Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Херојот од Чернобил почина од корона

Sid10/BigStock.com

Херојот од Чернобил почина од корона

Рускиот генерал Николај Антошкин, пилот на хеликоптер, познат како „херојот од Чернобил“ кој го има преживеано смртоносното ниво на радијација во неговите летечки мисии за „запечатување“ на чернобилскиот нуклеарен реактор, починал во 78 година од животот – од коронавирусот.

Починал во својот дом, како последица на компликациите со здравјето кои настанале откако се заразил со вирусот, кој за него излезе дека е посмртоносен и од радијацијата на која бил изложен по катастрофата во нуклеарната централа Чернобил.

Отворено нуклеарно јадро

Антошкин има раководено со операцијата за затворање на четвртиот реактор на нуклеарката, после пожарот и експлозијата што се случија во април 1986 година.

Експлозијата беше толку силна што реакторот се има претворено во отворено нуклеарно јадро, налик на вулкански кратер, од кое беше озрачен целиот западен дел од тогашниот Советски Сојуз и половина од европскиот континент.

Нуклеарната централа Чернобил беше лоцирана покрај градот Припјат, во Украина, која тоа време беше дел од СССР.

Веднаш по експлозијата се евакуирани над 100 илјади жители од градот и е создадена забранета зона од 20 километри, која и денес се уште постои. Еколозите експлозијата ја означија како најголема еколошка катастрофа што човекот ја има предизвикано во историјата.

Мисија на „ликвидатори“

Под командата на Антошкин се наоѓала флота од 100 хеликоптери чија задача била да го надлетуваат отворениот реактор и во него да истураат песок и разни други материјали за да згасне огнот и за да се затвори огромното истекување нуклеарно зрачење.

Оваа тешка, смртоносна операција траела две недели и во тоа време генералот – пилот и другите пилоти од неговата единица, надлетувајќи го реакторот биле постојано изложени на силна радијација, како и на остриот, контаминиран, густ чад кој излегувал од уништениот реактор.

Целата единица била позната како „ликвидатори“ – составена од воени пилоти, стационирани во базата кај Киев и цивилни пилоти на хеликоптери – сите мобилизирани за да спречат продолжување на зрачењето и на ширењето на опасниот нуклеарен облак низ Советскиот Сојуз и низ Европа.

Пет илјади тони разни материјали

Одлучено е борбата со Чернобил, наместо од земја да се води од воздух, откако во првиот бран од операцијата за справување со нуклеарната катастрофа, се регистрирани голем број човечки жртви. Посебно меѓу пожарникарите, од кои некои се загинати на самото место, а другите се починати од примената преголема радијација.

Во тие две недели, Антошкин и неговите пилоти имаат фрлено пет илјади тони разни материјали за да се угаси пожарот и над се, за да се запре зрачењето. Кога првиот пат го прелетал реакторот, има речено дека почувствувал силна болка во грлото и нагон за повраќање. Во оваа операција, колку што се знае, се урнал еден хеликоптер.

Радијацијата била толку силна, што подоцна сите хеликоптери вклучени во операцијата биле оставени на посебна депонија, додека оние најсилно озрачените, биле закопани длабоко во земја.

Но, Антошкин ја има преживеано таа операција и уште 30 години потоа, работејќи во советското, па потоа и во руското воздухопловство.

Живеел без никакви здравствени проблеми, се додека не се заразил со коронавирусот. Дури овој вирус го има убиено.

Последици и после 35 години

Официјално, две лица вработени во нуклеарката се водат како загинати од експлозијата. Други 135 се префрлени во болниците, сите со затруеност од радиоактивно зрачење. Од нив во болниците починале 28, а други 14 умреле подоцна како последица од озраченоста.

Испитувањата на теренот околу некогашната централа која сега е покриена во дебел оловен оклоп, покажуваат дека и натаму нуклеарната катастрофа остава свои последици – безмалку 35 години по експлозијата.

Истражувачите имаат утврдено опасна концентрација на Стронциум 90 и на Цезиум 137 во пченицата, јачменот, овесот и другите житни култури кои се испитувале во реонот на 50 километри од украинскиот главен град Киев.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе