Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Самитот Г-7 во Корнвол, Англија

AlexLMX/BigStock.com

Самитот Г-7 во Корнвол, Англија

Велика Британија и владата во Лондон се домаќини на годинешниот Самит на седумте најразвиени светски економии Г-7, што треба да се одржи во јуни, во Корнвол, во југозападна Англија.

Традиционалното летно (и неформално) среќавање на лидерите на САД, Британија, Франција, Италија, Канада, Јапонија и Германија, започнато пред многу години, на идеја на Париз и поранешниот француски претседател Валери Жискар Дестен, треба да се одржи по пауаза од две години, предизвикана од глобалната пандемија .

Владата на премиерот Борис Џонсон верува дека до јуни, ќе може да се одржи првиот состанок на вака високо ниво – и тоа во живо – а не како видео – конференција, како што тоа беше во изминатата година.

Лондон верува во крајот на епидемијата

Тоа би било голем успех за Британија и за владата, затоа што земјата сега е целосно затворена од внатре, но и со бројни блокади од другите земји, од надвор, затоа што стана најголемото жариште на епидемијата во Европа – со висок степен на новозаразени и со највисока смртност во Европа. Освен тоа, токму од британските острови тргна новиот и велат поопасен вид на коронавирусот, а сега во земјата се откриени и траги на најновата варијанта на јужноафриканскиот вид на вирусот.

Владата на Џонсон е во екот на спроведување на забрзана и масовна вакцинација, за која верува дека ќе помогне да се запре ширењето на пандемијата, за што засега нема потврда, но која предизвика прв поголем судир на Лондон со Брисел, после Брегзит. Се верува дека до јуни и до Самитот земјата здравствено – епидемиолошки ќе биде подготвена за да може да организира еден ваков настан.

Станува збор за прв Г-7 Самит по британското напуштање на ЕУ и по смената во Белата куќа во Вашингтон, извршено за прв пат во, безмалку драматични услови. За новиот американски претседател Џо Бајден тоа ќе биде и првото службено патување во Европа.

Пропадна Самитот во САД

Иако одржувањето на Самитот, во едни вакви услови, сепак, треба да се прима со резерва, владата на Џонсон веќе прави нацрти за завршниот документ од разговорите. Како што соопштуваат лондонските медиуми, главнината на расправата би се однесувала, пред се, на опоравувањето на глобалната економија, по пандемијата, за што се верува дека треба да се направи заеднички, затоа што и кризата ги има сите погодено, како и покренувањето на слободната трговија.

Самитот минатата година не се одржа, а домаќин требаше да бидат САД и тогашниот претседател Доналд Трамп. Првично беше најавено дека Самитот ќе се организира во тенис – клуб центарот на Трамп во Флорида, па откако се покажа дека таквата идеја не е најдобра, затоа што станува збор за личен имот на Трамп и на семејството, Самитот се префрли во Вашингтон, во Белата куќа – од безбедносни причини поради пандемијата.

На крајот, Трамп сугерираше сето тоа да се направи во септември – на 40 денови пред претседателските избори, што требаше да биде дел од неговата кампања за реизбор, па целата организација пропадна.

Против враќање на Русија

За неодржувањето, сепак, не е виновна само епидемијата, туку намерата на Трамп, на своја рака да го рекомпонира Г-7 во поголем Самит, не прашувајќи ги за тоа другите – сите сојузници на САД. Поранешниот претседател најави дека за Самитот во Америка тој ќе ги повика и Русија, Индија и Јужна Кореја (списокот не го затвори), оправдувајќи ја таа своја намера со „променетиот свет“.

Неговиот план, меѓутоа, веднаш беше отфрлен, откако Канада, а потоа и Британија и Германија се спротивставија на учеството на Владимир Путин на Самитот, затоа што Русија е под санкции, поради анексијата на Крим и интервенцијата во источна Украина.

Лондонски „Сандеј Тајмс“ пишува дека годинава ќе има Самит, па дури и најави дека британската кралица ќе го прими во посета американскиот претседател Бајден, како и сите други лидери во Бакингамската палата, на еден „скромен прием“. На него би биле и принцот Чарлс, со сопругата, како и војводата и војвотката од Кембриџ – принцот Вилијам и Кетрин Мидлтон. Кралската палата, меѓутоа, одбила да го коментира пишувањето на овој весник.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе