Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

„Последниот бранител на либералниот Запад“

"G20 Berlin-45" (CC BY-NC-ND 2.0) by presidencebenin

„Последниот бранител на либералниот Запад“

Оваа 2021 е изборна години за ЕУ/Европа. Дури во десет земји треба да се одржат парламентарни, регионални, или општински избори што ќе остават печат врз внатрешно – политичките прилики во секоја од државите.

Но, тие иако во основа национални, секогаш оставаат печат и врз вкупната европска политика, особено доколку се гласало во некоја од државите кои важат за „големите играчи“ на Унијата.

Оваа година, уште сега се означува како посебна, затоа што ЕУ, но и Европа ќе мора да се навикнат да живеат без Ангела Меркел, која се повлекува од германската и од европската политика, после 15 години како неприкосновен лидер на Германија.

Тешка транзиција

Угледниот американски весник „Њујорк Тајмс“ веќе ја означи Меркел како „последниот бранител на либералниот Запад“. Бриселски „Политико“, меѓутоа, забележува дека нејзиното отсуство ќе се почувствува и дека периодот на транзицијата нема да биде лесен.

Не поради тоа што не се знае кој ќе биде нејзиниот наследник на функцијата канцелар на Германија, туку поради вакуумот што ќе го остави пензионирањето на Меркел.

За нов лидер на германските демохристијани, партијата ЦДУ на Меркел, беше избран Армин Лашет кој се означува како „нејзин човек“, затоа што како политичар е определен за средната линија во десно-центристичка идеологија која таа ја бранеше и успеа да ја одбрани сите изминати години – како дома, така и во рамките на Унијата.

Врз таа и таквата определба Меркел секогаш ја имаше наклонетоста на домашните гласачи, а во европски рамки успеваше да го одржува политичкиот баланс, спремноста за преговарање и договарање и кога во другите земји членки на ЕУ, доминираа лево – центристичките партии.

Макрон наместо Меркел

Лашет ја доби битката во ЦДУ, но не се знае дали тој ќе биде и идниот германски канцелар, по изборите пред крајот на септември. Едноставно, се уште не се знае дали за канцелар ќе се кандидира партискиот лидер, или пак, во трката за канцелар ќе се понуди друг кандидат.

Како и да е, Лашет и да стане новиот германски канцелар, факт е дека тој е сосема нов и малку познат на европската сцена. Освен тоа, на почетокот тој, или некој друг, по изборите – сакал, не сакал, прво ќе мора се сврти кон домашните работи.

А, на европската сцена – во тоа се согласуваат многу аналитичари – нема ниту еден политичар кој би можел брзо да ја пополни празнината што останува зад Меркел.

Французите гледаат шанса (најпосле) да ја преземат лидерската позиција во Европа. Така предвидуваат и многумина европски политички експерти.

Другите, пак, со право забележуваат дека на Париз и на Емануел Макрон ќе му биде потребен и силен човек во Берлин, што, пак, не може веднаш да се бара од новиот германски канцелар.

Има и мислење дека Макрон, како човек и како политичар е сосема различен од Меркел, затоа што не е оној кој обединува, туку често знае да предизвикува поделби (на европско ниво) иако за некои работи и состојби бил, а и сега е во право.

„Пирова“ победа

Сепак, ЕУ е изградена и се гради врз компромиси и врз постигнувањето согласност на земјите – членки, а актуелниот француски претседател често заговара порадикални реформи кои – во основа можеби се добри – но за да се спроведат бараат многу време, трпение, преговарање и на крајот постигнување компромиси, што тој како да не е секогаш спремен да ги направи.

За неговите реформски планови за ЕУ се зборува дека се преамбициозни и дека често делуваат радикално, како и тоа дека тој би изгубил и цела една година за да нешто постигне.

Меркел е сосема поинаква. Кога на почетокот на јули го презеде ротирачкото претседателство на ЕУ, таа се определи за најважното во тој момент – за економското опоравување на земјите од Унијата, сите тешко погодени од пандемијата со коронавирусот и на крајот од шестмесечниот мандат таа успеа да истурка усвојување на масивниот финансиски пакет тежок 750 милијарди евра.

Трпеливо градеше и изгради (заедно со другите) компромис, откако Унгарија и Полска ставија вето, несогласувајќи се користењето на европските пари да биде условено со владеењето на правото.

Победата на Меркел беше означена како „пирова“ но победа беше неопходна за сите во Унијата, без разлика на уцената на овие две поранешни комунистички земји кои откако се во ЕУ и тоа како добро се имаат „нафатирано“ со парите од европските фондови.

Софија ја понижи Германија

Германската политичарка одигра важна улога и во конечното затворање на Брегзит, иако беше постојано критикувана од Лондон и мораше постојано да слуша како Париз е незадоволен, а се постигна и инвестициски договор со Кина.

Во своето последно претседателствување со ЕУ, Германија и Меркел не успеаја само во едно – да се трасира патот за влезот на Европа во регионот на Западен Балкан, преку отворање на преговарачкиот процес со Република Северна Македонија.

По целосниот застој на тој процес со Црна Гора и со Србија, германското претседателство на самиот старт најави дека во мандатот на Меркел ќе се одржи првата меѓувладина седница на Скопје и Брисел.

Но, тогаш се појави Софија ставајќи вето и поставувајќи небулозни барања.

Пред се, јазикот на Македонците да се прикажува како бугарски, а отворањето на европскиот процес да се условува со тоа Скопје да прифати дека целото македонско минато е „бугарско“.

Овде веќе немаше простор – ЕУ, Европската комисија и Меркел да прават компромиси, затоа што бугарската страна, својата блокада ја оправдува со наводно, нерешени билатерални спорови. Тоа, секако, е измислица на бугарската влада и на премиерот Борисов, присилен да прави компромиси дома – со националистите и ултра-десничарите од софиското ВМРО, за да остане на власт.

Преговори и компромиси

Сега тоа продолжува да го прави, затоа што му претстојат околу два месеци до тамошните парламентарни избори, а тоа нему и на неговата партија им е поважно од европеизацијата на регионот. Борисов кој постојано се прикажуваше како Европеец на Балканот и тресна врата на Меркел – пред носот, газејќи го сето она што претходно го имаше направено за целиот регион (и за Македонија).

Успешноста на се уште актуелниот канцелар на Германија за преговори и за градење доверба, со компромис во интерес на европската (секако и германската кауза) и овозможи таа да се промовира себе си како европски лидер.

Некои европски дипломати се сомневаат дека Емануел Макрон може да се избори за една таква позиција, која Париз силно ја посакува.

Истите овие дипломати дури и не веруваат дека Макрон, ако беше на местото на Германката, во втората половина од 2020, ќе можеше сето ова да го реализира – правејќи ги неопходните компромиси.

Така или не, Ангела Меркел, сепак, сама и без поддршката на Париз, не ќе можеше сето ова да го направи.

„Моторот“ на Европа

Познато е дека Германија и Франција во изминатите години се надополнуваат, па на тој начин и изградија односи што сега ги прави „моторот на Европа и на европското интегрирање“.

Фондот за санација на европската економија, што беше прифатен пред Нова година, е варијанта на француското барање за создавање буџет на еврозоната, што инаку Макрон го истакна како негов и француски приоритет кога во 2017 година стана претседател на Франција.

Тоа цврсто партнерство во изминатите години уште повеќе се зацврсна.  Според проценките на експерти во Брисел, за тоа се заслужни Доналд Трамп во САД и неговото антиевропејство, коронавирусот, но и амбицијата на Макрон да се подготви за да ја наследи Меркел како лидер на ЕУ.

Берлин, меѓутоа, се дистанцираше од тоа да се балансира меѓу НАТО и Источна Европа (Русија), па наместо тоа се сврте кон југот на Европа, кон Шпанија, Италија и Франција. Официјален Париз, од своја страна,  им помагаше на Меркел и на Германија кога им требаше новата визија за Европа.

Неискусно водство

Токму поради таа врзаност, сега кога Французинот очекува да се смести на лидерската позиција, во пост-Меркел Европа, станува јасно дека ќе му треба партнер во Берлин и тоа таков кој нема да биде кочничар, односно нема да  биде некој кого ќе го интересираат само домашните, германски работи и состојби.

Но, и кај Макрон не состојбите не се како што треба. Тој има цела низа сериозни проблеми внатре во Франција. Пред се, тоа е потребата од темелна санација и реорганизација на јавното здравство, надминувањето на економската криза и средувањето на состојбите во општеството. Потоа следи и спремањето за претседателските избори во 2022 години. А, тоа ќе значи дека после многу години, ЕУ ќе се соочи со неискусно водство.

Некои европски коментатори затоа и велат – добро е што во оваа ситуација повеќе го нема Доналд Трамп.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Едиторијал

Горе