Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Бугарија обвинета за злоупотреба пари од ЕУ

Golden Brown/BigStock.com

Бугарија обвинета за злоупотреба пари од ЕУ

Владата во Софија е обвинета дека злоупотребила пари што ги има добиено од фондовите на ЕУ. И дека во целиот случај станува збор за класична измама – соопшти специјалната Агенција за борба против измами и злоупотреба на средствата на Унијата (ОЛАФ).

Станува збор за добиени шест милиони евра што се употребени за купување теренски возила за потребите на тамошното министерство за внатрешни работи и за бугарската полиција. Бугарија ја известила Европската комисија дека побарува грант (неповратни средства), објаснувајќи во Брисел дека купува стари возила (веќе користени и употребувани).

Класична измама

Но, наместо тоа, Бугарија со грантот, купила 350 сосема нови возила, злоупотребувајќи ги на тој начин условите под кои може и под кои се добиваат неповратни средства од европските фондови. При тоа, уште и изигрувајќи ги прописите, но и измамувајќи ја Комисијата во Брисел.

Европа, гневна од ваквата постапка на бугарските власти, бара од Софија да покрене детална истрага за измамата, инсистирајќи дека во случајот некој ја има злоупотребено својата функција, кога одлучил неповратните пари – одобрени за една намена, да ги пренамени за друга – зад грбот на Брисел.

Европските функционери обвинуваат дека оваа земја членка ги има повредено и правилата на Комисијата, па таа сега бара – владата во Софија, прво, да ги врати земените шест милиони евра, а потоа да направи детална истрага за целиот случај.

Наместени тендери

Гневот на Брисел доаѓа и затоа што случајот за прв пат се има појавено уште во 2018 година, кога европските инспектори имаат навестено дека во случајот на Бугарија има класична измама. Сега, меѓутоа, аферата како да добива на забрзување.

Европската комисија се сомнева дека зад сето ова има и наместени тендери, а преку нив префрлање на европските пари во приватни џепови и лично богатење за сметка на ЕУ и на парите на европските граѓани.

Во соопштението од Брисел се вели дека постои загриженост што една ваква злоупотреба и измама е откриена во  владино министерство (бугарското МВР) и во тамошната полиција кои треба да се борат на својата територија против сите вакви криминални појави и однесувања.

Олигархиска мафија

Агенцијата ОЛАФ, затоа, инсистира на брзо откривање на виновниците кои се одговорни за сторената измама, затоа што само така во Европа, а посебно во самата Бугарија, ќе се покаже дека никој не е над законите.

Агенцијата уште порачува дека вакви операција за откривање на злоупотребите ќе има и низ целата ЕУ. Намерата е да се спречи да се злоупотребуваат парите кои ги издвојуваат европските даночни обврзници за пополнување на европските фондови за помош и за побрз развој.

Аферата со злоупотребата на парите од ЕУ доаѓа во екот на протестите на граѓаните против корупцијата во земјата што и после 14 години членство во Унијата останува најсериозен проблем на државата и на бугарското општество.

Демонстрантите уште од јули бараат оставки на премиерот Бојко Борисов и на државниот обвинител Иван Гешев, обвинувајќи ги дека дозволуваат олигархиската мафија да ја има контролата врз оваа балканска држава. Борисов е премиер во три, едно по друго мандати. Прв пат беше избран во 2009 година.

(С.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе