Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Западен Балкан еден од приоритетите на Бајден

Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, Joe Biden (48651032061), CC BY-SA 2.0

Западен Балкан еден од приоритетите на Бајден

Во условите во кои се најде САД, како последица на делувањето на претходната администрација, а посебно во кризата што ја предизвика Доналд Трамп, одбивајќи да ги прифати изборните резултати, изгледаше дека новиот претседател не ќе може глава да дигне од домашните проблеми.

Како никогаш досега транзицијата на власта, само неколку денови по нападот на трамповите банди врз Конгресот, се одвиваше во тешка атмосфера од длабоката поделеност во општеството – врз расна, идеолошка и социјална основа -и  со реална закана од обнова на ултра – десничарското насилство и на белите расисти.

Во една таква ситуација, проценките беа дека на Џо Бајден ќе му треба време за да почнат да се смируваат тензиите на домашната сцена, особено што претстои судење на Трамп во Сенатот, по покренатата постапка за импичмент.

Излегување од изолација

Тоа требаше да значи дека новата администрација не ќе може веднаш да се зафати со меѓународните состојби, каде претходниот претседател направи повеќе штета, отколку нешто полезно, уште и изолирајќи ја Америка, со повлекувањето еднострани потези, без консултации со своите сојузници.

Едноставно, аналитичарите, посебно оние во Европа, сметаа дека светската сцена ќе треба да почека на враќањето на САД.

Кога станува збор за Западен Балкан, пак, изгледаше дека за новата администрација во Вашингтон регионот нема да се најде меѓу нејзините приоритети, барем до средината на годината.

Излезе, меѓутоа, дека Бајден и неговиот тим, настојуваат брзо да ја вратат Америка таму од каде тие пред нив – еднострано – се повлекоа. Светот, а посебно Европа, имаат потреба од присуството на САД во меѓународните односи, а тоа се однесува и за регионот во кој е Македонија. Без разлика што во него нема ситуации кои би можеле да ја загрозат безбедноста на поширок план.

Шест приоритети

Како и да е, само неколку денови по инаугурацијата, стана јасно дека Западен Балкан високо котира во приоритететна листа на новата американска дипломатија и на Белата куќа. Меѓу шесте такви точки – какви што за САД се Авганистан, Иран, Кина, Русија и Украина, како шести приоритет е поставен Западен Балкан.

Ваквата определба на новиот претседател Бајден стана јасна по неговиот телефонски разговор со германскиот канцелар Ангела Меркел.

Според соопштението за разговорот на владата во Берлин, американскиот претседател ја истакнал желбата за продлабочување на билатералните односи, кои беа сериозно нарушени во изминатите четири години со претходната администрација во Вашингтон.

Затегнатите односи, како ретко кога по Втората светска војна, честите критики на Трамп упатени на сметка на Меркел, поради низата точки на неслагања со германската и со политиката на ЕУ, како и јавните прозивки во врска со НАТО, кулминираа со казнувањето на Германија , откако Трамп објави дека ги повлекува американските војници, стационирани на германска почва.

Обнова на транс-атланските односи

Во соопштението нема ништо за ова прашање. Но, од американска страна била истакната намерата за ревитализација на транс-атланското сојузништво, вклучувајќи ги и односите и врските со НАТО и со Европската Унија. За Бајден, кој е силен приврзеник на врските со Европа и на постоењето цврста, стабилна и единствена ЕУ, тоа претставува камен – темелник на колективната безбедност и на заедничките демократски вредности.

Двајцата лидери притоа се согласиле околу шесте приоритети во меѓународната политика и меѓународните односи, во кои е сместен и регионот на Западен Балкан, потенцирајќи ја  важноста од глобалната соработка и од враќањето на САД во мултилатералните организации, како и од содејството во опоравувањето на светската економија.

Сосема идентично е интонирано и соопштението на Белата куќа, што само може да ги радува американските западни сојузници. Тие со Трамп како претседател на САД, веќе почнаа да се подготвуваат за постепено градење на сопствена, европска, надворешно – политичка и безбедносна политика, која би тргнувала од интересите и стратегијата на ЕУ, кога веќе беа соочени со игноранцијата од другата страна на Атлантикот и со обидите да се дестабилизира Унијата.

Бајден контра Трамп

Колку за потсетување, Трамп уште од почетокот беше за Брегзит и за излегување на Британците од ЕУ, постојано потхранувајќи го англискиот евроскептицизам, знаејќи дека на тој начин се слабее моќта и кохезијата на Унијата. Стратегија кон ЕУ која, инаку, подолго време ја практикува и Русија.

Освен тоа, Белата куќа настојуваше да гради блиски и специјални врски само со две членки на Унијата – Унгарија на Орбан и Полска на Качински – кои се постојано во судир со Брисел, затоа што отстапуваат од законите на ЕУ и од нејзините демократско – либерални стандарди врз кои таа се темели. Беше јасно дека целта на таквата политика беше поткопување на европското единство.

Сосема е спротивна позицијата на Џо Бајден кој уште како дел од администрацијата на Барак Обама и како потпретседател на САД, беше против Брегзит и се спротивставуваше на слабеењето на ЕУ, затоа што е уверен дека од силната и единствена Европа полза имаат и САД.

Не е, затоа, необично што  во разговорот со Меркел, тој најавува враќање на Америка на старите позиции за соработка и за содејство.

Тоа е потребно кога станува збор за иднината на военото присуство во Авганистан и мирот во оваа земја, но и околу спасувањето на нуклеарниот договор со Иран, што Техеран го има со меѓународната шесторка – САД, Велика Британија, Франција, Кина, Русија и Германија.

САД се враќаат во регионот

Заеднички позиции се неопходни и при другите приоритети, како што се Кина, со која САД од времето на Трамп се во трговска војна. Но, Кина се претвора во закана за американските интереси на Далечниот Исток и  во Југоисточна Азија, како и за европските интереси, по засиленото кинеско (инвестициско) навлегување во Европа и ЕУ, зад кои стојат и стратешките  интереси на Пекинг.

Тука се и Русија, со Владимир Путин кој го зацврснува авторитарниот начин на владеење, како и Украина која, практично, е расцепкана и е налик на Грузија, после руската анексија на Крим и  воената интервенција во Донецк и Луганск, пред без малку седум години.

Што се однесува до Западен Балкан, добро е да се знае дека Америка, која во времето на Обама, изгледаше како да се повлече од регионот, оставајќи и ги на ЕУ неговите состојби и проблеми , се враќа во регионот- за да остане присутна. Конечно, токму Бајден, како потпретседател на САД, на два пати има доаѓано (во БиХ и во Србија), а многумина познавачи на регионалните  состојби  се во екипата на новиот претседател.

БиХ и Косово

Во ваквите прилики, треба и сега да се очекува, главниот акцент на американскиот интерес за регионот да биде ставен врз состојбите во БиХ, како и на Косово.

Кога станува збор за БиХ, Американците (по се изгледа) притискаат за некаков Дејтон-2. Односно за преуредување на мировниот договор од пред повеќе од 25 години, за да оваа држава стане функционална и за да не биде постојано на работ од растурање.

За Косово, пак, проценките на регионалните аналитичари се дека новата администрација во Вашингтон уште повеќе ќе притиска врз Белград и Приштина да постигнат спогодба за идните односи, а сето тоа да заврши со меѓусебно признавање. Или, ако тоа не може да се постигне, затоа што српската страна веќе има речено дека нема да прифати такво решение, тогаш да се обезбеди слободен пат за влез на Косово во ОН.

А, што се однесува до Република Северна Македонија, таа може да има само полза од ставањето на целиот регон во приоритетната листа на САД. Без разлика што земјата сега е членка на НАТО и е на патеката за ЕУ – определба што Вашингтон со години на ред силно ја подржува и ја брани. Во условите кога сега Бугарија прави блокади и става вето, добро е да се знае дека Америка е на твојата страна.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе