Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Почина Мира Фурлан

Luigi Rosa, Mira Furlan 02 (2008) Cropped, CC BY-SA 2.0

Почина Мира Фурлан

Познатата југословенска и хрватска актерка, Мира Фурлан која кариерата ја продолжи во САД, почина во нејзиниот дом во Лос Анџелес, од компликациите настанати откако заболела од западно-нилската треска. Имаше 65 години.

Фурлан има стекнато меѓународна слава со своите настапи во две култни телевизиски серии кои имаат постигнато успех кај гледачите. Во научно – фантастичната серија „Бабилон 5“ каде има една од главните улоги и во серијата „Lost” („Загубени “) во која ја толкува ликот на Даниела Русо, научник, загубена на еден далечен остров.

Две култни ТВ серии

Би-Би-Си ги пренесува изјавите на продуцентите и сценаристите на двете серии во која тие изразуваат длабоко жалење и неверување во трагичниот крај на актерката, признавајќи дека знаеле за нејзиното нарушено здравје, но дека сепак верувале, дека таа ќе се извлече од таквата состојба.

Агенциите, пренесувајќи ја веста за смртта на актерката од овие две американски тв серии, ја пренесуваат и нејзината последна порака на Твитер.

„Гледам во ѕвездите. Во јасна ноќ го гледам Млечниот пат кој ми изгледа толку блиску. Таму наскоро ќе заминам“ – стои во твитот, за кој се вели дека е извадок од нејзината автобиографија, на која има работено.

Серијата „Бабилон 5“ е правена и емитувана од 1994 до 1998 година, во пет сезони, додека хит серијата „Загубени“ од 2004 до 2010 година. Има настапувано и во други телевизиски проекти, има напишано еден драмски текст и издадено музички албум, заглавен како „Песни од филмовите што не беа снимени“.

Бегство од татковината

Мира Фурлан е родена во Загреб во 1955 година.

На југословенскиот простор и во Хрватска е позната по бројните театарски, телевизиски и филмски улоги, пред да емигрира во Америка. Светските агенции ја издвојуваат нејзината улога во филмот „Татко на службен пат“ (1985) кој има освоено „Златна палма“ на фестивалот во Кан и беше номиниран за Оскар.

Во 1991 година, заедно со тогашниот партнер, а подоцна сопруг, филмскиот режисер Горан Гајиќ, преку Белград, се префрла во Њујорк, признавајќи дека бега од државата која се распаѓа и незадоволна од она што тоа време се случува во родната Хрватска.

Нејзината врска со човек кој не е Хрват (сопругот е од српска националност) е повод во Загреб да ја навредуваат и да и се закануваат дека наводно „извршила предавство на хрватството“, како и дека се претворила во „српска проститутка“.

Дури во 2008 година, за прв пат ќе даде интервју за хрватската телевизија.

„Во САД, почнав од нула – како во животот, така и во кариерата“ – има речено Фурлан, признавајќи дека на почетокот има работено како келнерка и продавачка.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Екстра Глобал

Горе