Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Берлин се закани со тужби за вакцините

Wave Movies/BigStock.com

Берлин се закани со тужби за вакцините

Германија се закани со тужби против фармацевтските компании кои не ги почитуваат своите обврски при испораката на вакцините против коронавирусот.

Министерот за економија Петер Алтмајер изјави дека „доколку се утврди дека некоја од компаниите не ги почитува своите обврски, веднаш ќе уследи тужба до судот“.

„Ниту една компанија не може отпосле да и дава предност на друга земја, во однос на ЕУ и договореното со Унијата”

…рекол Алтмајер, очигледно мислејќи на Велика Британија и на нејзиното однесување, откако тамошната влада ги има одземено најголемиот број од дозите вакцина што се произведуваат во погоните на Астра/Занека – само за британските потреби.

Судир на ЕУ со Астра/Зенека

Изминатите недели дојде до сериозна криза и до јавна расправија меѓу Европската комисија во Брисел и оваа британската компанија, која има огромно задоцнување со своите обврски кон ЕУ.

Компанијата предизвика гнев кај земјите членки, најавувајќи дека ќе може да испорача само 25 отсто од договореното количество за првиот квартал оваа година – тоа значи до крајот на март.

Како причина за ваквата неделовност, Астра/Зенека го има наведено „намаленото производство во една од нејзините фабрики“ – наводно поради технички проблеми во производниот процес.

Во Брисел, меѓутоа, ја обвинија компанијата дека причина за неможноста да се испорача договореното количество е затоа што таа работи за Британија, која пак, постојано нарачува нови количества, практично, создавајќи залихи од вакцини, додека другите во Европа и насекаде, се без вакцини.

Поради тоа, во петокот Европската комисија одлучи да воведе ред – како што тоа беше наречено – па, забрани извоз на вакцините кои се произведуваат на тлото на ЕУ, освен за земјите од Западен Балкан и за хуманитарни потреби.

Неморално однесување

Германскиот министер Петер Алтмајер смета дека оваа мерка ќе помогне за забрзување на вакцинацијата. Претходно, со тужба се закани и Италија, против „Фајзер-Бионтек“ кои исто така доцнат и тоа многу во испорачување на договорените количества.

Светската здравствена организација (СЗО) изрази сомнежи во исправноста на забраната за извоз што ја воведе ЕУ, но нејзините експерти остро ги критикуваат земјите кои создаваат залихи од вакцини.

Чувањето вакцини (како залиха), наместо нивно дистрибуирање насекаде низ Европа и низ светот, не само што делува неморално во овој момент, туку само го продолжува „векот“ на вирусот и помага да се одржи во живот епидемијата – порачуваат од СЗО, обвинувајќи притоа за своевиден „национализам во вакцинирањето“.

(Б.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе