Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Бродот на Агата Кристи одново плови по Нил

Бродот на Агата Кристи одново плови по Нил

Еден век по неговото прво крстосување по Нил, парниот брод „Судан“ одново ќе превезува туристи на мошне популарното патување по најголемата африканска река, враќајќи го притоа и духот од времето на Агата Кристи, легендарната писателка на криминалистички романи.

Овој брод, изграден од дрво, во јужниот египетски град Асуан, ја има инспирирано прославената британска писателка – позната и како „кралицата на криминалните приказни“ – да го напише и во 1937 година да го објави романот „Смртта на Нил“.

Станува збор за приказната за нејзиниот детектив Херкул Поаро кој во текот на крстосувањето по реката ги истражува убиствата – меѓу богатите и угледни туристи – што се случуваат на бродот во текот на патувањето.

Спасување на „Судан“

Всушност, додека Агата Кристи била на крстосување по Нил, во друштво на исто така богати странски туристи, во гламурозната атмосфера која ја нудел бродот, има добиено инспирација за романот што ќе биде еден од нејзините најдобри и најпопуларни дела.

А, египетската компанија која го има купено „Судан“, спасувајќи го од целосно пропаѓање, сега се обидува да ја искористи таа приказна поврзана со Кристи, како најдобра реклама за бизнисот што се подготвува да го покрене.

Во целосно обновениот брод кој наместо пареа,  сега го покренува дизел мотор, а наместо јаглен користи соларна енергија, се друго, до најситните детали, е истоветно на „Судан“ како во времето кога по него се крстосувало и кога како патник, во една прилика, била и Агата Кристи.

Враќање во минатото

Затоа и сегашните крстосувања по Нил се означуваат како враќање во тоа време, кога бродот и послужил на писателката за сцена на која се одвива нејзиниот роман, овековечен подоцна во неколку филмски верзии и телевизиски адаптации.

Бродот е изграден уште во 1885 година, за тогашното египетско кралско семејство.

Во крузер по реката е претворен во 1921 година. Агата Кристи била на едно од тогашните крстосувања со својот втор сопруг, археологот Макс Малован, во 1933 година, додека тој има работено во Египет на археолошки ископувања.

Од компанијата која стопанисува со него велат дека бродот сега целосно потсетува на тоа време. И сега има 23 кабини и апартмани, а најбаран од сите е апартманот во кој престојувала писателката со сопругот.

Кабината на писателката – најбарана

Луксузното патување по Нил трае осум денови, со две преноќувања на копно, а целиот аранжман чини четири илјада долари, по човек.

Првото крстосување е закажано за октомври, годинава, само поради актуелната ситуација со коронавирусот и мерките за ограничување, што (велат) ја има тешко погодено египетската туристичка индустрија.

Но, од компанијата објаснуваат дека се максимално задоволни од интересот за пловење по Нил во стилот на Агата Кристи, опишан во нејзиниот роман.

За добивање бродска кабина мора да се чека на ред – две години, а за користење на бродскиот апартман на писателката – редот бил уште подолг.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе