Фон Трап кој заедно со нивната гувернантка (Џули Ендријус), бега со семејството, од нацистите, преку Алпите во Швајцарија.

Успехот на филмот му ја отвора вратата на филмот, па од тогаш ќе се појави во седумдесетина разни филмови, се додека сериозно не заболе.

Во седумдесеттите години на 20 век – како војводата Велингтон во филмот „Ватерло“, но и како еден од ликовите на комедијата „Враќањето на Пинк Пантерот“.

Настапува во низа бродвејски мјузикли, за што ја има добиено наградата „Тони“. Последен пат, во „Кралот Лир“ за што во 2002 беше одново номиниран за оваа награда.

Последната станица

На филмот, во 2010 беше номиниран за Оскар за филмот „Последната станица“, каде го толкува мошне уверливо ликот на Лав Толстој, а во 2012 го освојува Оскарот за филмот „Почетници“.

Пред нешто повеќе од една година, Палмер „влета“ во филмот на Ридли Скот, настапувајќи во ликот на Пол Гети, на местото од Кевин Спејси кој мораше да се повлече од снимањето и од филмот, поради сексуалниот скандал во кој беше инволвиран, воодушевувајќи го притоа режисерот Скот со свежината и леснината со која ја има одиграно улогата, иако веќе прилично возрасен.

Остануваат за паметење и неговите улоги во два други познати филмови – „Инсајдер“ со Ал Пачино и Расел Кроу, како и во „Beautiful Mind”, уште еднаш покрај Кроу.

Позната е неговата изјава дека актерите не се пензионираат, како и тоа дека „да одиш во пензија е катастрофа“.

„Пензионирањето е катастрофа“

Ова може да се каже и за Хал Холбрук кој почина на 96 години.

Тој е многу повеќе познат како телевизиски актер, како автор и хуморист. Има добиено неколку награди „Тони“ и „Еми“ за настапи во мјузикли и во телевизиски серии.

Меѓу нив е и наградата за тв серијата каде се појавува како Абрахам Линколн.

На филмот останува незаборавен по филмот „Сите луѓе на претседателот“ (1976) заедно со Роберт Редфорд и Дастин Хофман, за аферата „Вотергејт“.

Холбрук ја игра улогата на Длабоко Грло – човекот кој тајно ги информираше новинарите на „Вашнгтон Пост“ – Карл Бернстин и Боб Вудворд – за аферата и за случувањата околу неа.

Има играно и во култниот хорор „Магла“, но и во филмовите „Фирма“, „Вол Стрит“ и „Линколн„на Стивен Спилберг. На 83 години Холбрук беше номиниран за наградата Оскар, за филмот „Во дивината“.

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Култура

Горе