Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Војската на Мјанмар против Сан Су Чи

Војската на Мјанмар против Сан Су Чи

Војската на Мјанмар (поранешна Бурма), во понеделникот одново ја презеде власта во земјата, во еден бескрвен пуч, откако до пред пет години, половина век (од 1962 година) управуваше со оваа азиска земја, сместена на западниот брег во Бенгалскиот Залив.

Сите цивилни носители на власта, заедно со фактичкиот лидер на земјата Аунг Сан Су Чи (75), се уапсени или се ставени во домашпен притвор.

Соопштението за пучот беше објавено на тв станицата во сопственост на армијата. Во соопштението, преземањето на власта, генералите го објаснуваат и се обидуваат да го легализираат, повикувајќи се на Уставот на Мјанмар. Во него постои еден член во кој се вели дека воените сили може да ја преземат контролата врз државата, доколку настане вонредна ситуација.

Одмазда за изборниот пораз

Пучистите сметаат дека ситуацијата била токму таква и дека тие морале да интервенираат.

За интервенцијата ја обвинуваат владата затоа што не реагирала на повторените обвинувања од војската за наводните изборни фалсификати, на парламентарните избори од 8 ноември 2020 година, како и затоа што не прифатила одлагање на изборите, во услови на пандемија, како што тоа го барале армиските сили.

Политичарите, меѓутоа, тврдат дека станува збор за класичен пуч и за обид да се вратат работите во земјата, назад, во времето на 50 годишната воена диктатура.

Тоа претставува одмазда на генералите за уверливот изборен пораз на „квази“ партијата што ја контролира војската и служи за да може таа да биде дел од власта, во изминатите години на транзиција и во процесот на градењето на демократијата.

Ново гласање за една година?

Пучот е изведен на денот кога требаше да заседава новоизбраниот состав на Парламентот, во кој убедливо мнозинство (и во двата дома) има обезбедено досега владеачката партија Национална лига за демократија.

Генералите, пак, незадоволни од ваквите резултати на ноемвриските избори, ги прогласија изборите за „грабеж“ и ја презедоа власта во свои раце – уште еднаш откако Мјанмар (тогаш Бурма) во 1948 година прогласи независност од Велика Британија.

Генералската хунта што (овој пат) ја предводи генералот Мин Аунг Хлаинг, прогласи вонредна состојба во земјата, во траење од една година. Притоа, ги суспендира сите органи на цивилната власт и вети дека ќе има нови избори – како што рече – „слободни и фер“ – по што војската власта ќе и биде предадена на победничката партија.

Како сега стојат работите, малку е веројатно дека тоа ќе биде победничата партија од изборите од пред 2,5 месеци – партијата на Сан Су Чи. Под услов дека изборите навистина би се одржале следниот јануари, во 2022 година.

Пораз на демократијата

Новата длабока криза во оваа напатена земја, претставува серизно скршнување од досегашниот на напредок кон вистинската и стабилна демократија, што е постигнат по 2015 година, кога Сан Су Чи и нејзината партија победија на изборите.

Воениот удар е удар и врз „некрунисаниот“ лидер на Мјанмар Су Чи која успеа, на мирен начин, да ја постави државата на демократската патека, иако долги години беше во домашен притвор и целосно изолирана од јавноста.

Во кусата, прва нејзина реакција, испратена преку Фејсбук, пред да бидат прекинати комуникациските врски и интернетот, таа им порача на Мјанмарците да не ја прифатат воената власт и да не се согласат со враќањето на воената диктатура.

Судири со Рохините

Меѓународната заедница со големи симпатии ја поздрави пред пет години обновата на демократијата. Сан Су Чи беше наградена и со Нобеловата награда за мир, но, во последните години на демократска власт светот продолжи со повремени критики за состојбата во земјата.

Најмногу поради продолжувањето со политиката за етничко чистење и за насилно протерување на малцинската, муслиманска заедница на Рохините, во соседен Бангладеш.

Етнички и религиозно длабоко поделена, Мјанмар се уште не може да се прехрани самата, без странска помош. Меѓутоа, наместо да започне борба за побрз развој, и новата власт влезе во конфликт со муслиманското малцинство.

Тоа на Сан Су Чи и обезбеди голема подршка во јавноста и кај гласачите. Мислеше дека така ќе ги задоволи и генералите, но таа никогаш ја нема добиено подршката на армискиот врв. Тие не можеа да и заборават дека со својата трпелива, но упорна борба за демократија, успеа да ги натера да се симнат од власта.

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе