Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Португалија сака спогодување на Софија со Скопје

tashka2000/BigStock.com

Португалија сака спогодување на Софија со Скопје

Португалија која од почетокот на оваа година претседава со ротирачкото претседателство на ЕУ, на стартот од својот шестмесечен мандат, соопшти дека продолжувањето на процесот за проширување на Унијата со земјите од Западен Балкан, има високо место во нејзината европска политичка агенда, за до крајот на јуни.

Тоа значи дека португалското претседавање ќе продолжи таму каде што застана германското – на позициите кои од порано ги имаат изградено Берлин и канцеларот Ангела Меркел, а тоа е дека и географски и гео-политички регионот е дел од Европа, од европскиот континент, па затоа тие (природно) треба да бидат дел од ЕУ.

Околу ваквата позиција, Германија долго време работеше да се постигне единство. Тоа одеше забавено поради ставовите на Франција и на уште неколку други (западни и скандинавски) земји членки кои се извлекуваа со објаснувањата дека нивните внатрешни политички состојби и гледањата на јавноста кон имиграцијата, ги тера со резерви да гледаат на процесот за проширување на Унијата.

Лажна теза

Нивниот главен „аргумент“ беше дека Европа/ЕУ е изморена од проширувањето и дека треба мала пауза за новата рунда.

Тоа меѓутоа, е лажна теза, затоа што последното проширување беше пред 7,5 години, кога Хрватска сама стана членка на Унијата, откако Македонија, поради тогашната антиевропска и антизападна власт, направи се што можеше, влечејќи некакви „црвени линии“ на „патриотизам“, за да го пропушти возот за НАТО/ЕУ.

Кога се би одело нормално и кога сега би се почнало со преговарањето, би биле потребни меѓу пет и седум години, за да уште некој поединечно, или во група, влезе во ЕУ. Тоа значи дека би се направила солидно долга „пауза“ во проширувањето од 15 години, што според германските гледања е долг период, во кои еден витален, стратешки регион се остава надвор од европското интегрирање.

Оставен на влијание на антиевропските домашни и странски сили и на оние кои и сега го градат евроскептицизмот, продавајќи божемен патриотизам во земјите кои останаа надвор од Европа.

Софија против Берлин

Берлин, сепак, успеа најпосле да изгради консензус во Европа, уверувајќи ги сите дека е крајно време за поенергично зафаќање со Западен Балкан, со процесот за навлегување на ЕУ во регионот.

Посебно сега кога Македонија, со договорот од Преспа успеа да си ги отвори вратите кон евро-атланските асоцијации, да стане членка на НАТО и после децении чекање – да добие „зелено светло“ и од Европскиот совет (од лидерите на ЕУ) за отпочнување на преговарачкиот процес за влез во Унијата.

Меркел во својот инаугурален говор во Европскиот Парламент и ги извести парламентарците дека Република Северна Македонија ги има исполнето сите обврски што претходно и беа поставени и сите услови кои беа барани, па дека во периодот од германското претседавање, до крајот на 2020 година, Скопје и Брисел ќе ги отворат пристапните преговори.

И, тогаш се јави Бугарија на сцена, одново со тамошниот национализам и со софиската историска негација на македонската посебност.

Софија одби да ги прифати преговарачките рамки, за разлика од сите други 26 земји-членки, со обвинување кон Македонија дека земјата не може да го отвори процесот, затоа што (наводно) води непријателска политика кон Бугарија!

Бугарско вето

Едноставно речено – Софија на своите европски партнери се обиде да им ја продаде приказната дека Скопје има „територијални претензии“ кон делови од Бугарија, како и дека „бара признавање на македонско малцинство“ кое, според бугарската влада, не постои. Изговор се најде во една стара резолуција на некоја комисија на Парламентот во Стразбур, иако токму софиските власти признаваат дека не знаат од каде таа се појави и кој и кога ја има поднесено.

Во секој случај, Бугарија ја БЛОКИРА Македонија, стави ВЕТО за нејзиниот европски пат и ги понижи и Меркел и Германија кои почетокот на македонскиот пристапен процес го најавија на „голема врата“ како еден од приоритетите на германското претседателство.

И, се застана. Бугарскиот премиер од силен проевропеец, македонски пријател и поддржувач на европеизацијата на Македонија и регионот, се претвори во софиски политичар од стариот бугарски и балкански тип – одново промовирајќи ги царистичката историја и комунистичката пропаганда од времето на тамошниот советски комунизам.

Португалците против блокадата

Според распоредот, направен од порано, Португалија ја наследи Германија на претседавачката позиција во ЕУ, па сега Лисабон ќе треба да се бори со Бугарија, за пробивање на блокадата, кога таму, пред крајот на март, ќе се одржат парламентарни избори.

Воинствени и со се уште присутната националистичка реторика, од Софија побрзаа да порачаат дека таму ништо нема да се измени (кон Македонија) без разлика дали ќе победи десницата, или левицата.

Во деновите пред новогодишните празници, бугарската страна продолжи да праќа обвинувачки пораки кон Скопје, за наводно крадење на историјата и покренувајќи работи кои значат ставање на националниот идентитет и јазикот на една земја-кандидат, како услов за старт на преговорите за прием во ЕУ.

Таков услов немал никој од земјите кои се во ЕУ, немала ниту Бугарија, иако можеби некои и би сугерирале преиспитување на бугарските словенски корени, доколку се тргне со небулозите од копањето по историјата, по националниот идентитет и по потеклото на некој европски јазик во процесот на евроинтегрирањето.

Португалија, меѓутоа, останува на позицијата која ја има заземено Европскиот совет, а пред него и Европската комисија дека Скопје и Брисел треба да го отворат процесот за преговори, затоа што тоа ќе значи ревитализација на процесот за проширување за кој СИТЕ се согласуваат.

„Прашањата мора да се решат“

Португалскиот шеф на дипломатијата, Аугусто Сантош Силва, на средбата со европратениците, на која ја презентираше платформата на неговата земја – категорично застана на позицијата дека Португалија е „мошне амбицирана“ за продолжување на проширувањето на Унијата.

„Сакаме да придонесеме – да се одобри преговарачката рамка со Република Северна Македонија (која Софија ја блокира), како и со Република Албанија и во тие рамки да продолжат запрените преговори со Србија и со Црна Гора“

….има речено Сантош Силва во Одборот за надворешна политика на Европскиот парламент (АФЕТ).

Во Европскиот Парламент, португалскиот министер ќе рече: „Прашањата меѓу Бугарија и Република Северна Македонија МОРА ДА СЕ РЕШАТ, затоа што тоа се одразува и врз Европската Унија ВО ЦЕЛИНА“.

Изразувајќи увереност дека е можен напредок во преговорите кои ги водат двете страни, Сантош Силва ги уверил европратениците дека ТРЕБА ДА СЕ СПРОВЕДАТ ОДЛУКИТЕ од минатогодишниот, последен Самит на ЕУ, околу отворањето на преговорите со Македонија.

Приоритет на Лисабон

Кога станува збор за тоа, Македонија нема добиено никакви дополнителни барања од Европскиот совет (во кој е и Бојко Борисов), ниту пак исполнување на некои нови услови. Одлуките за Македонија, да почне преговори со Брисел се отворени и остануваат да се спроведат – такви какви се.

Треба да се одоброволи Софија, која дозволи да стане зависна од своите вмровски, ултра-десничарските националисти. Од Скопје се бара да се договори со бугарската страна само затоа што е СТАВЕНО ВЕТО.

Пред промоцијата на португалското претседателство, амбасадорката на оваа земја за Македонија Вирџинија Пина, на премиерот Зоран Заев му ги има дадено истите уверувања на владата во Лисабон.

За тоа дека еден од нивните ПРИОРИТЕТИ додека претседаваат со ЕУ е старт на преговорите со Македонија.

„Ние ќе направиме се – првата меѓувладина конференција да се одржи во првата половина од оваа година“ – има речено амбасадорката Пина.

Како понатаму?

После се ова, делува неразбирливо (или можеби не) паничната, депримирачка реакција на скопските медиуми и на дежурните „фрустратори“ на социјалните мрежи дека португалскиот амбасадор во Брисел има речено дека Македонија, како и проширувањето не се португалските приоритети. Што ќе рече дека зборувал спротивно од неговиот шеф – министерот за надворешни работи – и дека застанал зад бугарските ставови!

Изјавата на тој амбасадор се појави пред настапот на Сантош Силва, па излегува дека – или некој одново подметна фризирана изјава, или пак постои „раздор“ во португалската дипломатија.

Но, целата оваа елаборација, во секој случај, не значи дека Софија ќе се обиде да се извлече од ситуацијата, играјќи засега на картата да се копира Грција и да се уценува Македонија, сега кога е пред вратата на ЕУ.

Во тој случај, Софија има проблем – нема разбрано дека “спорот“ со Грција е сосема различен од она што го прави Бугарија, казнувајќи го Скопје со вето во грчки стил.

Од друга страна, и бугарската позиција во Унијата е различна од грчката. Освен доколку Софија, во случајов, не врши работа за некој друг, или пак сака да смени страна – да отиде во друштвото на Будимпешта и Варшава.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе