Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Старата година испратена со празни улици

IngusKruklitis/BigStock.com

Старата година испратена со празни улици

Испраќањето на старата 2020 година и пристигнувањето на новата 2021, насекаде помина во “корона атмосфера“ и во сенка на се уште актуелната глобална пандемија.

Помина со забрана за собирање по градските плоштади, со речиси целосно празни улици, во услови на карантин и на полициски час, како што тоа го имаше во низа европски градови.

Не се памети новогодишната ноќ низ Франција (освен во воените години) да биде надгледувана од дури 100 илјади регрутирани полицајци – задолжени да ги „ловат“ оние кои ги прекршуваат мерките со кои им се забранува на луѓето да излегуваат од своите домови.

Полициски час во шест земји

Големите светски метрополи, но без Париз, само со вообичаениот огномет – точно на полноќ – потсетија дека годината 2020 која никој и никаде на светот не ја сакаше, поради короната и епидемијата, посакувајќи во честитките – никогаш повеќе да не се повтори.

Почна со Окланд во Нов Зеланд, кога во Европа се уште беше пладне, на последниот ден од старата година, па преку и овој пат спектакуларниот огномет во Сиднеј, во Австралија, над заливот и големиот мост што го надвиснува, за да продолжи преку Тајпеј, во Тајван и оној во Дубаи, до најголемиот таков спектакл во Лондон, овој пат продолжен повеќе од десетина минути, за да заврши во Њујорк, на тамошниот „Тајмс Сквер“ – кога во Европа веќе беше утро, во првиот ден од новата година.

Но, секаде, сите овие силни огномети поминаа без луѓе, само како претстави за телевизиските камери кои сето тоа им го пренесуваа на гледачите – затворени во своите станови и куќи.

Во Њујорк, каде на главниот тамошен плоштад се пречекува новата година, без малку, еден век, сега се собрале само малкумина осамени шетачи. И големите плажи во Рио, во Бразил, овој пат останаа без луѓе – пусти и празни.

Во Европа, каде вториот, или некаде и третиот бран од корона пандемијата, предизвикува најголеми проблеми во низа држави – полициски час, во новогодишната ноќ, имаше во Франција, во Италија, потоа во Грција, во Турција, како и во Чешка и Летонија.

Уништено Петриње

Покрај короната, преминувањето од старата, во новата година, во Хрватска помина и траурно поради катастрофалниот земјотрес што пред самиот крај на 2020 го погоди реонот на Петриње и најблиската околина, што се наоѓа јужно од Загреб.

Земјотресот со силина од 6,4 степени според скалата на Рихтер, речиси целосно го има уништено малото место Петриње, како и околните места, како што е тешко оштетениот град Сисак.

Во урнатите згради загинаа седум лица, десетици други се повредени, а само во Петриње се оштетени над две илјади станбени објекти.

Ова не е прв пат ова, инаку, рамничарско подрачје, да биде погодено од силен земјотрес, но последен пат тоа се случило во 1909 година, кога биле измерени 5,6 степени.

Сеизмолозите велат дека ова е најсилниот потрес во последните 140 години, откако воопшто се мерат потресите на земјината површина.

Загрепски експерт, земјотресот го објаснува со поместувањето на, како што има речено, малата тектонска плоча, што пред милиони години се има одделено од африканското копно, а сега се судира со европското. „Секогаш кога тоа ќе се случи, има потреси во Хрватска, во Италија и во БиХ, во Словенија и во делови од регионот“ – објаснил овој експерт.

Половина село „исчезна“ во Норвешка

Во речиси исто време со потресот во Хрватска, во Норвешка, лизгањето на тлото, во една голема долина, лоцирана североисточно од Осло, предизвика исчезнување на речиси половината од едно село.

Засега се знае дека целосно се уништени 30 станбени куќи, но експерти велат дека тој број сигурно ќе биде многу поголем, затоа што уште толку се наоѓаат на работ од големиот „кратер“ што го има направено лизгањето на земјиштето, во широчина од 300, а во должина од 700 метри.

Се почнало во средата, околу пладне, кога луѓето прво почувствувале два силни потреси на тлото, а потоа забележале како нивните куќи почнале да се движат. Испаничени, почнале да се јавуваат на телефони и да бараат помош.

Засега е откриено едно мртво тело, а десет други се водат за исчезнати. Од целата област Гјердум се евакуирани илјада негови жители.

Спасувачите настојуваат да ги откријат оние кои се водат како исчезнати (станува збор за цели семејства) се уште верувајќи дека може да најдат преживеани.

Проблемот е што тлото е нестабилно и не може да ги издржи големите специјализирани машини, а освен тоа дошло до нагло влошување на временските услови.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе