Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Нема слобода со кауција за Максвел

Ghislaine Maxwell, Ghislaine Maxwell, CC BY-SA 4.0

Нема слобода со кауција за Максвел

Британката Гислејн Максвел останува и натаму во притвор, во затворот во Њујорк и покрај понудената кауција од дури 28,5 милиони долари за да се брани од слобода.

Таа е обвинета и чека судење за сексуално подведување малолетнички во извиканата афера околу, сега починатиот, американски богаташ Џефри Епстајн.

И покрај олку високата кауција што во нејзино име ја понудија нејзините адвокати, судијата на њујоршкиот суд ја одбил понудата објаснувајќи дека останува стравувањето оти Максвел (59) би можела да побегне, или едноставно, да не се јави во судот на почетокот од процесот.

Кауција од 28,5 милиони

Таа ги отфрла сите обвинувања дека во времето додека му била партнерка на Епстајн, учествувала во „местењето малолетнички“ на возрасни мажи од високите слоеви на општеството, како и на луѓе од деловниот свет.

Ова е втор пат, судот да одбие понуда за кауција на Максвел, иако нејзините адвокати уверуваат дека таа до судењето постојано ќе престојува во својата куќа, во сојузната американска држава Њу Хемпшајар и дека се прифаќа куќата постојано да биде под стража.

Барањето за кауција за да се брани од слобода, адвокатите го објаснуваат со незадоволството од третманот на нивниот клиент во њујоршкиот затвор.

Тие тврдат дека Максвел била изложена на постојано понижување од чуварите на затворот, била постојано вознемирувана, а во нејзината келија се правеле претреси на секои 15 минути!

Судот не верува во гаранциите

Обвинителството во Њујорк, меѓутоа, инсистира дека таа и покрај вака високата гаранција и безбедносните мерки кои ги гарантираат адвокатите, таа треба да остане во затвор. Еден од обвинителите на сослушувањето рекол дека високиот износ не е гаранција дека нема да избега од САД.

Таа има имот и куќа и во Франција, а освен тоа е британска државјанка која ако побегне во Британија, таму би можела да покрене процес против тоа да биде екстрадирана во САД.

Таквите процеси, обично, траат долго и во случајот со осомничени како Максвел би можеле да се развлечат со години.

За Гислејн Максвел и за Џефри Епстајн се знае дека имаат живеено како невенчана двојка во деведесеттите години. Подоцна се имаат разделено, но нивната врска целосно не се прекинала.

Епстајн во август 2019 година се самоуби во затворот во Њујорк, чекајќи судење, под не до крај разјаснети околности, откако 14 години пред тоа, прв пат беше обвинет за секс со малолетничка.

Влез во високото општество

Максвел, која е ќерка на поранешниот британски медиумски тајкун Роберт Максвел и самиот починат под мистериозни околности, се обвинува за четири кривични дела, извршени меѓу 1994 и 1997 година.

Според обвинителството, таа се товари дека му помагала на Епстајн во „местење“ малолетнички, некои и на 14 годишна возраст.

Максвел се обвинува и за две други кривични дела, од 2016 година, за кривоклетство и за лажно сведочење. Доколку ја прогласат за виновна, би можела да добие казна затвор до 35 години.

Медиумите во САД ја прикажуваат како поранешна селебрити личност која во годините кога живеела со Епстајн, лесно влегувала во високите американски и британски кругови.

На тој начин, таа успеала во нив да го внесе и Епстајн и на тој начин да го запознае со поранешниот претседател на САД Бил Клинтон, како и со војводата од Јорк, британскиот принц Ендрју, вториот син на кралицата Елизабета.

Малолетничка проституција

Епстајн за прв пат е обвинет уште во 2005 година, кога една 14 девојка го има пријавено, но тогаш успеал да помине без поголеми проблеми, иако бил обвинет за недозволен секс со малолетничка.

Во ноември 2018 година, меѓутоа, весникот „Мајами Хералд“ на Флорида почнал да објавува прилози за Епстајн. По појавувањето на првите текстови, почнале да се јавуваат некои од негови поранешни жртви кои сега го обвинувале и за силување.

Кога некои од нив се согласиле и јавно да сведочат, реагирало обвинителството, па во 2019 година Епстајн бил повторно уапсен.

Но, овој американски милионер и пријател на британскиот принц беше соочен со многу повеќе и многу потешки кривични дела.

Не го товареа само за секс со малолетнички, туку и за организирање мрежа на малолетничка проституција за угледни и богати клиенти.

Една од тогашните малолетнички сега го обвинува и принцот Ендрју.

Но, тој ги отфрла категорично обвинувањата. Како и да е, по избувнувањето на аферата, беше натеран да се откаже од сите свои ројалистички обврски. Дури не се појави и на венчавката на својата ќерка, принцезата Јуџин.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе