Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

„Војна“ за вакцините

Vladimir Zuev/BigStock.com

„Војна“ за вакцините

Во екот на глобалната пандемија со коронавирусот, од кој досега – за прв пат после сто години – се заразени дури 104 милиони луѓе на сите континенти, се одвива и вистинска „војна“ за вакцините против овој вирус.

Светот кој доцна есеноска воодушевено го поздрави откритието на првите вакцини, после интензивното трагање да се дојде до „волшебната формула“ со која би можело да му се застане на патот на вирусот, што повеќе од една година ја тероризира Планетата, по само неколку месеци од тие денови на радост и надеж,  се соочи со поразувачкото сознание за катастрофалниот морален пад и за нехуманоста, при дистрибуцијата на вакцините.

Богати и сиромашни

Никој не веруваше дека работите ќе отидат толку далеку, па вакцините создадени за спас на СИТЕ луѓе, од фармацевтската индустрија и од некои политичари ќе се користат за создавање национализам во вакцинацијата, за евтино политиканство и за орудие за собирање предизборни поени, во земјите каде ќе се гласа.

Светот уште еднаш разбра колку е длабоко поделен – на оние богатите и моќните кои затоа и не почитуваат никакви договори и на сиромашните и политички-економски помалку моќните кои веруваа во договореното и во почитувањето на редот.

„Војната“ тргна од моментот кога (како што можеше и да се предвиди) фармацевтските компании кои прават вакцини, сепак,  не можат да ги задоволат сите потреби кои овој пат се однесуваат на популација од милијарди луѓе, иако претходно уверуваа дека сите ќе бидат задоволени.

Прво, „Фајзер-Бионтек“ објави дека не може да одговори на сите барања, а потоа и „Астра-Зенека“ која е врзана со лабораторијата во Оксфорд (Англија), соопшти дека во следните две тримесечија ќе испорача помалку вакцини од договорените – за пазарот на ЕУ.

Хаос и гнев

Настана хаос и целосно растурање на сите претходни шеми за дистрибуција и договорени зделки, иако за се постоеја прецизни планови – сите нарачатели, постепено, да ги добиваат дозите вакцини, онака како што ќе тече вакцинацијата на населението. Ветување дадено уште во времето пред било која вакцина да добие лиценца за дистрибуција.

ЕУ за своето население (вклучувајќи ги и земјите од Западен Балкан кои се кандидати за Унијата) има нарачано количество од милијарда дози, за што однапред има дадено и 2,7 милијарди евра за финансирање на истражувачките работи за откривање на вакцината.

Хаосот се претвори во гнев, кога почна да се открива дека некои земји – пред се, Британија, како и Израел – за повеќе пари, по повисока цена, добиваат вакцини.

Притоа, уште и се фалат пред својата јавност дека тие се најдобри и најуспешни во вакцинацијата.

Или што ќе рече – тамошните политичари се трудат да ги уверат своите граѓани (и гласачи) дека тие се и најзагрижени за нивното здравје – иако не почитуваат никакви договори.

Уште по поразувачко беше сознанието дека фармацевтите ја користат актуелната кризна ситуација, за да остварат поголема заработувачка и за правење екстра профити.

Астра-Зенека работи за Британија

На удар се најде британско – шведската компанија Астра-Зенека за која се откри дека (практично) работи само за британскиот пазар и само за потребите на британската влада и нејзиниот испаничарен премиер Борис Џонсон.

Тој покрена кампања за масовно вакцинирање, имајќи зад себе „своја“ компанија, во обидот да се извлече од шокираноста на британската јавност дека досега над 100 илјади Британци се починати од короната, најмногу во Европа, што е и најголема британска смртност по Втората светска војна.

Целта на британскиот премиер беше и се уште е, со интензивното вакцинирање и силната кампања, меѓудругото, за да ја сочува и својата позиција, тешко погодена поради неснаоѓањето на почетокот од пандемијата, кога владата во Лондон, но и целата домашна јавност, ја игнорираа заканата.

Во секој случај, самото масовно вакцинирање, како мерка е сосема во ред, иако вакцините не лекуваат, туку треба да го запрат ширењето на вирусот,  но се покажа дека целата таа операција на Лондон тече на штета на другите. Пред се, на ЕУ, од каде Британците излегоа пред еден месец.

Закани со суд

Избувна војна, откако остро реагираше Брисел, барајќи од Астра-Зенека да се држи за договорот и ако треба да почне да и дистрибуира вакцини на ЕУ од оние што Британците ги сметаат за свои.

Неколку земји членки се заканија со тужби против оваа компанија, затоа што се чувствуваат измамени и затоа што останаа без вакцини – за втората доза.

Тоа, практично, доведе цела Европа да го запре вакцинирањето, во исто време додека Џонсон и Британија најавуваат дека ќе ги вакцинираат- „ако треба сите“ – со само една доза – за што имаат набавено резерви кои им се на залиха.

Во меѓувреме, се појавија стручни анализи за тоа дека вакцината на Астра-Зенека нема таква моќ на имунитет како што имаат другите, а Германија отиде најдалеку, па објави дека вакцината на оваа компанија нема да им се дава на лица постари од 65 години.

Брисел, сепак, одржа неколку состаноци со раководство на компанијата, барајќи излез од кризата, а нејзиниот претседател Паскал Сорио настојува со невешти објаснувања и со контра – напади да се спасува пред гневната европска јавност.

Кој прв до вакцината

Брисел тврди дека од нив има порачано 80 милиони дози за до крајот на март, а Астра-Зенека вели може да испорача само 30 милиони, а во вторите три месеци (до јуни) дури 50 отсто помалку од порачаните.

Во ЕУ има навестувања дека би можело да се случи, вакцината од оваа компанија воопшто и да не влезе на европскиот пазар, па Унијата да се сврти кон другите производители. Русија, на пример, нуди 100 милиони дози од својот Спутник вакцини.

Во ваквата атмосфера, Астра-Зенека се брани дека имало проблеми во производниот процес. Тоа може и да е точно, но излегува дека проблемите се однесуваат само за европскиот контингент, а не и за британскиот, зашто за Британија нема застој во дистрибуцијата, па тие прават за неа колку што Лондон ќе порача.

И додека, Британците создаваат залихи, претседателот на компанијата Паскал Сорио, во интервју за римска „Република“ инсистира дека компанијата не е за ништо виновна!

Според него, Британците, преку лабораторијата Осфорд, уште во јуни нарачале 100 милиони дози вакцини, што е сомнително тврдење.

Во тоа време владата во Лондон прогласи „ослободување од локадаунот“ и ги праќаше своите туристи низ Европа и светот на летување и одмор.

Не мислеше на епидемијата, а на повидок немаше знаци дека е блиску производство на анти-корона вакцина.

Британски модел

Сорио уште тврди дека договорите со ЕУ и не се правно обврзувачки, за да може да се покренуваат тужби. Сега, меѓутоа, и ветува дека работите би можело да се забрзаат, иако е категоричен – ЕУ и другите не можат да ги земат за себе дозите кои се наменети за Британија. „Едноставно, пренасочувањето на вакцините кон Европа, не е можно“ – рекол првиот човек на Астра-Зенека.

Британија сега рекламира и некаков свој модел – масовно вакцинирање само со една доза.

Паскал Сорио уверува дека тоа е во ред и дека таквото вакцинирање може да ја одигра својата епидемиолошка мисија. Голем број стручњаци, меѓутоа, тврдат дека работите не може така да се гледаат.

Според овие, тоа е како да примате лек (да речеме антибиотик) за кој производителот препорачува определена доза за да се запре инфекцијата, а вие примате половина од таа доза и сакате да оздравите.

Така или не, британската јавност е одново преплавена со написи на проториевските весници, исполнети со злоба кон ЕУ/Европа, сите направени во стилот на Брегзит кампањата. Пораката е дека  и оваа крзна ситуација покажува дека на Британците им е подобро сами, отколку да се во Унијата.

Додека ЕУ се бори да набави вакцини, Британија масовно вакцинира- гласи пропагандната порака.

Сепак, не е баш така, но на Џонсон и на брегзитерите ваквите пораки им се многу потребни – посебно откако се дозна дека мнозинството во Британија смета дека било грешка што е напуштена ЕУ.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Здравје

Горе